Достапни линкови

Мечките на Шар Планина имаат заштита од жители на Доброште


Мечкa на Шар Планина
Мечкa на Шар Планина

Жителите на тетовското село Доброште неколку години помагаат во заштитата на 12 мечки кои живеат во нивниот регион. Тие ги хранат за мечките да не напаѓаат други животни и пчели во потрага по храна.

Членовите на здружението за заштита на мечки „Шари Беар“ од тетовско Доброште веќе неколку години се обидуваат да му помогнат на овој редок и заштитен дивеч да преживее на Шар планина. На неколку места на мечките им оставаат, а имаат поставено и видео камери од каде гледаат како овие животни го поминуваат времето во шумите.

Ирфан Селими, претседател на Здружението објаснува дека ги хранат за да не се случува мечките да ги напаѓаат другите животни и пчелите во потрага по храна. Им се носи пченка, зеленчук и јаболка.

„Ние имаме направено пунктови-ранилици. Секогаш ги држиме со храна. Зимскиот период, овој период, пролетниот период нон стоп ги држиме со храна. Гледаме дека има потреба да се нахранат за да нема поголеми проблеми како што имаме напади на овци, овчарите, бачилата, на пчеларите. Тие треба да се ранат, не знаат дека прават беља. Ако имаат храна доволно друга не бараат друг начин да се наранат со овци или со пчели, да ризикуваат“, вели Селими.

Според нивната евиденција на подрачјето околу Доброште има 12 мечки. За разлика од вообичаено мислење дека мечките се опасни за луѓето, Ирфан го тврди спротивното. Тие се плашливи повеќе од другите животни и вели дека се сретнале со мечките во шума без да имаат некоја опасност.

„Досега не сме имале случај да сме на опасност од мечките, затоа што мечката е еден вид на животно што се пази, најмногу од сите животни, се пази од ризикот. И чувствува мирис ,такви работи, се пази, најмногу од сите дивечи, мечката се пази. Никогаш не сме имале ризик да не нападне.

РСЕ : Сте се сретнале значи?

„Многупати, не еднаш“, раскажува Ирфан.

Нуредини: Шар Планина национален парк, Осогово под заштита

Постојаното уништувањето на шумите, шумските плодови и растенија кои се храна за мечките па дури и криволовството се причини за се помалку да ги има овие животни.

„Од 2001 наваму многу е паднат бројот на мечките, некои се чудат кога ги гледаат снимките дека во Шара толку мечки има, од кај се дојдени. Тие не се дојдени, тука биле и голем број има. Имало и поголем број. Од 2001 година падна бројот на мечките од криволовството, од запалување шумите, сечење шумите, дошло да нема доволно храна за нив. Ние сме од село, шумата го имаме, море немаме, тоа го имаме. Да викаме дека е на некој од министерство или држава тоа е наше, ако не го чуваме ние џабе држава или министерство или другите овластени лица. Не може тие сами да го чуваат“, објаснува Селими.

Мечките во Македонија со законот за ловство од 1996 се трајно заштитен дивеч кој не смее да се лови.

XS
SM
MD
LG