Достапни линкови

Загрозување на колективното здравје преку лажни ковид тестови


илустрација
илустрација

Во периодот на пандемија се зголемил бројот на оние кои сакаат брзо да заработат, без притоа да внимаваат дали со тоа ќе го загрозат јавното здравје. Еден од начините кои се покажал како профитабилен е продажбата на фалсификувани ковид тестови, кои пак граѓаните ги користат за влез во друга држава

Влез во соседна земја со минимален трошок за едната страна и брза заработка на другата страна која обезбедила лажен негативен тест за ковид 19. Во услови на пандемија, овој вид „бизнис“ се појави и кај нас, а за некои се покажал како профитабилен.

Педесетина случаи на фалсификувани тестови за ковид 19 на граничниот премин кон Бугарија, триесетина вакви случаи на преминот „Блаце“ кон Косово и неколку на граничниот премин „Табановце“ кон Србија, открила македонската полиција во последните неколку месеци. Пред неколку дена, полициските службеници на граничниот премин кон Бугарија се посомневале во веродостојноста на документот за негативен ПЦР кој го покажале пет лица, а откако утврдиле дека се работи за фалсификуван тест, тие биле приведени и против нив е поднесена кривична пријава за загрозување на јавното здравје и за фалсификување на документ.

На граничниот премин „Деве Баир“, при контрола во автобус на туристичка агенција од Скопје, полициски службеници од Одделот за гранични работи и миграции откриле 30 ПЦР тестови за ковид-19, за кои постои основано сомнение дека не се валидни, односно дека не се извадени од овластена медицинска установа. Како што информираа од министерството за внатрешни работи, од слобода биле лишени двајца албански државјани и биле изведени пред Судија на претходна постапка. За останатите 28 патници - македонски државјани ќе бидат направени дополнителни проверки и против нив ќе бидат поднесени пријави до Основното јавното обвинителство по член 206 и член 378 од Кривичниот законик.

„Секој случај е различен. Во последниот случај имаме кривична одговорност за сторителите, а за казната одлучуваат судските органи. Наше е да ги документираме кривичните пријави, да ги предадеме на Јавното обвинителство, а потоа ЈО ја води постапката пред суд и им се изрекува соодветна казна на сторителите“, вели Тони Ангеловски, портпарол на МВР.

Од полицијата велат дека за секој случај се води истрагата со цел да се утврди како е направен фалсификатот и дали зад делото постои организирана структура.
МВР апелира до граѓаните да се однесуваат одговорно и да не го загрозуваат колективното здравје. Од друга страна на граѓаните ги советуваат да им веруваат и да се обраќаат само на овластени медицински лица кои се матични лекари или епидемиолози на Институтот или Центарот за јавно здравје и да не наседнуваат на измами.

Граѓаните на кои им треба негативен ПЦР тест за влез во некоја друга земја, тоа може да го направат само во акредитираните здравствени установи во државава, иако во минатото имаше случаи на здравствени ординации кои правеа такви тестови иако немале одобрение за тоа. Цените за приватно тестирање за ковид 19 од 1500 денари лани во март порасна до 5500 денари, но постепено се намалуваа и сега цената изнесува од 2600 во некои лабаратории до 2900 во одредени приватни клиники. Лажните тестови најчесто се продавале по цена од 500 до 1000 денари.

Пред три месеци една приватна здравствена установа и две лица од Виница беа исто така осомничени за продажба на лажни тестови за коронавирус, односно вршеле незаконска продажба на несоодветни брзи тестови за детекција на ковид-19. Тие од „клиентите“ наплаќале по 1.000 денари за наводниот тест, при што на жртвите им давале стапче и лента за сами да си земат брис од носот и од грлото. Применувале и друг начин, а тоа е пациентите сами да си земат крв и да капнат врз пластична лента, на која се појавувале една или две линии, кои потврдувале дали некој е позитивен на Ковид 19, или не. Двете лица и приватната здравствена установа се осомничени по член 210-а, од Кривичниот законик, за незаконско земање и користење на генетски материјал.

Во декември пак одделот за криминалистичка полиција и Секторите за внатрешни работи Скопје, Битола, Тетово и Куманово во координација со Агенцијата за национална безбедност изврши претреси на 11 локации и приведе седум лица под сомнение за продажба на лажни ковид тестови.

Според социолозите, овие случаи се особено изразени во период на пандемијата која предзвика економски последици. Желбата за брза заработка ги потиснува етичките и моралните аспекти и го извлекува на површина егоизмот кај човекот, објаснува професорот Илија Ацевски.

„Ние сме во една состојба во која моралното во човековата природа е доведено во прашање, особено во ова време кога на секој начин се бара патот до брза заработка. Како да почнуваат луѓето да се водат само од животинските нагони, се гледа само како да се спасат себеси и не размислуваат за последиците врз околината. Дел од нив само сакаа да добијат некоја моментална заработка или корист без воопшто да мислат на другите“, вели професорот Ацевски.

Во меѓувреме, на социјалните мрежи се почесто можат да се сретнат огласи од гатачки и бајачки кои тврдат дека поседуваат моќи да помогнат и против ковид-19, под одредена цена. А во услови на пандемија, дел од граѓаните наседнуваат на ваквите објави и напливот од суеверие од секаков вид.

Лажните тестови за ковид 19 и фалсификувањето на медицински материјал е нешто со кое се борат и меѓународните органи. Пред неколку месеци, по една од акциите на Интерпол во која беа запленети илјадници фалсификувани медицински производи, средства за дезинфекција и 17 000 лажни тестови за ковид-19 , генералниот секретар на Интерпол, Јирген Сток изјави дека додека земјите ширум светот продолжуваат со борбата со Ковид-19, криминалните мрежи кои ги дистрибуираат овие потенцијално опасни производи ја покажуваат само својата решителност да профитираат.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG