Вести
До Хелсиншки комитет месецов 363 работници се пожалиле за прекршување на правата
Од почетокот на месецот Хелсиншкиот комитет доби 56 пријави за прекршување на работнички права, кои опфаќаат 363 работници, информираат од Хелсиншкиот комитет за човековите права. Најголем дел од пријавите се однесуваат на принудно спогодбено раскинување на договорот за работа.
„Во девет пријави, каде се отпуштени 67 работници, отказите се основани поради деловни причини, поради вина на страна на работникот и отказ поради прекршување на работниот ред и дисциплина. Врз основа на принудно спогодбено раскинување на договорот за вработување се отпуштени 264 работници. За прекршување на мерките на Владата, се отпуштени седум работници, односно 67 работници се отпуштени заради намалување на платите/неисплатени плати“, велат од Хелсиншки Комитет.
Гледано во проценти по родова распределба, 62 отсто од отпуштените се работнички.
види ги сите денешни вести
Велика Британија воведе нови санкции поврзани со Русија
Велика Британија денеска (7 ноември) објави нов пакет санкции за Русија, најголем во последната година и пол кој опфаќа мерки за 56 лица и субјекти поврзани со воената машинерија на Москва, вклучително и платенички групи активни во Африка и поединец обвинет за вмешаност во нападот со отровот новичок во 2018 година.
Објавата на санкциите доаѓа дента кога британскиот премиер Кир Стармер замина на разговори за спротивставување на руските активности во Европа со другите европски лидери на самитот на Европската политичка заедница во Будимпешта каде се очекува тој да ја потврди силната поддршка на Лондон за Украина.
Според британските власти, санкциите што ги воведуваат ќе го нарушат снабдувањето со витална воена опрема за машинеријата на рускиот претседател Владимир Путин и ќе ги намалат руските активности на глобално ниво.
На листата со санкции, меѓу другите се ставени, три платенички групи во Африка кои се поврзуваат со Кремљ.
Едната од нив е Африканскиот корпус, наследничка на озлогласената платеничка група Вагнер, која под водство на покојниот соработник на Путин, Евгениј Пригожин, учествуваше во инвазијата на Украина.
По смртта на Пригожин и по краткотрајниот бунт на групата, Африканскиот корпус како наследничка на Вагнер ги прошири операциите во африканските земји како Либија, Централноафриканската Република, Мали, Буркина Фасо и Нигер, каде што борците на групата делуваат како поддршка на тамошните воени диктатури.
„Русија се обидува да ги искористи кревките безбедносни средини и природните ресурси во овие земји за своја корист и за проширување на влијанието на Кремљ“, соопшти британскиот Форин Офис.
На листата со санкции се најде и рускиот воен разузнавач Денис Сергеев, еден од тројцата руски оперативци кои британската полиција ги обвини за обидот за убиство на поранешниот руски двоен агент Сергеј Скрипал, со нервниот агенс новичок во 2018 година во Англија.
За потсетување, Скрипал и неговата ќерка Јулија беа пронајдени без свест на клупа во парк во Англија во март 2018 година, а британските власти утврдија дека тие биле цел на напад на руското воено разузнавање. Отровот новичок бил нанесен на кваката од вратата на нивниот дом.
Таткото и ќерката преживеаја, но почина една жена која случајно дошла во контакт со отровниот агенс.
Новиот пакет санкции опфаќа и 28 ентитети со седиште во Кина, Турција и Централна Азија кои се товарат дека ја снабдуваат Москва со машини, микроелектроника за дронови и други воени компоненти што се користат во инвазијата во Украина.
„Денешните санкции ќе ја одвраќаат корозивната надворешна политика на Кремљ, поткопувајќи ги обидите на Русија да поттикне нестабилност низ Африка и попречувајќи го снабдувањето со витална опрема за воената машинерија на Путин“, изјави британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами.
Путин, додаде тој, „е речиси 1.000 дена во војна за која мислеше дека ќе потрае само неколку дена“.
„Тој ќе пропадне, а јас ќе продолжам да го уривам Кремљ и да го поддржувам украинскиот народ во неговата борба за слобода“, заклучи Лами.
Кос: До 2027 година Црна Гора и Албанија би можеле да ги завршат преговорите со ЕУ
Кандидатката за еврокомесар за проширување Марта Кос изјави дека е можно до крајот на нејзиниот мандат најмалку две земји да ги завршат пристапните преговори со Европската Унија.
Таа изјави дека Црна Гора би можела да ги затвори сите поглавја до крајот на 2026 година, а Албанија може да го направи тоа до 2027 година.
Кос не ја спомена Србија во контекст на можноста за затворање на поглавјето, но рече дека е охрабрена од изјавите на претседателот Александар Вучиќ, кој минатата недела изјави дека е подготвен да направи се за усогласување на законодавството со европското законодавство.
„Мислам дека ова е огромен успех. Сепак, мора да следат активности“, рече идната комесарка за проширување.
Марта Кос е кандидатка од Словенија за комесар за проширување. Во текот на денот таа имаше сослушување во комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент (АФЕТ), на која беше потврдена нејзината кандидатура.
Марта Кос се осврна на поранешната заедничка држава како доказ дека добро го познава регионот на Западен Балкан. Таа пред европските претставници потврди дека ќе се погрижи патот кон влезот во ЕУ да остане целосно заснован на заслуги.
„Јас сум за амбиција, но не може да има пречки и никогаш нема да го компромитирам квалитетот заради брзината“, подвлече Кос.
Таа, исто така, додаде дека нема да се двоуми да предложи корективни мерки во случај на сериозна стагнација во спроведувањето на политичките заложби, особено во критичните области како што се реформите во судството и борбата против корупцијата.
Кос рече и дека земја која не ја почитува слободата на изразување и нема медиумски плурализам не може да биде членка на ЕУ. Оцени дека целосното усогласување со надворешната политика на ЕУ не е предуслов за процесот на проширување, но потврди дека усогласувањето треба да биде целосно во моментот на членството во ЕУ.
Но, таа предупреди дека се важни и политичките обврски и степенот на нивното исполнување.
Почна самитот на Европската политичка заедница во Будимпешта
Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска (7 ноември) на отворањето на самитот на Европската политичка заедница во Будимпешта, изјави дека мора да се најдат начини за враќање на мирот во Европа.
Тој истакна дека на самитот ќе се разговара за безбедносните предизвици со кои се соочува Европа и дека некои од прашањата ќе вклучуваат како Европа може да преземе поголема одговорност за својата безбедност и мир во иднина, како континентот да биде поуспешен во остварувањето на сопствените интереси и да стане одлучувачки играч во дискусиите и случувањата кои ќе одлучуваат за неговата иднина.
„Овие прашања станаа особено актуелни по претседателските избори во САД кои штотуку се одржаа. Иднината на нашите трансатлантски односи е незаменлива компонента на европската безбедносна архитектура. Одговорите дадени сега би можеле да ја одлучат иднината на Европа со децении. Верувајте дека ние заедно можеме да бидеме посилни отколку сами“, рече Орбан.
Орбан додаде дека европската политичка заедница мора да разговара за геополитичките прашања, како и дека лидерите ги обединува заедничкиот интерес и заедничката одговорност за Европа.
На собирот, чиј домаќин е унгарскиот премиер Виктор Орбан, е најавено учество на 47 шефови на држави или влади од Европа, како и на делегација на ЕУ, што ќе ја сочинуваат претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и високиот претставник за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.
Во пресрет на Самитот се појавија информации дека Орбан на маргините на собирот ќе организира средба на Мицкоски со бугарскиот претседател Румен Радев, но македонскиот премиер вчера изјави дека таква средба не е договорена, но дека е подготвен за разговори.
На Самитот, покрај земјава, се поканети и останатите пет држави од Западниот Балкан, 27-те членки на ЕУ, како и Андора, Азербејџан, Велика Британија, Ерменија, Грузија, Исланд, Лихтенштајн, Молдавија, Монако Норвешка, Сан Марино, Турција, Украина и Швајцарија.
Одлуката за создавање на Европската политичка заедница беше донесена на Самитот на ЕУ во јуни 2022 година, со цел да се здружат земјите на европскиот континент, да се поттикне политичкиот дијалог и соработката меѓу низ за прашања од заеднички интерес и да се зајакне безбедноста, стабилноста и просперитетот во Европа, во услови на драматичните последици од руската агресија врз Украина.
Штајнмаер е подготвен да распише избори во Германија
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер денеска изјави дека е подготвен да распише нови избори по распадот на коалицијата на канцеларот Олаф Шолц, предупредувајќи ги сите партии да се однесуваат одговорно.
„Крај на една коалиција не е крај на светот. Тоа е политичка криза која треба да ја надминеме“, рече Штајнмаер.
Шолц соопшти дека ќе побара гласање за доверба во парламентот откако заминувањето на министерот за финансии Кристијан Линднер од редовите на Слободните демократи ја остави неговата влада без парламентарно мнозинство.
„Нашата демократија е силна. Но, сега не е време за тактики и измами, туку за разум и одговорност“, нагласи германскиот претседател.
Штајнмаер има моќ да го распушти парламентот и да распише нови избори само откако владата ќе изгуби на гласањето за доверба. Тој додаде дека на Германија и треба стабилно мнозинство и способна влада.
Песков не исклучува комуникација меѓу Путин и Трамп пред инаугурацијата во САД
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека не може да ја исклучи можноста за разговори меѓу рускиот претседател Владимир Путин и новоизбраниот претседател на Соединетите Држави, Доналд Трамп пред неговата инаугурација во јануари.
На прашањето на новинарите дали таквата комуникација е надвор од маса, Песков одговори:
„Зошто? Тоа не е исклучено. Трамп рече дека ќе му се јави на Путин пред инаугурацијата. Тоа се негови зборови“, изјави Песков.
Тој алудираше на претходните изјави на Трамп за комуницирање со Путин пред преземањето на функцијата.
Песков, исто така, се осврна на прашања во врска со каков било официјален контакт меѓу руските власти и кампањата на Трамп по изборите во САД.
„Не. Зошто да контактираме со нив?“, рече Трамп.
Тој додаде дека руската администрација не остварила никаков директен контакт.
Коментарите доаѓаат во време на зголемено меѓународно внимание на односите меѓу САД и Русија по претседателските избори на 5 ноември, на кои победи републиканскиот кандидат Доналд Трамп.
Екс министерката Петровска доби кривична пријава од војниците
Независниот синдикат на професионални војници поднесе кривична пријава против поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска поради основано сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ од член 353 од Кривичниот законик. Оттаму го повика и актуелниот министер Владо Мисајловски на социјален дијалог за решавање на проблемите на професионалните војници.
Како што информираше претседателот на Синдикатот на професионални војници Александар Насковски на прес-конференција пред ОЈО Скопје, Петровска во периодoт од 1 декември 2023 до 28 мај 2024 година го сопрела функционирањето на Синдикатот спротивно на Законот за работни односи, ја сопрела уплатата на членарината спротивно на Колективниот договор на МО и го замрзнала членството и со сето тоа, како што нагласи, го спречила синдикалното движење и неговото работење за подобрување на правата на припадниците на Армијата.
„Како моментално најкорумпирана институција во која за период од девет месеци се направија три фалсификати од страна на криминалната група е Министерството за социјална политика, демографија и млади. Овие фалсификати ги потпишаа три различни министри и се спроведоа во Министерството за одбрана. Тој криминал е наследен од претходниот министер и трае и до ден денеска во рамки на МО“, изјави Насковски.
Според него, проблемот трае 11 месеци и е наследен од претходниот министер. Тој вели дека доколку во најбрз рок не се реши, професионалните војници ќе излезат на протести пред Владата како во 2009 година.
„Треба да има социјален дијалог, а не да се блокира и краде Синдикатот. Професионалните војници бараат решавање на нивниот статус, право на пензионирање по 45 години и трансформирање на работниот однос на неопределено време“, изјави Насковски.
Тој посочи дека се обратиле и до актуелниот министер за одбрана Владо Мисајловски, но како што рече, 130 дена не биле повикани на разговор.
„Се обративме трипати до премиерот, добивме двапати половичен одговор дека министерството треба да ни одговори за проблемите, но министерството никако не одговара. Се обративме до Врховниот командант, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, каде што досега не добивме одговор за да ги соопштиме нашите проблеми“, изјави претседателот на Синдикатот на професионални војници.
Јаневска го потврди затворањето на два научни института
Министерката за образование и наука Весна Јаневска соопшти дека е комплетно завршен процесот на затворање на два института поради, како што посочи, утврдени нерегуларности во нивното работење. Во изјава за медиумите таа сепак, не откри за кои институти станува збор.
„Дозволете да ги затвориме и транспарентно ќе објавиме. Во овој момент, најверојатно, продолжува и за уште три, но треба да заврши и ќе имаме информација“, изјави Јаневска при денешната посета на средното општинско училиште „Коле Нехтенин“ во Штип.
Таа додаде дека кај дел од универзитетите, е сосема при крај процесот односно дека постапиле со наплата на казни на рецензентски комисии, декани и ректори.
На новинарско прашање дали инспекции има и на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, одговори дека и таму имало една контрола од која се чека извештајот, нагласувајќи дека сите универзитети, без исклучок, ќе го поминат процесот.
Секаде каде што ќе бидат завршени процесите, истакна Јаневска, јавно и транспарентно ќе бидат објавени резултатите.
Во неодамнешното интервју за Радио Слободна Европа, министерката посочи дека се утврдени неправилности на универзитетите во Тетово, Охрид и Струга.
Руте очекува од Германија да ги исполни одбранбените обврски
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте го поддржа германскиот канцелар, Олаф Шолц да ги исполни одбранбените обврски на неговата земја и покрај колапсот на германската влада.
Руте рече дека е сигурен оти Германија може да ги исполни нејзините одбранбени барања, опишувајќи го Шолц како „силен лидер“ кој може да се движи низ политичката нестабилност.
Генералниот секретар на НАТО посочи дека Шолц ќе се погрижи Германија да ја игра својата „улога на светската сцена“ и соодветно да ја води својата надворешна политика.
Инаку, двајцата работеа заедно како лидери на ЕУ кога поранешниот холандски премиер беше на власт во Холандија.
Израел усвои закон за депортација на семејствата на палестинските напаѓачи
Израелскиот парламент усвои закон со кој се дозволува депортација на членови на семејствата на палестинските напаѓачи, вклучително и државјани на таа земја, пишува АП.
Според овој закон, тие би биле депортирани во завојуваната Газа или на друго место.
Законот, за кој се залагаа членовите на партијата Ликуд на премиерот Бенјамин Нетанјаху и нејзините екстремно десничарски сојузници, беше усвоен со 61 глас за и 41 глас против.
Сепак, се очекува тоа да биде оспорено на суд.
Законот ќе важи за палестинските граѓани на Израел и за жителите на анектираниот Источен Ерусалим кои претходно знаеле за напади од членови на семејството или кои „искажуваат поддршка или се идентификуваат со акти на тероризам“.
Тие би биле депортирани или во Газа или во други земји за период од седум до 20 години.
Војната меѓу Израел и Хамас, група која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка организација, продолжува во Газа, каде што загинаа десетици илјади Палестинци, а најголемиот дел од населението неколку пати беше внатрешно раселено.
Не е јасно дали законот ќе се применува и на окупираниот Западен Брег, каде Израел одржува строга политика на уништување на семејните домови на напаѓачите.
Еран Шамир-Борер, истражувач во Израелскиот институт за демократија и поранешен меѓународен правен експерт за израелската војска, рече дека ако законот отиде до Врховниот суд, тој најверојатно ќе биде поништен, врз основа на минатите случаи на депортација на Израел.
„Заклучокот е дека овој закон е целосно неуставен и против основните вредности на Израел“, рече Шамир-Борер.
Израел го окупираше Западниот Брег, заедно со Газа и Источен Ерусалим за време на Блискоисточната војна во 1967 година. Палестинците сакаат овие три територии да бидат дел од нивната идна држава.
Израел се повлече од Газа во 2005 година, но повторно окупираше делови од територијата откако Хамас започна напад врз Израел на 7 октомври 2023 година, предизвикувајќи војна.
Поголемиот дел од Меѓународната заедница не ја признава израелската анексија на Источен Ерусалим. Палестинците во оваа земја имаат постојан престој и им е дозволено да аплицираат за државјанство, но повеќето избираат да не го прават тоа.
Палестинците кои живеат во Израел сочинуваат околу 20 отсто од населението во земјата. Имаат државјанство и право на глас, но се соочуваат со голема дискриминација.
Пожар во магацин со стари вагони во Железници
Горат стари и неисправни вагони во магацинскиот простор на Македонски железници транспорт во општината Кисела Вода. Пожарот кој избувнал ноќта е активен и утрово (7 ноември).
Според првичните информации пожарот избувнал во 01:20 часот на улицата „Трета Македонска Бригада, а интервенирале 20 пожарникари со осум противпожарни возила.
Причините за пожарот сè уште не се познати.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете