Достапни линкови

Чоловиќ-Лешоска: Без потребните стандарди во животната средина ЕУ ќе биде само сон


Партизацијата пречка за чиста животна средина
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:25 0:00

Партизацијата пречка за чиста животна средина

Загадениот воздух во Македонија веќе е тема и во медиумите во Европа како земја со најзагадени градови на континентот. За аерозагадувањето разговараме со Ана Чоловиќ - Лешоска од граѓанската организација „Еко-свест“ во неделнoто интервју на Радио Слободна Европа.

Владата најави 1,6 милиони евра за 50 отсто да се намали аерозагадувањето во Скопје и другите градови во период од две години. Сега велат дека ќе дадат два милиони евра, но и оти проблемот е толку голем така што колку и средства да издвојат нема да биде доволно. Како гледате на овој владин план?

Прво, многу е добро што Владата воопшто носи таков план и го става аерозагадувањето како едно од стратешките проблеми, во однос на нивните напори за решавање на овој проблем, тие се евидентни. Тоа е позитивно. Од друга страна, вистина е оти пари никогаш нема да има доволно, затоа што аерозагадувањето не е нешто што може да се реши за една или пет години. Кај нас верувам дека во следните 20 години ќе го решаваме проблемот. Постојаното вложување во справувањето со овој проблем е неминовна работа.

Некои граѓански организации покренаа иницијатива граѓаните правото на здрава животна средина да го бараат пред судовите. Верувате ли дека е тоа можно во Македонија?

Искуството со случајот со „Топилница“ во Велес не дава толку многу надеж за граѓаните кои сакаат пред суд да си го бараат правото на чиста и здрава животна средина. Мислам дека се уште во Македонија не е созреана свесноста за тоа дека на суд можете да добиете случај каде што вашето лично и здравјето на вашето семејство е загрозено. Од страна на неефективното работење на нашите владини институции, милам дека се уште не сме таму. Во другите држави или во САД, функционира тоа сосема поинаку, но таму и судскиот систем функционира поинаку. Мислам дека времето не е дојдено за такво нешто, особено затоа што мислам и дека владините институции колку и да покажат напори во справувањето со овој проблем, како што спомнав претходно, не е нешто што можат да го решат за кратко време. Од тој аспект, за жал, не сум преголем оптимист во однос на таа тужба која би се поднела.

Многу од ветувањата на оваа власт, вклучително и на локалната, беа во областа на животната средина, а според политичкиот бројач на апликацијата „Мој воздух“ градоначалникот на Скопје Петре Шилегов целосно има исполнето само едно од околу 40 ветувања. Што е според вас причината, политичка волја или немање капацитет?

Би рекла дека беа доста амбициозни, на почетокот пред да дојдат во позициите на градоначалници. Нас не радуваше тоа што голем дел од оние мерки кои предложувавме уште во 2016 година беа преземени и инкорпорирани во програмите во предизборниот процес и сакавме да ги држиме градоначалниците за одговорни дека такво нешто ќе спроведат. Мислам дека еве после повеќе од година, се соочуваме се ситуации што ѓубрето во централното градско подрачје не е исчистено. Не верувам дека е прашање на политичка волја, мислам дека повторно онаа партизација си го прави своето, си го зема својот данок, со тоа што некакви кадрови решенија можеби влијаат за тоа дали нешто се спроведува на терен или не. На пример, прскањето против комарци беше многу интересно прашање, бидејќи фирмата која требаше да го направи прскањето била од опозициската партија, па треба да се склучи нов тендер за да се даде таа задача на некоја друга блиска до власта. Тие работи се толку непријатни за граѓани кои едноставно сакаат да живеат во некакви нормални стандарди.

Оваа власт ветуваше и формирање на Фонд за животна средина. Имате ли информации зошто досега не е формиран овој фонд?

Постојано прашуваме каков е статусот со Фондот за животна средина. Она што последно го дознавме од министерот за финансии беше дека таков Фонд во рамки на Буџетот за 2019 нема. Има Фонд за енергетска ефикасност што е чекор напред, особено ако добро се уреди и ако е во корист на домаќинствата. Во делот за Фондот за животна средина, точно, заменик министерот за животна средина многу пати вели и тврди дека таков фонд ќе се оформи. Огромен број од средствата за еколошките такси се влеваат во централниот буџет и не завршуваат во мерки за заштита на животната средина и нејзино унапредување и тоа нешто мора да се смени, особено поради фактот што во животна средина има уште многу пари за вложување и инвестиции треба да се направат, а средства за тоа постојат. Едноставно треба да се уреди тоа средствата да се влеваат на едно место.

Македонија во јуни 2019 година очекува отворање на преговорите со ЕУ. Со што според вас ќе се соочи земјата со отворањето на Поглавјето 27 за животна средина?

Ние често пати велиме дека отворањето на Поглавјето 27 е клучно за да се сврти вниманието и акцентот на потребите и стандардите на животната средина да се зајакнат и подобрат. Отворањето на преговорите за Поглавје 27 ќе значи еден политички притисок врз нашите институции да го свртат своето внимание, бидејќи животната средина и заштитата на климата не се нешто што е одговорно само едно министерство, тие се на некој начин интерсекторски прашања кои ги тангираат и другите сектори, како енергетика, транспорт, земјоделие и шумарство и т.н. Од тој аспект сметам дека е позитивно да се почне да се работи на оваа тема, бидејќи ЕУ секогаш како џокер го држи Поглавјето 27, бидејќи без постигнување на потребните стандарди за животната средина и човековото здравје, не може ниту да сонуваме да влеземе во ЕУ.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG