Достапни линкови

Вести

Во Скопје од следната недела пунктови за тестирање на корона

Илустрација. Луѓе со заштитни маски, Скопје, март 2020 година
Илустрација. Луѓе со заштитни маски, Скопје, март 2020 година

Од следната недела ќе треба да почнат со работа пунктови за тестирање во рамки на Здравствениот дом во Скопје за да се опфатат поголем број граѓани со оглед на тоа што веќе има локална трансмисија во градот,
истакна министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција.

" Целта е да се стигне до сите првични контакти затоа што тоа се најризичните луѓе кои можат да се во највисок процент заразени и да ја шират заразата. Тоа ќе биде целта и на дополнителното тестирање кое сакаме да го почнеме оо почетокот на следната недела.
Значи да се прошири на дел од асимтоматските пациенти кои се во најризичните групи. Затоа е многу важна свеста на граѓаните посебно на оние кои биле во контакт или оние кои знаат дека можеби се во ризична група, нагласи Филипче.

види ги сите денешни вести

Најмалку 11 повредени во експлозија на преполн пазар во Кабул

илустрација
илустрација

Најмалку 11 лица се повредени вчера (23 октомври), меѓу кои и деца во експлозија што се случи на преполн пазар во Кабул, главниот град на Авганистан, соопшти меѓународна невладина организација.

Засега не е познато што ја предизвикало експлозијата, а никој од талибанските власти не бил достапен за коментар.

Експлозијата се случила на пазар каде што се продава половна облека во градската општина Памир Синема, објави организацијата за итни случаи, која управува со хируршката болница во Кабул.

Заменик-директорот на локалниот огранок на организацијата Стефано Џенаро Смирнов изјави дека меѓу повредените има тригодишно и четиригодишно дете, а еден маж е во критична состојба.

Екстремистите во Авганистан ги засилија своите активности откако Талибанците се вратија на власт во 2021 година, соборувајќи ја претходната, прозападна влада на крајот од повлекувањето на американските трупи и нивните НАТО сојузници од земјата.

Цел на екстремистите по правило се Талибанците и припадниците на шиитското муслиманско малцинство.

Холандија воведува построги мерки за азилот и контроли на границите

илустрација
илустрација

Холандија почнува да ги заострува законите за азил и планира во ноември да воведе гранични контроли, но нема да прогласи вонредна состојба за која се залага десничарскиот лидер Герт Вилдерс.

Вилдерс, чија партија освои најмногу гласови на изборите во ноември 2023 година, својот поостар став го објави вчера преку соопштение на мрежата X.

„Нема да има вонредна состојба, но веднаш ќе има построги мерки. Навистина сум среќен поради тоа“, објави Вилдерс на X.

Коалициските партнери со месеци дебатираат за построги правила за добивање азил во земјава. Вилдерс се надеваше дека ќе прогласи вонредна состојба за да спроведе строги мерки без одобрение од парламентот. Другите партии не се согласија, тврдејќи дека нема правна основа за тоа.

Според предложените мерки, статусот на барател на азил ќе важи најмногу три години во иднина. Коалицијата си постави за цел да ги врати сириските бегалци и да прогласи барем делови од Сирија за безбедни.

Оние кои добиле статус на бегалец во Холандија ќе имаат помалку права во врска со сместувањето.

Бројот на баратели на азил во земјата се стабилизира на околу 40.000 годишно. Но, тешко им е да најдат сместување, што делумно е резултат на кратењето на буџетот, а делумно и општата намалена понуда за сместување во Холандија

Фон дер Лајен во посета на Скопје

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лaјен
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лaјен

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лaјен во рамки на нејзината четиридневна турнеја низ шесте земји од Западниот Балкан, денеска (24 октомври) ќе престојува во Скопје.

Според најавите, за време на посетата на земјава Фон дер Лајен ќе има средби со претседателката Гордана Сиљановска Давкова и со премиерот Христијан Мицкоски.

Во пресрет на посетата на Фин дер Лајен на регионот, Европската комисија вчера ги одобри реформските агенди на Северна Македонија, Албанија, Косово, Србија и Црна Гора, поврзани со Планот за раст на Западниот Балкан, со кои ти се обврзуваат на социо-економски и фундаментални реформи што ќе ги спроведат во периодот од 2024 до 2027 година за да поттикнат раст и поврзување со ЕУ. Одобрувањето на реформските агенди беше клучен чекор за да се овозможат исплати на средства во рамки на Механизмот за реформи и раст на Западниот Балкан, чија вкупна вредност е шест милијарди евра.

Како што информира вчера заменичката на главниот портпарол на ЕК, Аријана Подеста, токму Планот за раст, како и напредокот на европски пат на земјите од Западниот Балкон ќе бидат главни теми на средбите на Фон дер Лајен со нејзините домаќини за време на турнејата низ регионот.

Својата балканска турнеја таа ја започна од Тирана, каде вчера имаше средба со албанскиот премиер Еди Рама и се обрати на свеченоста по повод стартот на академската година на тиранскиот Колеџ на Европа. По средбата со Рама, Фон дер Лајен најави дека Европската комисија следната недела ќе ги објави извештаите за напредокот на европскиот пат на земјите кандидати за членство во ЕУ.

Фон дер Лајен од Скопје попладнево ќе отапува за босанскиот град Јабланица, каде ќе ги посети подрачјата што неодамна беа погодени од поплави. В сабота Фон дер Лајен ќе престојува во Приштина, по што ќе отпатува за Подгорица.

Овонеделната посета на Фон дер Лајен доаѓа по онаа од пред година кога во регионот го промовираше Планот на Европската комисија за раст на Западниот Балкан. Во меѓувреме таа во неколку наврати имаше средби со лидерите од земјите од регионот, од кои последните се одржаа минатата недела на Самитот на Берлинскиот процес во Берлин и на Бледскиот стратешки форум на почетокот на септември.

На овие средби Фон дер Лајен го истакнуваше значењето на регионот за Европската Унија и на посветеноста на блокот за поддршка на земјите од Западниот Балкан во спроведувањето на реформите и трасирањето на патот кон членство во Унијата.

Фон дер Лајен од Тирана: Проширувањето на ЕУ е приоритет во мојот втор мандат

Претседателката на ЕК од Тирана ја започна турнејата низ земјите од Западен Балкан.
Претседателката на ЕК од Тирана ја започна турнејата низ земјите од Западен Балкан.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска (23 октомври) од Тирана ја започна нејзината турнеја низ Западен Балпан, порачувајќи дека проширувањето на Европската унија е нејзин приоритет во нејзиниот втор мандат како шефица на извршното тело на ЕУ.

„Проширувањето е голем приоритет и во мојот следен мандат. Тоа се однесува на нашиот план за раст за Западен Балкан, за ова разговаравме во Берлин. Ја отвораме вратата на заедничкиот пазар со партнерите од Западен Балкан“, рече Фон дер Лaјен на прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама.

Фон дер Лајен утре (24 октомври) ќе престојува во Северна Македонија, а во рамки на турнејата ќе ги посети и Србија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора.

За време на нејзината посета на Европскиот колеџ во Тирана, фон дер Лајен рече дека сега „ветрот на промени дува во Западен Балкан“.

„Може ли некој да го запре ветерот на промените? Денес овој ветер на промени дува не само во Западен Балкан, туку и во Украина и Молдавија. Но, има и други ветрови кои дуваат во спротивни насоки, кон национализам или угнетување. Русија влезе во Украина токму затоа што Украина сакаше да стане дел од ЕУ“, рече таа.

Таа посочи дека за време на изборите минатиот викенд во Молдавија била забележана „голема руска интервенција на референдумот за европската иднина“.

„Овие сили работат на дестабилизација на земјите кои ја избираат Европа. Секогаш кога има напредок кон помирување или интеграција, тие се оние кои го свртуваат вниманието кон старите конфликти. Ова е реалноста денес. Ова е она со што ќе треба да се справи вашата генерација млади Европејци. Не смееме да седиме со скрстени раце“, им порача фон дер Лајен на студентите на Европскиот колеџ.

Шефицата на Европската комисија најави дека Албанија во наредните месеци ќе ја добие првата исплата од 64 милиони евра од Планот за раст на ЕУ, од вкупно 920 милиони евра, што се очекува да ги добие во следните три години.

ЕУ го одобри Планот за раст за Западен Балкан, кој предвидува помош од шест милијарди евра за земјите од регионот.

„Помина една година од почетокот на работата и повеќето од нив имаат подготвена реформска агенда. Вие и тимот завршивте одлична работа со реформската агенда“, му рече претседателката на ЕК на премиерот Рама.

На прашањето дали има датум кога Албанија ќе може да стане членка на ЕУ, Фон дер Лајен рече дека тоа зависи од „работата и заслугите“.

На 15 октомври Албанија го отвори првото поглавје од пристапните преговори со ЕУ, точно 10 години по добивањето на статусот земја-кандидат.

Рама рече дека Албанија е „решена“ да ги исполни своите обврски на патот кон ЕУ.

„Многу сме решени да успееме. Има голем број задачи, ги има илјадници! Задачи кои мора да се преточат во закони, подзаконски акти, но и во докази за нивно спроведување“, рече Рама.

Во рамки на посетата на главниот град на Албанија, претседателката на Европската комисија утре претпладне треба да се сретне со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај по што ќе отпатува за Скопје.

Според најавите на Европската комисија, Фон дер Лајен за време на посетата на регионот најмногу ќе се фокусира на помошта што ЕУ им ја дава на земјите од регионот за забрзување на реформите и подготовките за побрз напредок во евроинтеграциите.

Утре, Фон дер Лајен од Северна Македонија ќе замине за Босна и Херцеговина.

Во петокот ќе престојува во Србија каде ќе се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ.

Во сабота ќе биде во Косово, каде ќе се сретне со претседателката Вјоса Османи и со премиерот Албин Курти. Посетата на регионот ќе ја заврши со средби со лидерите на Црна Гора во Подгорица.

Гаши на средба со Стефанчук изразил недвосмислена поддршка за Украина

Претседателот на Собранието на Северна Македонија Африм Гаши и претседателот на Врховната рада на Украина Руслан Стефанчук на средба во Рига.
Претседателот на Собранието на Северна Македонија Африм Гаши и претседателот на Врховната рада на Украина Руслан Стефанчук на средба во Рига.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, на билатерална средба со својот хомолог, претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук, ја нагласил недвосмислената поддршка од Северна Македонија за Киев, соопштија од собраниската прес-служба.

Гаши и Стефанчук оствариле билатерална средба на маргините на Третиот парламентарен самит на Меѓународната кримска платформа, што се одржува во Рига, Летонија.

„Гаши ја нагласи недвосмислената и решителна поддршка и солидарност за Украина, украинските институции и украинскиот народ во бруталната, неоправдана и непредизвикана воена агресија на Русија врз Украина и во борбата против агресорот, што истовремено претставува борба за демократските вредности и заштита на меѓународниот поредок“, соопштија од Собранието.

Како што соопшти собраниската прес-служба, Гаши истакнал дека Собранието на Република Северна Македонија трет пат е претставено на највисоко ниво на парламентарните самити на Меѓународната кримска платформа, што, нагласил тој, е „јасен показател на нашата посветеност кон овој форум, како и цврстата поддршка за Украина, на секое поле“.

Според соопштението од парламентот на Северна Македонија, Стефанчук искажал благодарност за постојаната поддршка што ја добива Украина од Скопје.

„Сите порачуваат оваа војна да заврши, но важно е и како ќе заврши војната. Претседателот Стефанчук нагласи дека на Украина во моментов и се повеќе од потребни поддржувачи и гласноговорници на сите меѓународни форуми особено земји членки на НАТО“, велат од Собранието.

Оттаму потсетуваат дека Северна Македонија досега била ко-спонзор на повеќе резолуции и иницијативи за Украина, а го поддржала и суспендирањето на Русија од Советот на Европа. На 31 јануари, земјава и официјално се приклучи кон „Меѓународната коалиција за олеснување на враќањето на украинските деца депортирани или присилно раселени од привремено окупираните територии на Украина“, а изрази и поддршка за „Формулата за мир“ на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Третиот парламентарен самит на Меѓународната кримска платформа во Рига годинава се одржува на 23 и 24 октомври 2024.

Во делегацијата на Северна Македонија, со Гаши е и генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска.

Инаугуративниот самит на Кримската платформа се одржа во Киев на 23 август 2021 година на ниво на шефови на држави и влади. Првиот самит на парламентарно ниво се одржа во 2022 година во Загреб, а вториот во 2023 во Прага.

update

Терористички напад на воена фабрика во Турција, има жртви и ранети

Полиција и Брза помош во близина на местото на настанот.
Полиција и Брза помош во близина на местото на настанот.

Пет лица загинаа, а 22 се ранети во терористички напад на турската воздухопловна и одбранбена компанија ТУСАС изведен денеска (23 октомври), соопшти турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја.

„Извршен е терористички напад врз ТУСАС. За жал, по нападот имаме жртви и повредени“, објави Јерликаја на мрежата Икс на 23 октомври.

Тој рече дека двајца осомничени за нападот - еден маж и една жена, се неутрализирани. Додаде дека тројца од повредените се во критична состојба.

Турските власти сметаат дека нападот најверојатно е поврзан со Курдистанската работничка партија (ПКК), која Турција, како и САД и ЕУ, ја сметаат за терористичка организација.

„Според начинот на кој беше извршена оваа акција многу е веројатно дека таа е поврзана со ПКК“, рече Јерликаја, додавајќи дека напорите за идентификување на сторителите се во тек.

И министерот за одбрана Јасар Ѓулер го впери прстот кон „негативците на ПКК“.

Напад на фабриката ТУСАС кај Анкара.
Напад на фабриката ТУСАС кај Анкара.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за време на состанокот со рускиот претседател Владимир Путин на маргините на самитот на земјите од БРИКС, го осуди терористичкиот напад и прими сочувство од Путин.

НАТО, САД и ЕУ исто така го осудија нападот.

ТУСАС е фабриката која, меѓу другото, го произведува и првиот турски борбен авион KAAN, но и цивилни авиони, беспилотни летала и други одбранбени и индустриски системи. Оваа фабрика, исто така, е овластена и за производство на борбените авиони Ф16, дизајнирани во САД. Исто така, се занимава и со модернизација на старите авиони на турската војска.

Два главни сопственици на ТУСАС се турските вооружени сили и цивилниот огранок на турската влада задолжен за подобрување на одбранбените способности и за управување со воените набавки.

Приватната телевизија НТВ објави дека група напаѓачи пристигнале на влезот од комплексот со такси во период кога се менувала смената на персоналот од обезбедување. Најмалку еден од напаѓачите активирал бомба, додека останатите успеале да влезат во фабриката.

Претходно медиумите објавија дека во комплексот се слушнала експлозија. Исто така, известуваа и за размена на оган што траело подолго од еден час.

Чад, спасувачки екипи и полицајци на местото на експлозијата кај Анкара, 23 октомври 2024 година.
Чад, спасувачки екипи и полицајци на местото на експлозијата кај Анкара, 23 октомври 2024 година.

На местото на настанот беа испратени безбедносните сили, брза помош и пожарникари.

Канцеларијата на главниот јавен обвинител на Анкара отвори истрага за нападот, соопшти турскиот министер за правда, Јилмаз Тунч.

Во соопштението објавено на мрежата Икс се наведува дека на случајот работи и заменик-јавниот обвинител заедно со уште осум обвинители.

Генералниот секретар на Северноатлантскиот алијанса, Марк Руте, порача „НАТО стои до нашиот сојузник Турција“.

„Силно го осудуваме тероризмот во сите негови форми и внимателно го следиме развојот на настаните“, рече Руте.

ЕУ го осуди смртоносниот напад од, како што наведе, „терористите“ врз воената фабрика во близина на турскиот главен град Анкара, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел.

„Денес терористите го нападнаа седиштето на турската фабрика во Анкара, што резултираше со смртни случаи и повредени. Силно го осудуваме тероризмот во сите негови форми. ЕУ ја изразува својата солидарност со Турција во овој тежок момент“, напиша Борел на мрежата Икс.

И Белата куќа соопшти дека САД го осудуваат смртоносниот напад врз турска одбранбена компанија.

„Иако сè уште не го знаеме мотивот или кој точно стои зад него, ние силно го осудуваме овој чин на насилство“, изјави портпаролот на Советот за национална безбедност Џон Кирби.

Портпаролката на германското Министерство за надворешни работи го опиша нападот како „длабоко шокантен“ и рече дека Германија ги осудува „сите форми на тероризам на најсилен можен начин“.

Блинкен смета дека „сега е време“ да се стави крај на војната во Газа

Израел соопшти дека високиот функционер на Хезболах, Хашем Сафиедин, бил убиен во воздушен напад на 3 октомври.
Израел соопшти дека високиот функционер на Хезболах, Хашем Сафиедин, бил убиен во воздушен напад на 3 октомври.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен ги повика Израел и групите поддржани од Иран против кои се борат израелските сили во Појасот Газа и Либан да склучат примирје. Повикот доаѓа откако израелската војска соопшти дека убила висок функционер на Хезболах кој се очекуваше да биде следниот водач на оваа милитантна група која контролира голем дел од јужниот дел на Либан.

„Сега е време тие успеси да се претворат во траен стратегиски успех“, рече Блинкен пред новинарите додека се подготвуваше да го напушти Јордан на 23 октомври и да замине за Саудиска Арабија за време на неговата турнеја низ регионот со цел да разговара за тоа како да се стави крај на актуелните борби.

Доцна на 22 октомври, Израел соопшти дека Хашем Сафиедин, висок функционер во Хезболах, бил убиен во воздушен напад врз либанската престолнина на 3 октомври, ставајќи крај на повеќенеделните шпекулации за тоа дали човекот што се очекува да ја преземе групата е жив или не. Претходниот лидер на Хезболах, Хасан Насрала, беше убиен во израелски воздушни напади во Бејрут на 27 септември.

Сафиедин ја предводеше извршната власт на Хезболах, која ги надгледува политичките активности на групата. Тој, исто така, беше член на Советот на Шура, кој ги носи одлуките, како и на Советот на Џихад, кој ги води воените операции на Хезболах.

САД во 2017 го прогласија Сафиедин за терорист. Хезболах е прогласена за терористичка организација од страна на Вашингтон, додека ЕУ на оваа листа го смести само вооруженото крило на група. Политичкото крило на Хезболак, како политичка партија е застапено во либанскиот парламент.

Тековната војна меѓу Израел и групите поддржани од Иран, Хезболах и Хамас, кој е прогласен за терористичка организација и од САД и од ЕУ, започна откако милитантите на Хамас извршија напад во Израел на 7 октомври 2023 година, убивајќи околу 1.200 луѓе. Тие исто така зедоа околу 240 лица како заложници.

Израел оттогаш започна воена офанзива во која, според Министерството за здравство во Газа раководено од Хамас, биле убиени речиси 43.000 лица, а се раселиле сите 2,3 милиони жители на Појасот.

Израелските сили досега убија повеќе високи функционери во Хезболах и Хамас, вклучувајќи го и водачот на палестинската милитантна група, Јахја Синвар, кој беше осомничен дека е организаторот на нападите на 7 октомври.

Синвар беше убиен минатата недела од страна на израелските одбранбени сили, што ги натера високите функционери од САД и другите израелски сојузници да гледаат на ова како можност за ново сценарио за регионот.

Израел, исто така, беше под притисок од многу сојузници, вклучително и од САД, поради зголемениот број цивилни жртви во Газа и обвинувањата дека го попречува снабдувањето со помош на стотиците илјади цивили на оваа територија кои се наоѓаат во хуманитарна криза.

„Фокусот треба да биде ставен на враќањето на заложниците дома, на завршување на оваа војна и на јасен план за она што следи“, рече Блинкен на 23 октомври.

Сепак, ниту една страна не изгледа подготвена, барем јавно, да ја искористи таканаречената можност што ја посочува Блинкен.

Само неколку часа пред изјавата на Блинкен, израелската војска сруши зграда во предградие на Бејрут во која рече дека се сместени објекти на Хезболах, неколку стотици метри од местото каде портпаролот на групата ги информираше новинарите за нападот со дронови што го изведоа минатиот викенд, а во кој беше оштетена куќа на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Во меѓувреме, Хамас и понатаму одбива да ги ослободи преостанатите израелски заложници доколку Израел не ги прекине своите напади во Газа.

Сеул: Северна Кореја испрати 3.000 војници во Русија

Парада на севернокорејската армија во Пјонгјанг (фотоархива).
Парада на севернокорејската армија во Пјонгјанг (фотоархива).

Северна Кореја испрати 3.000 војници во Русија за да ги поддржи силите на Кремљ во војната во Украина, а се очекува да испрати уште илјадници, соопштија денеска (23 октомври) јужнокорејските пратеници, пренесе Ројтерс.

Пјонгјанг вети дека ќе обезбеди вкупно околу 10.000 војници, кои се очекува да бидат распоредени до декември, изјавија пратениците пред новинарите откако за тоа беа информирани од јужнокорејската национална разузнавачка агенција.

Проценката е двојно поголема од претходната бројка.

„Во септември и октомври во Северна Кореја беа откриени значи дека има обука на војници. Се чини дека војниците сега се распоредени во повеќе објекти за обука во Русија и се прилагодуваат на локалната средина“, рече Парк Сун-вон од парламентарната комисија за разузнавање.

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин, исто така, денеска изјави дека има докази за севернокорејски трупи во Русија, иако останува да се види што ќе прават тие таму.

Остин, говорејќи во Рим, рече оти наводното распоредување војници на Северна Кореја може да биде дополнителен доказ дека руската војска има проблеми со човечки ресурси во војната против Украина.

Русија ја нападна својата соседна земја во февруари 2022 година и оттогаш тоа се претвори во војна која се води долж линијата на фронтот во источна Украина со огромни жртви на двете страни.

Кремљ го отфрли тврдењето на Јужна Кореја за распоредување на трупите како „лажна вест“, а севернокорејскиот претставник во Обединетите нации во Њујорк ги карактеризираше информациите како „неосновани гласини“.

И Москва и Пјонгјанг, исто така, негираа трансфер на оружје, но ветија дека ќе ги зајакнат воените врски, потпишувајќи договор за заемна одбрана на самитот во јуни.

Последните податоци за испраќањето 3.000 војници дојдоа откако Националната разузнавачка служба на Сеул во петокот соопшти дека Северна Кореја со бродови испратила во Русија околу 1.500 припадници на специјалните сили.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски исто така го обвини Пјонгјанг дека се подготвува да испрати 10.000 војници во Русија. Во вторникот тој ги повика своите сојузници да одговорат на доказите за вмешаноста на Северна Кореја во руската војна.

Ли Сеонг-квеун, пратеник од Јужна Кореја, рече дека властите во Пјонгјанг се обиделе да спречат ширење на веста за распоредувањето војници.

„Постојат знаци дека севернокорејските власти ги преселиле и изолирале тие семејства (на војници) на одредено место за ефективно да ги контролираат и темелно да ги отфрлат гласините“, рече Ли, повикувајќи се на информации од разузнавачката агенција.

Ли исто така рече дека агенцијата потврдила оти Русија регрутирала „голем број“ преведувачи за севернокорејските војници додека ги обучувала за употреба на воената опрема како што се беспилотните летала.

„Руските инструктори оценуваат дека севернокорејската војска има одлични физички атрибути и морал, но нема разбирање за модерното војување, како што се нападите со беспилотни летала. Затоа, може да има многу жртви доколку бидат распоредени на фронтот“, рече тој.

Во вторникот, претседателскиот кабинет на Јужна Кореја повика на итно повлекување на севернокорејските трупи од Русија, предупредувајќи дека може да ја разгледа можноста за снабдување на Украина со смртоносно оружје доколку воените врски меѓу двете држави (Северна Кореја и Русија) отидат предалеку.

Претставници на американските власти, кои сакаа да останат анонимни, велат дека Русија претрпела загуби од повеќе од 600.000 војници кои биле убиени или ранети во војната во Украина.

Остин рече дека наводното распоредување на Северна Кореја може да укаже на недостиг на руски регрути.

„Ова е показател дека тој (рускиот претседател Владимир Путин) можеби е во уште поголема неволја отколку што мислат повеќето луѓе“, рече Остин.

Пратеникот Парк рече дека Пјонгјанг за возврат може да побара брза интервенција од Русија во случај на непредвидена ситуација на Корејскиот полуостров, како и економска помош.

update

Мицкоски најави стратегија за развој на државата до 2050 година

Христијан Мицкоски на свечената академија „Завет што обврзува“ што Владата ја организира по повод 23 Октомври - Демот на Македонската револуционерна борба.
Христијан Мицкоски на свечената академија „Завет што обврзува“ што Владата ја организира по повод 23 Октомври - Демот на Македонската револуционерна борба.

Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека иницира проект за развој на државата кој ќе биде преточен во стратегија до 2050 година, а ќе се прави во соработка со Македонската академија за науките и уметностите (МАНУ) и ќе се бара консензус од сите политички партии и чинители.

Тој вели дека со ваков документ ќе се дефинира развојот, демографските предизвици, економските цели, земјоделскиот, технолошкиот, енергетскиот и транспортниот развој.

„Ајде да се обединиме и заеднички да носиме одлуки за иднината зашто друга татковина немаме. Да размислиме стратешки за добро на државата. Секој ваш предлог што е конструктивен ќе го прифатиме“, рече Мицкоски повикувајќи ја опозицијата на соработка.

Ваквата најава и повиците тој ги упати во неговиот говор на свечената академија „Завет што обврзува“ што Владата ја организира денеска по повод државниот празник 23 Октомври – Ден на Македонската револуционерна борба.

Во обраќањето премиерот зборуваше и за напредокот на државата на патот кон ЕУ.

„Мора сами да се свртиме кон себе, да се цениме повеќе, да веруваме во себе, да не дозволуваме да не водат алузии дека сите не престигнале и дека нас не нè бидува. Тоа не е точно. Одамна ќе бевме во ЕУ да не беа билатералните проблеми“, рече Мицкоски.

На одбележувањето на Денот на Македонската револуционерна борба познат и како Денот на ВМРО, премиерот, кој е лидер на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, правеше паралела и со минатото велејќи дека „суштината на нашата и на борбата на историското ВМРО е иста“.

„ВМРО нераздвојно и непоколебливо му припаѓа на македонскиот народ зашто организацијата беше народот и од него произлегуваа водачите, народните херои кои се поклонуваа пред олтарот на борбата за слобода. Борбата не следи до денес, затоа велам, суштината на нашата борба и нивната, на историското ВМРО е буквално иста, овој ден сакам да го славиме сите, и левата и десната страна од политичкиот спектар, зашто ВМРО е и нивна историја, во ВМРО и тогаш имало поделба на леви и десни, сакам ова да биде празник на сите граѓани“, рече Мицкоски.

23 октомври, како државен празник, кој е неработен во Северна Македонија, се одбележува од 2007 година кога како таков беше воведен од тогашната влада на поранешниот премиер и екслидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој беше на власт во земјава од 2006 до 2016 година.

Опозициската СДСМ во времето на владеење на Груевски обвинуваше дека заради тесен партиски интерес партијата ВМРО-ДПМНЕ ја присвојува и монополизира историјата на ВМРО и оти на таков начин и го прогласила 23 октомври за државен празник.

Денес, социјалдемократите реагираа дека власта го честитала празникот со помилување криминалци, алудирајќи на одлуката на претседателката Гордана Сиљановска Давкова за помилување на десет осуденици.

Инаку, Сиљановска Давкова денеска беше меѓу присутните на свечената академија на Владата, откако претходно преку социјалните мрежи испрати честитка за празникот.

Претседателката Сиљановска Давкова на одбележувањето на 23 Октомври - Денот на Македонската револуционерна борба.
Претседателката Сиљановска Давкова на одбележувањето на 23 Октомври - Денот на Македонската револуционерна борба.

„Прославувајќи го денешниот празник да се потсетиме на сите знајни и незнајни херои и на нивните идеали, убедувања и жртви. Денес, кога го живееме нивниот сон, да не заборавиме дека државноста е тешко стекната, дека не ни е подарена и треба да се брани со демократски инструменти, наместо со оружје, како некогаш. Да се почитуваме еден со друг, оти без нас сите, нема македонска држава“, порача Сиљановска Давкова.

Честитките од државниот врв ги комплетираше и претседателот на Собранието, Африм Гаши, порачувајќи дека значајните историски датуми „се потсетник дека треба да дејствуваме заедно во градење современа и просперитетна држава“.

Денешната генерација во нашата држава, посочи претседателот на Собранието, се соочува со поинакви искушенија и е исправена пред други цели за разлика од тие во минатото.

„Наша стратешка цел сега е полноправното членството во ЕУ и понатамошното етаблирање во НАТО како рамноправна земја – членка. Предизвик за нашата генерација е постојано да ги унапредуваме демократските процеси, стандардите во здравството, образованието и во науката, владеењето на правото, економските и социјални текови и рамноправноста меѓу граѓаните, без разлика на национална, верска, родова или политичка припадност“, посочи Гаши.

По повод денешниот празник, во Собранието беше доделена и државната награда „23 Октомври“. Годинава ја доби поетот, есеист и преведувач Славе Ѓорѓо Димоски, за долгогодишно остварување во областа на културата и уметноста.

ЕК ги усвои реформските агенди за Северна Македонија и уште четири земји од регионот

ЕК ги усвои агендите истиот ден кога Фон дер Лајен ја започнува својата турнеја на Западен Балкан (фотоархива).
ЕК ги усвои агендите истиот ден кога Фон дер Лајен ја започнува својата турнеја на Западен Балкан (фотоархива).

Европската комисија (ЕК) соопшти дека ги усвоила реформските агенди за пет земји од Западен Балкан – Северна Македонија, Албанија, Црна Гора, Косово и Србија.

Босна и Херцеговина (БиХ) беше исклучена од пакетот бидејќи поднесе нецелосна реформска агенда до Брисел.

ЕК порача дека очекува БиХ официјално да ја достави својата реформска агенда и оти ги поддржува властите да го финализираат документот, за доброто на сите граѓани.

Како што се наведува во соопштението од ЕК, усвојувањето на реформските агенди било клучно за да се овозможат исплати во рамки на планот на Унијата за реформи и економски раст, кој предвидува 6 милијарди евра за регионот – пари кои ќе се исплаќаат по завршување на договорените реформи.

По повод усвојувањето на реформските агенди, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен изјави дека е импресионирана од работата на партнерите од Западен Балкан на нивните реформски агенди.

„Тоа покажува дека тие се посветени на успехот на Планот за раст. Наша цел е да ги доближиме економиите на Западен Балкан до нашата и да им дадеме на нивните компании пристап и средства да се натпреваруваат на нашиот единствен пазар. Сите имаат корист од ова. Ова е голем чекор кон Европската унија“, рече претседателката на ЕК.

Агендите на петте земји формално усвоени од Комисијата се фокусираат на реформи во приоритетните области на владеењето на правото, управувањето, дигиталната и зелената транзиција, развојот на човечкиот капитал и деловното опкружување.

Исплатите од ЕК кон земјите од регионот ќе се вршат двапати годишно до 2027 година, врз основа на барања поднесени од партнери од Западен Балкан и проверка од страна на Комисијата на три групи со услови. Овие услови се однесуваат на одржувањето на демократските механизми, владеењето на правото и почитувањето на човековите права.

„Посебен предуслов се однесува на Србија и Косово, кои мора конструктивно да се вклучат во нормализирање на нивните односи, вклучително и спроведување на сите договори од дијалогот, кои ќе бидат оценети земајќи ја предвид улогата и придонесот на Европската служба за надворешни работи“, се вели во соопштението на ЕК.

По усвојувањето на реформските агенди, Европската комисија сега ќе започне со потпишување договори со сите земји од регионот.

Договорот ќе вклучува обврски за корисниците да преземат соодветни мерки за спречување, откривање и коригирање на измами, корупција, судир на интереси и неправилности кои влијаат на финансиските интереси на Унијата, за да се избегне двојното финансирање и да преземат правни мерки за враќање на средствата што биле злоупотребени.

Инаку, Европската комисија ги усвои овие реформски агенди на денот кога претседателката на оваа институција Урсула фон дер Лајен ја започнува својата балканска турнеја.

Таа во периодот од 23 до 26 октомври ќе ги посети сите земји од регионот. Посетата започнува денеска во Албанија, а завршува во Црна Гора. Во Северна Македонија Урсула фон дер Лајен ќе престојува утре, 24 октомври.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG