Овој процес треба да биде финализиран со усвојување на закон во Собранието со кој Шар Планина конечно ќе добие статус на заштитено подрачје - национален парк. Кога тоа ќе се случи, сѐ уште е рано да се каже, но во следните месеци предвидено е одржување на јавни расправи за низа прашања околу нејзиното прогласување, според најавите на надлежното министерство и граѓанските организации кои го следат процесот.
Откако Владата на почетокот на месецов ја усвои иницијативата на Министерството за животна средина и просторно планирање Шар Планина да биде прогласена за национален парк, во следните месеци предвидено е разгледување на изработената Студија за валоризација на Шар Планина и предложените зони на заштита на подрачјето со другите засегнати страни – локалното население, општините, ловните друштва и другите институции, како Македонски шуми.
Министерството за животна средина предложи Шар Планина да биде прогласена за заштитено подрачје во категоријата Национален парк, а Осоговските Планини за заштитено подрачје од категоријата 5.
„Со финализација на овој процес ќе се зголемат можностите за прекугранична соработка со соседните земји, со оглед на фактот дека Шар Планина ќе стане еден од најголемите национални паркови во Европа. Важно е да се напомене дека соодветното управување со заштитените подрачја значи користење на огромниот потенцијал за развој на локалната економија“, изјави министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.
Во периодот што следува расправата ќе се води за да се земат предвид мислењата на сите релевантни страни и институции. Потоа ќе треба да се изготви предлог закон кој повторно ќе биде разгледуван во Владата и доколку го прифати да го достави на усвојување во Собранието, за Шара конечно да биде прогласена за национален парк.
„Акт за прогласување всушност е Закон кој ќе содржи: назив на заштитеното подрачје, категоријата на заштита, географски карактеристики и други основни обележја, картографски приказ со граници на заштитеното подрачје и граници и типови на зони во заштитеното подрачје, режим на заштита, субјект кој ќе управува и други прашања утврдени со актот за прогласување“, велат од Министерството за животна средина и просторно планирање во одговор за РСЕ.
Оттаму додаваат дека јавната установа - Национален парк како управувач со заштитеното подрачје треба да располага со човечки, административни, просторни, технички и финансиски ресурси.
Активистите од граѓанските организации иако посочуваат дека во моментов е потребно уште многу да се работи за дефинирање на повеќе прашања, сметаат дека предлогот на Министерството е „историски исчекор“ во однос на постапката за конечно прогласување на Шар Планина за национален парк, како што објаснува Фросина Пандурска – Драмиќанин од Македонското еколошко друштво (МЕД). Таа вели дека со тоа се придвижуваат работите на институционално ниво.
„Ние како невладина организација Македонско еколошко друштво и „Пријателите на Шара“ очекуваме во следните неколку месеци да има една отворена транспарентност на процесот, односно освен организирање на јавни расправи, каде треба да се претстави студијата и економското истражување, очекуваме споделување на сите информации во однос на сите засегнати страни: што тоа ќе значи на терен, што ќе значи за шумарскиот сектор, за ловните друштва, за планинарите и за локалното население“, вели Пандурска – Драмиќанин.
Таа додава дека во Студијата се предложени граници и зони за идното заштитено подрачје, но како што истакнува, токму тие треба да бидат предлог на дискусија меѓу Министерството за животна средина и другите надлежни министерства, во зависност од ресурсите со кои управуваат.
И Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ соопшти дека прифаќањето на предлогот за прогласување на Шара за национален парк е чекор кон зелен и одржлив развој, но оцени дека ќе следи „макотрпен процес“ со сите засегнати страни и дека за конечното прогласување, на Министерството за живитна средина ќе му треба силна поддршка.
Од друга страна, покрај поддршката на граѓанските организации за усвоената иницијатива, се огласија некои од ловечките друштва во земјава кои се противат на одлуката, реагирајаќи дека не било земено предвид нивното мислење при нејзиното донесување.
Процесот за прогласување на Шара за национален парк во македонските институции е започнат пред повеќе од две децении, уште во 1994 година во републичкиот Завод за заштита на Природата, а три години подоцна во 1997 година се префрла во Министерството за животна средина кога е изготвен предлог – закон за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк.
Овој процес влегува во понапредна фаза во 2001 година кога законот влегува во Собранието, но откако тој не е донесен, следува долг застој на процесот се до 2010 година кога повторно е започнат во Министерството за животна средина.
Како дел од оваа иницијатива беа одржани и трилатерални средби на министрите за животна средина на Косово, Македонија и Албанија во 2012 година во насока на заложбите Шара да биде дел од поголемо прекугранично заштитено подрачје.
Сепак и покрај долгогодишните ветувања на властите дека Шар Планина ќе биде прогласена за национален парк, во меѓувреме природата на Шара е уништувана со сечи, пожари и со реализација на бројни проекти за изградба на мали хидроелектрани.
Државата во изминативе години одобри десетици концесии за мали хидроелектрани на Шар Планина. Активистите за заштита на животната средина алармираа на уништувањето на недопрената природа на Шара, каков што е случајот во долината Лешница каде неодамна беа сечени дрвја за да се подготви терен за изградба на мали хидроелектрани, како што објавија и активистите од иницијативата „Да спасиме Попова Шапка.“
Долината Лешница се спојува со долината на реката Пена која е најголема шарпланинска река после реката Вардар и нејзина најголема притока. Извира на 2500 метри надморска височина во две реки кои се спојуваат кај селата Вешала и Бозовце. Според Студијата за валоризација, овој дел од Шара треба да биде во Зоната на строга заштита на националниот парк.
Концесии за изградба на мали хидроелектрани на Пена во Лешница се одобрени уште во 2015 година, според документите од Министерството за животна средина и просторно планирање, но тие не се единствените концесии на Шара кои ги одбри државата за користење на водите и производство на електрична енергија.
Дозволи за изградба на мали хидроелектрани се одобрени и на Бејачка река во село Вејце, на реката Бистрица во Теарце, а во мај минатата година Владата потпиша три нови договори за мали хидроелектрани на Шара: МХЕ Боговинска, МХЕ Маздрача и МХЕ Јеловска.
Министерот за животна средина Нуредини вели дека со прогласување на Шара за национален парк ќе бидат исполнети националните и стратешки цели и меѓународни обврски за заштита на природата, посочувајќи дека бенефит ќе има и државата, особено општините кои ќе опфаќаат делови од заштитеното подрачје и локално население.
„Ова беше многу долга процедура... ние работиме заедно со локалните експерти да ја сочуваме природата, ова не е поврзано со изобрите“, изјави Нуредини на прес-конференција на 6 мај оваа година.
Според Нуредини, управување со заштитените подрачја ќе значи развој на локалната економија, заштита и одржливо користење на природните вредности и заживување на селата околу заштитеното подрачје преку развој на еко-туризмот, традиционалното земјоделие и овчарството.
Шарпланинскиот масив се протега во северозападниот дел на Македонија и на територијата на јужниот дел на Косово. Тој во пошироките граници зафаќа вкупна површина од 2.480 километри квадратни, од кои 881 се во Македонија, односно над 35.5 проценти.
Во потесните граници Шар Планина зафаќа површина од 1.670 километри квадратни од кои 840 или точно половина и припаѓаат на Македонија, додека делот од Шара кој е предмет на Студијата за валоризација и кој треба да биде заштитена зона е со површина од над 542 километри квадратни, однодно до границата на Косово и без територијата на Маврово, според податоците во документот изработен во рамки на проектот финансиран од ГЕФ и имплементиран од УНЕП заедно со МЖСПП.
Делот на Шар Планина кој припаѓа на територијата на Косово е прогласен за национален парк уште за време на поранешна Југославија во 1986 година.