Достапни линкови

Килограм јагне за „пет пари“, за другата храна ќе видиме


Во моментот цената на килограм жива мера јагне е стигната до 90 денари. Освен проблемот со сточарството, другите сезонски работи во земјоделството засега се одвиваат тековно. Властите уверуваат дека има храна.

Маркетите и откупувачите во земјата да откупуваат и да продаваат македонски производи, со што ќе им се помогне и на земјоделците и на зачувувањето на економијата, апелираат од Националната федерација на фармери. Властите смируваат дека има храна и апелираат на разумно купување, но дополнителното заострување на мерките повторно создаде редици пред маркетите. Владата првин забрани, па најави дека ќе дозволи извоз на брашно и пченица, го зголеми субвенционирање за одгледувачите на овци, а нуди и алатка преку која земјоделците ќе нудат и ќе побаруваат земјоделски производи.

Од Националната федерација на фармери ја скенирале состојбата со земјоделството на терен. Од таму велат дека сезонските работи се извршуваат тековно, но дека настанал проблем со овчарството. Апелираат домашните маркети да го откупуваат македонското јагне, зашто во овој момент има проблем со откупот и извозот. Министерството за земјоделство наместо досегашните 700 денари, ќе им дава 1500 денари на одгледувачите на овци за задржано женско јагне. Освен традиционалните пазари како Италија, Хрватска и Грција, се бараат и други алтернативни за извоз на јагнето.

„Мора да се сфати и да се разбере сериозно оваа ситуација. Јагнето како производ понатаму бара храна, не може ниту да се складира, ниту да се чува и затоа овчарите и понатаму се изложени на дополнителни трошоци за обезбедување на сточна храна, а сепак јагнето не може да го продадат. А колку тоа јагне добива на тежина, толку губи на цена. Во моментот цената е стигната до 90 денари за килограм жива мера, што навистина е голем проблем за самите сточари“, вели Билјана Петровска-Митревска од Националната федерација на фармери (НФФ).

Од Федерацијата бараат предност во исплата на субвенциите за јагнето.

Претходно, откупната цена се движеше од 120 до 130 денари по килограм, а производната цена се проценуваше на околу 180 денари по килограм.

Од Федерацијата велат дека 180 илјади семејства егзистират од земјоделството, 45 проценти од македонското население живее во рурални средини, а руралните средини зафаќаат 87 отсто од вкупната површина на земјата.

Да се слуша гласот и на земјоделците

Од НФФ реагираат на одлуката со која се дозволува извоз на брашно и пченица.

„Бидејќи пченицата е стратешки производ во нашата држава и тоа е регулирано со закон, во Законот за земјоделство и рурален развој. Пред да се донесеше оваа одлука требаше да се има и соодветна комуникација во рамките на Министерството за земјоделство, во рамките на подсекторска група, каде што членуваат и полјоделци и мелничари и заеднички да се произнесеме сите за овој став, што понатаму и какви реперкусии носи оваа одлука врз производството и на пченица и на брашно. Она што се стравува од страна на земјоделците и воопшто на граѓаните е дека може ова да влијае на цената на лебот и на пченицата. Потенцираме дека е многу важно во овој момент, како што се слуша гласот на бизнис заедницата, да се слуша и на земјоделците, бидејќи тие произведуваат храна која е неопходна во моментот“, вели Билјана Петровска-Митревска од НФФ.

Владата прво забрани извоз на пченица, но пред неколку денови министерот за економија Крешник Бектеши најави дека ќе се дозволи извоз, оти и во време на Ковид-19 не е забележено зголемување на цената на брашното и дека државата има доволно залихи на брашно и пченица.

„Ние како Министерство за економија постојано ги следиме цените и снабдувањето на основните производи сè со цел да обезбедиме квалитетно и навремено снабдување со основни прехранбени производи за нашите граѓани, а при тоа да нема зголемување на цените“, изјави министерот за економија Крешник Бектеши.

Дополнителниот заменик министер за земјоделство од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Цветан Трипуновски реагираше дека брашното не смее да се извезува. Тој вели дека секое зрно е важно.

„Нормално е поедини трговци во борба за денар повеќе да сакаат да продаваат надвор, но ненормално е државата тоа да го дозволи. Обврска на владата е да го заштити домашниот пазар“, напиша Трипуновски на својот Фејсбук профил.

„Понуда-Побарувачка“ за трговија во време на коронакриза

Владата ги замрзна цените на основите продукти - леб, сол, зејтин, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини, лекови и дезинфекциски средства. Светските организации кои се занимаваат со земјоделство и трговија предупредија дека коронакризата ќе се одрази на синџирот за снабдување со храна. Македонија минатата година увезла храна во износ од 670 милиони евра, а извезла во износ од околу 370 милиони евра.

Поради кризата голем дел од зелените пазари во земјата се затворени или пак работат со намален капацитет. Министерството за земјоделство понуди алатка „Понуда - Побарувачка“ преку која се нудат и ќе побаруваат земјоделски производи. Од Министерството за РСЕ велат дека апликацијата „Понуда - побарувачка“ им овозможува на земјоделците брз и лесен пристап до податоците за расположливите количини и цени на земјоделски производи и добиток и во овие услови на вонредна состојба поради глобалната пандемија, да можат да тргуваат со своите производи.

„Бидејќи се работи за нова апликација, засега има пристигнато неколку понуди“, велат од Министерството.

За поефикасно функционирање на апликацијата и полесна достапност за земјоделците и стопанствениците, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, отвори посебна мејл адреса, на којашто сите заинтересирани можат да праќаат податоци за својата понуда на земјоделски производи и побарувачка. Официјалната мејл адреса за испраќање на податоци е: ponudapobaruvacka@mzsv.gov.mk

За земјоделците нема да важи полицискиот час за време на викенд

Земјоделците се изземени од мерките на владата за ограничено движење, но исклучиво за да работат на земјоделските површини и на фармите во атарот на своето село. За тоа не им треба дозвола, но доколку нивните земјоделски поседи се надвор од селото во кое живеат ќе треба да вадат дозвола за движење.

Дозволите се вадат преку Подрачните единици на Министерството за земјоделство. Од Министерството велат дека досега се издадени се 3.491 дозвола за движење на земјоделци заради извршување на работните обврски.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека Владата ги заборавила земјоделците во време на пандемијата. Од опозициската партија велат дека земјоделците се жалат за големи проблеми со неисплаќање на субвенциите, на редуциран откуп на одредени производи, додека за дел од производите и воошто нема откуп. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека е потребна итна помош за поддршка на земјоделството.

Од Првата кооператива на потрошувачи на органска храна „Наша добра земја“ за РСЕ велат дека од почетокот на кризата, како во другите маркети, така и кај нив имало поголема побарувачка.

„Ако луѓето вообичаено купуваа на пример по пола кило ориз, сега земаат по 2 кила. Зголемена е и побарувачката на достава до дома. Ние имаме достава до дома за редовните членови, таа изнесува 100 денари. Досега имавме 10 редовни членови, а сега за тоа се заинтересирани 35 луѓе. Соработуваме со 30-40 производители“, вели еден од косопствениците на „Наша добра земја“, Иво Бару.

Тој вели дека уште пред кризата размислувалe за онлајн трговија, но со кризата тој процес се забрзува, па размислуваат и да понудат и таква можност.

Од НФФ велат дека кај житните култури определени проблеми можат да се јават во оризопроизводство во кочанскиот регион, каде што поради малата количина на врнежи во изминатиот период ќе се јават проблеми со наводнувањето. Тутунопроизводството се одвива со добра динамика, единствено тутунарите стравуваат од проблем со наоѓање на сезонски работниците во периодот кога ќе биде бербата, посочуваат од Федерацијата.

Стабилна е и ситуацијата во овоштарството и лозарството. Производителите на саден материјал на овошки и лозови насади во моментот се соочуваат со недостаток на сезонски работници, бидејќи најголем дел од овие работници се обезбедуваат од Србија, велат од Федерацијата. Што се однесува до градинарството, и таму работите се одвиваат тековно, но загрижени се за откупот на зелката кој е поврзан со извоз.

Од Федерацијата бараат во делот на владините економските мерки да се направат и олеснување на исплатата на даноците на регистрираните земјоделци, чија примарна дејност е земјоделството.

ФАО - Долготрајната криза може да се одрази на синџирите за снабдување со храна

Организацијата на храна и земјоделство на ОН (ФАО) предупреди дека долготрајната криза со коронавирусот би можела брзо да ги наруши синџирите за снабдување со храна. Од таму порачуваат да се постигнат рамнотежа помеѓу потребата да се задржи производството и потребата да се заштитат работниците. Да им се помогне на земјоделците да ја подобрат продуктивноста, да им се овозможат канали за електронска трговија, особено за производите со краток рок на траење. Се посочува дека можно е да се јави недостиг на сезонски работници поради ограничувањата на движењето. Да се подобрат капацитетите за складирање на стоки, за да се намалат загубите на земјоделските култури, да се воведат стимулативни пакети, а банките да ги продолжат роковите за плаќање. Посочуваат и дека земјите треба да преземат мерки за да обезбедат безбедност на работниците земјоделци.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG