Достапни линкови

И натаму „очајно“ малку пари против загадувањето


Главниот град Скопје во услови на високо ниво на аерозагадување. Проценките според изработени научни студии се дека во Македонија годишно има над 3.000 случаи на предвремена смрт поради загадениот воздух.
Главниот град Скопје во услови на високо ниво на аерозагадување. Проценките според изработени научни студии се дека во Македонија годишно има над 3.000 случаи на предвремена смрт поради загадениот воздух.

Во Предлог-концепт за водење на стратегиска борба против загадувањето изработен минатата година од страна на експерти, направена е пресметка дека само за аерозагадувањето се потребни најмалку 300 милиони евра. Сепак, и за следната година мал дел од буџетот е наменет за животна средина.

Македонија и натаму не успева да издвои поголем буџет за животна средина и покрај екстремните нивоа на загадување на воздухот, но и во услови на загадување на водите и почвите.

Од вкупните средства во буџетот за 2021 година, издвоени се 0,49 отсто за животна средина, што според ѓраѓанската организација „О2 Иницијатива“ е неприфатливо поради фактот дека граѓаните плаќаат значително повеќе преку даноците за животна средина.

„Фондот за животна средина е неопходен и не ни е јасно зошто СДСМ ретерираше од ова нивно ветување во изминатиот мандат. Без овој фонд, сликата ќе остане неизменета и секоја година трошки ќе се делат за огромните проблеми со кои се соочуваме со нашиот воздух, води, почви, шуми, природни богатства“, наведуваат од „О2 Иницијатива.“

Македонија е на врвот меѓу земјите во Европа според годишните смртни случаи предизвикани од загаден воздух, како што објави пред неколку години Светската банка во Извештајот за зелен раст.

Според тој извештај, цврстите честички се одговорни за 1.350 предвремени смртни случаи годишно во Македонија и илјадници загубени работни денови, што претставува трошок за економијата од 253 милиони евра годишно или 3,2 проценти од БДП.

Податоците, пак, кои во 2018 година ги објави Европската агенција за животна средина, се повеќе загрижувачки. Институцијата во Извештајот за квалитет на воздух презентираше податок за 3.200 предвремени смртни случаи поради аерозагадување во земјава во 2015 година.

Реализација на програми преку други сектори

„О2 Иницијатива“ преку пратениците, кои се дел од парламентарната група за борба против загадувањето, даде 17 предлози за амандмани, од кои на собраниската Комисија за финасирање и буџет засега беа прифатени само два.

Пратеничката Маја Морачанин од партијата ДОМ, која е дел од владејачкото мнозинство и од групата за борба против загадувањето, се согласува дека „сѐ уште мал дел од средствата од буџетот се наменети за животна средина“, но посочува дека постојат и други ставки за програмите поврзани со заштита на животната средина и клима во други сектори, како Владата, Министерствто за економија, Министерството за транспорт и врски и т.н.

„Сепак, се согласувам дека сѐ уште не даваме толку големо значење колку што заслужува третманот на животната средина и климата во однос на ставката од буџетот којашто се издвојува за оваа намена“, вели за РСЕ Морачанин.

Според „О2 Иницијатива“, средствата од 1,3 милиони евра наменети за животна средина „се очајно ниски.“

Од организацијата посочуваат дека кога од буџетот ќе се тргнат платите, пензиите и социјалата, за што се издвојуваат над 37 проценти од средствата, како и отплатата на задолжувањата која изнесува 24 отсто од буџетот, останува околу една третина од буџетот – средства, кои како што посочуваат, одат за патни расходи, храна и пијалоци, канцелариски материјал, мебел, возила, мазут за греење, субвенции за странски компании, купување оружје за НАТО.

„Пари за екологија нема, додека над 3.000 граѓани ни умираат секоја година поради загадениот воздух“, наведуваат од „О2 Иницијатива.“

300 милиони евра само за аерозагадувањето

За ефикасно решавање на проблемот со загадувањето неопходна е сериозна стратегија, но и човечки и финансиски ресурси.

Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ во соработка со експерти, во 2019 година изработија Предлог концепт за водење на стратешки процес за намалување на аерозагадувањето, со цел да биде поднесена иницијатива до Владата да изработи долгорочна стратегија за спречување на аерозагадувањето.

Во Предлог концептот е наведено дека најпрецизна пресметка за потребните примарни инвестиции за обезбедување на квалитет на амбиентниот воздух, е дека се потребни 300 милиони евра, како еквивалент на проценетото влијание врз здравјето на населението и трошоците на здравствените услуги, како и поради загубените економски можности.

„При немање на соодветни проценки, а во очекување истите да се интегрираат во петгодишниот Национален План за заштита на амбиентниот воздух најрано во 2021 година, во моментов најблиската проценка на износ на инвестициски циклус фокусиран примарно на доведување на ПМ10 честичките во законски утврдените граници, би бил еквивалентен на износот од приближно 300 милиони евра“, се вели во Предлог концептот.

Во документот се изработени три сценарија за инвестиции, првото е да се вложуваат 20 милиони евра годишно, со што за заокружувањето на примарниот циклус за постепено намалување на аерозагадувањето ќе бидат неопходни 15 години.

Во второто сценарио се предвидува да се инвестираат околу 75 милиони евра годишно до 2024 година и третото сценарио да се вложуваат по 40 милиони евра до 2028 година.

Според наведеното во документот, сектори во кои би се инвестирало приоритетно се јавниот превоз, проширувањето на постоечките мрежи за централно греење, секундарната и терцијарна гасификација, енергетската ефикасност започнувајќи од јавните објекти како и продолжување со добро таргетирани и оправдани субвенции.

Конструктивни предлози има, но пари нема!

Од друга страна, меѓу амандманите по предлог на „О2 Иницијатива“ кои не биле прифатени на собраниската комисја, се субвенции од 100 евра за поставување на филтри за 25.000 домаќинства кои се греат на дрва и други загадувачки материи, субвенции од 300 евра за поствување на плински уреди во 10.000 возила, промена на начинот на загревање во здравствените и образовните институции во најзагадените градови.

Исто така, амандман за поставување на филтри во јавните институции во најзагадените градови во Македонија кои нема да го променат начинот на загревање, амандман за ажурирање на Катастарот на загадувачи и загадувачки супстанции во воздухот и изработка на локални катастри, акредитација на Централна лабораторија за животна средина, како и акредитација на Централна лабораторија на Министерството за животна средина за емисии на ПМ честички и други амандмани.

„Од овие амандмани, прифатен беше само амандманот за акредитација на Централната лабораторија за животна средина на МЖСПП за емисии за ПМ честички и во видоизменета форма амандманот за ажурирање на Катастарот на загадувачи и загадувачки супстанции во воздухот и изработка на локални катастри, каде наместо предложените 3.050.000 денари беа доделени 100.000 денари во знак на добра волја“, велат од „О2 иницијатива.“

Од организацијата велат дека за некои од отфрлените амандмани, образложението од страна на заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски е дека средствата се високи, иако предлозите биле конструктивни, додека за други дека во Буџетот за 2021 се одвоени и одредени средства за таа цел, но многу помали, а за некои амандмани немало образложување.

На идеја на „О2 Иницијатива“, минатион месец беше формирана интерпарламентарната група од 39 пратеници од девет политички партии, кои заеднички треба да бараат решенија во борба против загадувањето и климатските промени.

Ова е прв проект на интерпартиската парламентарна, велат од „О2 Иницијатива“, посочувајќи дека сѐ уште заеднички бараат начини за добро функционирање и на повеќе спремност во случај на ребаланс на овој буџет и во креирањето на буџетот за 2022 година.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG