Мусака со спанаќ, телешки медаљони во сос од печурки, баклава со фстаци и лешници, чоколадни мус коцки, тирамису домашно подготвено, свежо приготвена храна и сите членови на семејството во домот во исто време за ручек. Ковид 19 го смени начинот на живеење и начинот на кој се храниме.
Нови рецепти, манџи, домашно зготвено, овошје и зеленчук, разни благи задоволства и месо печено во рерна со разни сосеви и зачини се само дел од промените кои настанаа во македонските домови откако на сила стапија рестриктивните мерки со кои се ограничи движењето на граѓаните со цел да се заштити нивното здравје и да се намали ширењето на коронавирусот. Интернет страниците со совети за готвење добија поголема посетеност.
Навиките на граѓаните за исхрана за пазарење се сменија, затворените ресторани и меани создадоа шанса за заштеда и за поинаков начин на приготвување на храна, други пак постојано беа во страв дека нешто ќе снема и се смируваа себе си со постојано купување на намирници и полнење на фрижидерот. Но во едно се многумина сложни, карантинот и многуте часови дома поминати во близина на фрижидерот се одразија врз линијата.
„Ќути не кажувај ме гледаш колкава сум нејќам ништо.“
„Па месени работи кори и баклави се правеа пошто дома, сакал нејќел ќе се спреми нешто“, велат анкетираните скопјани.
Кујната за многумина во пандемијата стана најчесто посетуваната просторија во домот. Полниот фрижидер во изминативе два, три месеци им донесе и вишок килограми, велат дел од анкетираните скопјани. Стресот предизвикан од пандемијата со Ковид 19 кој оваа пролет ги затвори граѓаните влијае и на нивната исхрана. Потребата од хормон на среќа честопати луѓето го заменуваат со слатки задоволства. Затворени во домот многумина слободното време го поминаа над шпоретот во подготовка на домашни готвени јадења, но и благи задоволства.
„Баклава и колачи посни пиварки, а храната овошје и зеленчук повеќе.“
„Што ќе ми дојде при рака, тоа јадев, повеќе на грицки.“
„Ќе каснеш нешто и се сè нафаќа на нас, не е како порано да јадеш и да се заборавиш. Фрижидерот беше полн преполн првите денови и се уште имам остатоци од храна,“ велат анкетираните.
Од друга страна пак, тоа што граѓаните мораа поголемиот дел од денот да го поминат во домовите, им донесе шанса за готвење на домашна и здрава храна.
„Па здрава храна би рекла што повеќе да се купува надвор на пазари, со зеленчук, спанаќ, патлиџан, краставица.“
„Да да, само исклучиво домашно готвено, овошје и зеленчук повеќе“.
„Повеќе сме на салати и варена храна, пржено ретко јадеме кога брзаме немаме време да спремиме.“
„Грав, ориз, грашак, боранија, имаше и празници сега имаше и јагнешко месо, свинско месо не јадеме многу во главно не сме смениле многу начин на исхрана,“ велат граѓаните.
Пазарџиите велат дека муштериите кога станува збор за здрава храна не прават големи резерви затоа што таа секогаш се конзумира свежа. Радица Стојанова која секој ден со маска на лицето, денот го поминува продавајќи на пазар вели дека граѓаните се внимателни, мнозинството што го посетуваат пазарот внимаваат на мерките и носат заштитни маски кога пазарат.
„Тоа е стандард, претходно кога се појави гужвата беше по маркетите, немаше толкава гужва по пазарите, а инаку сега се гледа и тоа зеленчук овошје сега што излезе, јагода, цреша, зеленчук, си зимаат во ред е сега сè.“
Но не сите пазарџии беа расположени за муабет, многумина кои беа без маски сакаат да ги избегнат камерите, но довикуваат дека е тешко на ова време да се седи по десет часа со маска на лице.
Митов: Забележлив тренд на домашно приготвена храна и зголемена телесна тежина
Доктор Александар Митов вели дека во земјава не е направено истражување за тоа дали пандемијата ги смени навиките на граѓаните во исхраната, но се забележува тренд на домашно приготвена храна и изоставување на брзата храна. И тоа е позитивен тренд, затоа што секое приготвување на храната дома создава шанса таа да биде приготвена на еден подобар и поздрав начин.
„Брзата храна периодов се изостави и можам да кажам дека тоа е позитивна работа околу оваа криза, но негативната е тоа што зажал не сме доволно физички активни. Имаме една комбинација на домашна исхрана, но неактивноста го направи своето, за жал многумина се жалат дека дошло до благо покачување на телесната тежина. Ова не е краток период, два до три месеци, а тоа е повеќе од доволно за телесната тежина да оди нагоре доколку сме физички неактивни.“
Дел од анкетираните скопјани велат дека рестриктивните мерки ги затворија во своите домови, и тоа ги направи физички неактивни
Но доктор Митов посочува дека тоа е лошата комбинација на која мора да се внимава, да се планираат оброците и да се избегнуваат грицките.
„Домашното приготвување е позитивен аргумент во однос на здравјето во овој период на карантин, но негативниот аспект е дека сме дома постојано и дека ќе ни текне на храна многу почесто од вообичаено, Тоа може да доведе да јадеме повеќе оброци а во крајна линија да дојдеме до калориски суфуцит односно да имаме повеќе калории отколку што трошиме“, вели тој .
Дел од граѓаните своето време во домот го искористија за да посветат внимание на своите работни задачи или хоби. На пазар го запознавме и пчеларот Марин Арсовски вели дека ако работиш повеќе, помалку време ќе остане за човек да не мисли на храната.
„Си спремав сандаци, рамки, пити, жици за пчелите и така си најдов занимација, фарбање, бушење, припреми, ако си најдеш работа , а треба човек да си најде работа за да не мисли ни на храната ни на друго, кога ќе огладнеш ќе јадеш. Тоа е целта на луѓето, да си најдат работа да бидат ангажирани, ако не ќе гледаш само во телевизорот и што ќе постигнеш“, вели Арсовски.
Славица Димовска се занимава со земјоделство и вели дека на почетокот на пандемијата поголемиот дел од времето го поминувала работејќи на нива, но со тек на време стравот од Ковид 19 си го направи своето.
„Работиме во нива, земјоделие, по нивите кога одевме полесно ја поминавме, сега излегуваме пак, ама стравот си делува, седиме дома повеќе“, вели таа.
Сепак, за време на пандемијата се забележува оти дел од граѓаните и покрај рестриктивните форми се обидуваат да бидат и натаму активни. Во парковите има луѓе кои и натаму ја оддржуваат својата форма со трчање, на социјалните мрежи се објавуваат фотографии од скопјани кои се рекреираат сами или со своите најблиски на падините на Водно, а по улиците забележлив е зголемениот број на велосипедисти.
Град Скопје излезе со нов проект „спортувај од дома “ со познати фитнес инструктори со цел да се поттикнат граѓаните на физичка активност. На социјалните мрежи млади луѓе започнаа да се повикуваат на разни предизвици за вежбање од дома.
Пандемијата и рестриктивните мерки ги принудија граѓаните да ги сменат навиките за исхрана
Пандемијата принуди многу луѓе во светот да го сменат и начинот на исхрана. Бидејќи рестораните, кафеаните и други објекти за подготовка на оброци беа или сеуште се затворени, се повеќе луѓе почнаа да готват дома. Потрошувачите купуваат повеќе зеленчук и овошје и почнаа да се хранат поздраво. Според прелиминарните резултати од една студија, исто така, поголема е побарувачката на локални прехрамбени производи, а се помалку се фрла храна.
Истражувањето е спроведено онлајн во 11 држави во Европа, од 17-ти април до 7-ми мај годинава.
Шарлот Де Бекер, од Универзитетот во Антверпен, Белгија, координатор на истражувањето, вели дека луѓето се свртеле кон здрава храна, јадат повеќе овошје и зеленчук, а многумина почнале и да готват, иако тоа не го правеле претходно. Но, има и друга крајност во исхраната.
„Од една страна, сакате да бидете здрави, сакате да подготвите домашна храна, но, од друга страна, кризна ситуација е, луѓето се под стрес и им треба комфорт, комфорт да јадат солена, мрсна, слатка храна.“
Аурелија Лабарж, која има продавница за органска храна во Брисел, вели дека прометот тројно и се зголемил, главно поради промената на однесувањето на потрошувачите кои бараат поздрави производи и поблиску до дома.
На слично мислење е и Давид Ерера, фармер кој одгледува органска храна. Потрошувачите сметаат дека е полесно да се контролира она што е дома, отколку она што се увезува од разни делови на светот.
„Мислам дека генералниот тренд е дека луѓето сега сфаќаат оти малите пазари, локалната храна, е посвежа. На пример, ако јас прскам со пестициди и некој види од улица, веќе нема да имам муштерии.“
Луѓето најчесто велат дека сега имаат повеќе време и дека можат и да испазарат и да зготват нешто дома. Се менува и начинот на размислување во врска со храната.
„Чувствувам дека имам повеќе време да готвам или пазарам, а обично е брзање дома од работа од училиште“, вели Мариа Фонтеин.
„Од разни грицки, ресторанска храна, достава на храна, се свртевме кон домашно готвење. Дефинитвно, многу се смени. Ослабев 4 кила, горда сум на тоа“, вели Фирен од Брисел.
Но, некои луѓе велат дека се случило спротивното.
„Се храниме полошо. Јадеме повеќе слатки, и за жал, многу луѓе немаат избор.“
Истражувањето продолжува и ќе биде спроведено во вкупно 25 земји во Европа, а конечните резултати за тоа како и дали пандемијата го смени начинот на исхрана, треба да бидат објавени до крајот на јуни.
Докторски совети за можниот следен бран
Во однос на советот до граѓаните како да си го подобрат квалитетот на животот, доктор Митов вели дека физичката активност е многу важна и советува на овој период кога пандемијата наметна поинакво темпо, да се гледа како шанса и прилика за граѓаните да посветат повеќе внимание на себе и своето здравје.
„Сега имате повеќе време за да пешачите, да вежбате, се создаде време за себе кое што вообичаено во целата динамика на живеење.“
Тој додава дека ако е точно предупредувањето дека оваа есен е можно да се случи нов бран, многу е паметно овој период кој ни следи да се искористи за да се намали телесната тежина.
„Тоа е период од 4 до 5 месеци, повеќе од доволно за да се направи промена, да се намали телесната тежина за дури и ако се заразиме со вирусот да се намали ризикот од дополнителни компликации“, вели доктор Митов.