Достапни линкови

И кравите би јаделе домашна храна купена со ваучери, ама нема, реагираат пелагониските сточари


Macedonia - Livestock farm in Bitola.
Macedonia - Livestock farm in Bitola.

Сточари од Пелагонија бараат да им се исплатат субвенциите за ланската и за оваа година. Oд Министерството за земјоделство велат дека со ребалансот на буџетот на сточарите ќе им бидат исплатени субвенциите за 2019 година, а ќе се прават обиди да им се обезбедат средства и за годинава

И нашите крави би јаделе домашна храна купена со ваучери по 3000 денари, ама не се вклучени во антикризните мерки, велат сточарите од Пелагонија. За сточарството да преживее во услови на корона-криза, кога куповната моќ на граѓаните е намалена, а откупната цена на млекото стагнира, фармерите бараат државата да им ги исплати субвенциите за ланската и оваа година. Критикуваат дека во државата се увезува замрзнато месо со многу послаб квалитет, само не се продава домашно. Откупната цена на млекото со години е иста, а во продавниците млечните производи неколкупати поскапени. Па, како што велат им останал само изметот од кравите.

„Бараме да ни се исплатат субвенции за 2019, половина за 2020 и субвенциите по грло за 2020 година бидејќи нашите фирми не се опфатени со ниеден пакет. И нашите крави јадат ваучери по 3000 денари домашно производство, но тоа го немаме. Од друга страна гледаме дека откупната цена на млекото остана иста, а во малопродажба расте цената на млечните производи. Додека во продавница едно јогуртче кое чинеше 12 денари сега е 20, едно пекарско јогуртче од 10 на 15 денари, сирењето оди по нагорна линија. Дури и на пасошите за кравите имаме повеќе давачки“, рече сточарот Борче Бучински.

„Ние како сточари не можеме да продадеме ни јунец, ни крава зашто нема никој кој да купи. Нашиот народ јади од Бразил, Полска месо замрзнато , пцовисано, а нашата стока не можеме да ја продадеме. Тука јас не гледам егзистенција“, рече фармерот Гоце Кантаровски.


„Не се продава стоката. За мало теле сертификатот од 180 дојде на 400 денари, а една крава 600 денари. Шарен јазик, син јазик, само дополнителни давачки. Цената на струјата се покачи, а се е поврзано со струјата, ако не е таа како ќе ги одржуваме кравите , молзење и други работи. И за нас останува народски кажано, изметот. Откупната цена се одредува за кој како, според количината и симпатијата“, рече сточарот Иљо Огненовски.

Надлежните од Министерството за земјоделство велат дека со ребалансот на буџетот на сточарите ќе им бидат исплатени субвенциите за 2019 година кои доцнат поради пандемијата и изборите, а ќе се прават обиди да им се обезбедат средства и за годинава.
Пелагонија беше еден од најбогатите региони со млеко во земјава , но добар дел од фармите во изминатите години се соочија со проблеми со некои од фабриките за откуп на млеко, а и со слаба продажба на месо, па дел од сточарите се откажаа од бизнисот со крави.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG