Достапни линкови

Шара ќе стане национален парк или ќе се градат тунели низ планината?


Шар Планина
Шар Планина

Да се гради пат од Тетово до Призрен преку Шар Планина размислуваат во Владата, додека пак за дел од невладините организации тоа е лоша идеја. За невладините најважно е Шара да се прогласи за национален парк.

Иако политичкиот естаблишмент декларира намера да се прогласи Шар Планина за национален парк, се размислува и да се гради нов пат низ планинското подрачје за да ги поврзува Тетово и Призрен во Косово. Министерот за подобрување на климата за инвестиции Хисен Џемаили вели дека има три варијанти на физибилити студијата за патот за кој смета дека ќе придонесе за развој на туризмот и економијата.

„Една варијантата е најдолг тунел од 6400 метри. Втората варијанта е тунел 3226 метри и трета од 1800 метри. Тунелите ќе почнуваат кај Бозовце и Вешала. Според мислењето на експертите највозможна и економски најоправдана е втората варијанта. Градењето на овој пат ќе значи и поблизок пристап до пристаништето во Драч“, вели министерот Хисен Џемаили.

Во невладината организација Еко Герила велат дека најважно е прогласување на Шара за национален парк, но сметаат дека може да има нов пат.

„Не е исклучена можноста. Има и други примери во светот и во Европа каде низ национални паркови поминуваат патишта. Само студијата треба да се види кое ќе влијанието врз животната средина на тој пат. Тимот за валоризација одлучи дека Шар Планина треба да се прогласи за национален парк само што остана од страна на политика, топката е во нивно поле. За тие да одлучат да се прогласи и официјално Шар Планина за национален парк“, изјави Аријанит Џафери од Еко Герила.

Диме Меловски од Македонското Еколошко Друштво е категорично против какво било градење на планината, бидејќи така ќе се наштети на биолошката разноликост.

„Тоа е лоша идеја. Секој пат кој што ќе биде изграден низ една таква природа каква што ја нуди Шар Планина, во голема мера ќе го уништи, каде што ќе поминува и ќе придонесе за што поголемо присуство на луѓе на терени кои што не би требало да бидат толку многу посетувани кај што ќе има вознемирување на животните и така натака. Можам да набројам еден број животни кои би се нашле во опасност, меѓутоа разорување на хабитатите е нешто примарно што ќе се случи и пејсажната вредност на Шар Планина ќе се уништи и тоа особено во очи на прогласување на Шар Планина за национален парк. Нешто што е иницијатива веќе долги години, од 1997 почнато“, истакна биологот Меловски.

Патот Тетово - Призрен е дел од програма за работа на Владата каде е наведено дека ќе се разгледаат економски оправдани варијанти по резултатите на физибилити студијата за делницата.

XS
SM
MD
LG