Достапни линкови

Се полнат викендиците во Преспа


Преспа, 6 јули 2020 година
Преспа, 6 јули 2020 година

Пред високите температури попушта и стравот од коронавирусот, па Преспа постепено почнува да се полни со туристи. Ги нема во голем број на плажите, но се среќаваат по десетина како уживаат на брегот и во Езерото, запазувајќи растојание меѓу семејствата или групите

Плажите сѐ уште не се официјално отворени бидејќи се чека Владата да ги донесе протоколите за работа. Но, околните викендички по селата постепено се полнат со туристи, а сѐ побројни се и семејствата кои потекнуваат од овој регион и имаат свои куќи, па годинава не можејќи да патуваат надвор од земјава летниот одмор ќе го поминат во родното место.

„Имаме викендичка во Стење и затоа доаѓаме на годишен одмор, треба секој жител да ја запознае својата земја.

Овој дел на Преспа, во Отешево е одличен за здравствен туризам.

Викендица имам во Асамати, често доаѓам тука.

Да се направат првите чекори да се направат сместувачките капацитети. Педесет проценти од развојот на туризмот лежи во обезбедување на сместувачки капацитети.

Супер е, чисто, за мерак, мирно, убаво, солидно“, коментираат туристите.

За организирана работа на плажите се чекаат препораки од Кризниот штаб и од Владата. Некои плажи започнале со работа, но угостители велат дека имало и инспекции кои контролирале дали се работи во време на забрана.

Од Општина Ресен велат дека се преземаат мерки да се спаси турситичката сезона и во услови кога со ковид-19 се заразени повеќе од сто заболени, од кои најголемиот број се активни случаи. .

„Со оглед на пандемијата со КОВИД-19 и ние како Општина се прилагодуваме според оваа ситуација, Ресен во изминатиот период бележеше зголемен број на заболени. Но, тоа не не спречува да преземаме мерки околу туристичката сезона за да се спаси колку што може“, вели градоначалникот Живко Гошаревски.

Преспа годинава во приватни куќи ќе понуди дистанца за туристите.

„Она што е специфично за Ресен освен прекрасната природа, тоа се убавите рурални села и како општина со намален број на сместувачки капацитети презедовме активности, а тоа ќе го правиме и во следниот период, што повеќе куќи кои се наоѓаат во близина на Преспанското Езеро да направат категоризација на приватното сместување. Општината ќе им излезе во пресрет во обезбедување на подобри услови, уредување на плажите и други активности кои ќе ги стимулират граѓаните да дојдат во поголем број“, додаде Гошаревски.

Со пуштањето на аеродромите, во Преспа се очекува да се вратат и печалбарите кое секое лето ги полнат селата и плажите.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG