Крум Велков е од Струмица и заедно со активистите од Иловица во изминативе недели со жив ѕид ја бранеа планината Огражден од изградба на рудникот Иловица-Штука. Откако го раскина договорот за рудникот Казандол во Валандово во 2018 година, Владата неодамна истото го направи и за Иловица, но и натаму остануваат десетици договори за рудници во источна Македонија за кои Велков во разговор за РСЕ вели дека мора да биде спроведена кривична истрага за сите инволвирани во случајот со нивното доделување.
Г-не Велков, 19 дена бевте со активистите и граѓаните кои правеа блокади на планината Огражден за запирање на рудникот Иловица-Штука, како дел протестите против рудникот кои траеjа повеќе од две години, по што Владата деновиве го одби барањето на компанијата „Еуромакс Рисорсис“ за експлоатација на бакар и злато. Дали со оваа одлука на Владата сметате дека дефинитивно ќе биде сопрена изградбата на рудникот?
„Она што во овој момент можам да го кажам е дека не очекувам оти Владата може да ја врати одлуката назад. Според мене работата е завршена, треба да се почека тој формален законски рок за жалба од кој останаа десетина дена. Знаеме дека „Еуромакс Рисорсис“ пишуваат жалба, но исто така сме уверени дека нашата организираност и нашата сила, вклучително жителите од селата и грaѓаните, не оставаат дилема дека конечната одлука ќе биде во полза на конечно одземање на концесијата за рудникот Иловица-Штука. Со тоа ќе заврши целиот овој процес од две ипол години, во кој искрено видoвме многу мака, а кој го финиширавме со блoкада која траеше 19 дена и по потреба ќе траеше со месеци. Ние бевме подготвени да одиме до крај и луѓето од Владата тоа добро го сфатија и затоа, заради нашиот притисок, вклучително и проценките за штетите од рудникот, беше донесена ваква одлука која се разбира ние ја поздравуваме. Ќе честитаме кога ќе биде донесена конечната одлука.“
Дали активностите на планината сега се завршени, бидејќи информирате оти компанијата има и втора концесија која истекува во јануари 2020 година, или ќе ја чекате одлуката на Владата и за оваа концесија.
„Блокадите се официјално прекинати, со тоа што секој ден има патроли од активисти и жители на селото кои поминуваат низ планината, но блокадата е завршена. Доколку се укаже потреба ние ќе направиме повторно блокади, иако не веруваме дека до тоа ќе дојде. Што се однесува за втората концесија, би кажал дека не треба да се дига премногу врева околу фактот, бидејќи заради околности оти рудникот се простира на две општини, морало да се направат две концесии. Тие две концесии не можат една без друга, одлуката на Владата е дека се исполнети условите за одземање на концесијата за рудникот, а под концесијата се мисли на двете концесии. Рокот за таа втора концесија е формален и не може да смени ништо. Јас не мислам дека од тоа може да произлезе нешто што би ја загрозило нашата победа. Во секој случај, сите добро знаат дека ние би реагирале веднаш на било што. Според мене, оваа одлука на Владата е јасна е недвосмислена. Друга работа е што некој смета, откако ќе му биде одземена концесијата на „Еурпмакс Рисорсис“, дека може да биде доделена на друг. На пример, „Солвеј“, односно рудникот „Бучим“ има официјална понуда до Еуромакс да го преземат проектот со тоа што Бучим би имале 75 отсто, а Еуромакс 25 отсто и на тој начин Бучим на мала врата да влезе и да ја земе концесијата за која не поднел ни студии. Тоа остава можност дека некој сака да игра игри зад нашиот грб за добивање на концесијата, но налудничаво е да се помисли дека во оваа ситуација некој друг би добил концесија, бидејќи нашиот протест и револт ќе биде многукратно поголем.“
Каква е сега ситуацијата во Општина Босилово, со оглед дека за рудникот Иловица имаше и контрапротести?
„Тие контрапротести се многу условни, мали, бидејќи се работи за платени луѓе, од 20, 30 до 50 луѓе, вклучително членови на обезбедувањето на Еуромакс кои беа вклучени во тие контрапротести. Луѓе излегуваа на тие контрапротести затоа што беа уценети со дневниците, не им беа исплаќани цели дневници од компанијата доколку не излезеа на таканаречени контрапротести, кои завршија веднаш штом ја објавивме информацијата за одлуката на Владата дека концесијата ќе се одземе. Значи имаше обид и од градоначалникот на Босилово да се претстави во јавноста дека протестираат две групи, што е несериозно, бидејќи од една страна бевме ние – целата иницијатива за спас на Струмичката котлина составена од три здруженија и граѓаните и жителите, а од друга страна приватна компанија со платеници кои по ниту еден повод не можат да се изедначат со граѓанските протести. Затоа тој обид да се повлечеме од блокадите беше радикално одбиен и неуспешен за Еуромакс, така што тие контрапротести се сосема нерелевантни.“
Во источниот дел на Македонија пред неколку години власта потпиша 13 договори за детални геолошки истражувања на металични минерални суровини, од вкупно 86 концесии, од кои останатите се за експлоатација на неметалични суровини. Дали очекувате да бидат запрени и останатите проекти за рудници?
„Целиот тој проект за доделување на 86 концесии потпишани во една вечер, за мене и ден денеска е неверојатен. Не можам да разберам како некој од позиција на власт и моќ може така кусогледо, на една педа територија, да додели толку концесии за рудници. Тоа и денес не можам да го објаснам, освен со високо коруптивен проект во кој се инволвирани многу луѓе и мислам дека по завршувањето на сево ова, власта мора да спроведе кривична истрага за сите инволвирани во овој шокантен случај, невиден во светски размери: на толку мала територија доделување на толку руднички концесии, без разлика дали се за металични суровини. Тоа е најблагоречено скандалозно, ние од почетокот сме против рудници, нашата зелена агенда не трпи во исклучително плоден земјоделски крај да се градат рудници, тоа го нема нигде во светот. Нашата економија регионално ќе пропадне ако се отвореше овој рудник, тоа ќе беше крај за струмичкото земјоделие, нешто што со векови опстојува како столб на економијата. Значи има многу аргументи кои можам да ги кажам во полза на тоа дека во Македонија не треба воопшто да има рудници. Македонија мора да гради бренд на органско земјоделско производство кое може да и донесе многукратно поголеми бенефити и приходи, отколку било какво рударство од кое само 2 отсто остануваат во државата, а сè друго земаат странските сопственици. Така што сите приказни дека рударството било развој паѓаат во вода, земјоделството е многу поперспективно во актуелниот контекст каде се движи светот. Повторно нагласувам дека ќе бараме официјално да се спроведе кривична истрага, ние поседуваме некои податоци и ако е потребно ќе ги дадеме. Очекувам тотално да бидат обесхрабрени рудничките проекти во Македонија. Беа донесени и измени во Законот за металични и минерални суровини што забранува употреба на цијанид и сулфурни киселини, а постојните рудници, вклучително и Бучим, мораат да се адаптираат на тие измени.“