Проектот неизоставно мора да биде заокружен со печатено издание. Со книга. Со монографија. Тоа останува. Вообичаено ние фотографиите ќе си ги собереме делата под мишка и ќе си ги однесеме. Нешто ќе продадеме, нешто ќе поделиме, а нешто ќе ни остане по подруми, оставено да собира прашина. Монографијата ќе краси некоја полица и секој може во било кое време да ја разгледа. Затоа ни тогаш, ни сега не жалев енергија да направам монографија по сите светски стандарди. Се потрудив, а морам да признам дека ми помогнаа и многу пријатели, како Игор Настески на пример, кој го направи дизајнот, и јас лично сум презадоволен од тоа како изгледа книгата. Монографијата е со тврд повез, печатена е на хартија увезена од Италија во 280 примероци, секој примерок има сув жиг и мислам дека соодветствува со целата естетика на EXIT.
Ова ќе го каже македонскиот мајстор на фотографија Боро Рудиќ во разговорот за Радио Слободна Европа воден во пресрет на неговата изложба со истоимен наслов што се одржа од 22 до 29 мај во 2018 година во КИЦ во Скопје и на која претстави 45 фотографии направени на рачно изработена хартија „како нова синтакса на просторот“ од тогаш актуелниот циклус .
Во него тој го најави и излегувањето на својата втора фото-монографија на 96 страници која е следбеник на деби објавата „Настанување – Нестанување“ од 2015 година. И, тогаш толку околу книгата со која тој се претстави и на изложбите во Белград, Софија и во уште неколку градови од регионот.
А, по нешто повеќе од година и половина, Рудиќ на овогодишниот фестивал „PhotоExpo“ / „Rendez-vous Image“, кој традиционално се одржува во Стразбур, Франција, ја освои првата награда во делот за издаваштво, за EXIT.
Фестивалот се одржа во периодот од 24 до 26 јануари во тамошната Конгресна палата, каде беа прикажани околу 800 фотографии и 44 фото книги кои влегоа во финалната конкуренција. Притоа биле прикажани само делата кои ја минале строгата селекција на годинешниот Уметнички директор – Вероника де Вигуер.
Инаку колку за потсетување, фотографиите во EXIT на Рудиќ се поделени во четири циклуси, четири целини: „Влез (во градот)“, „Пораки (на градот)“, „Излез“ и „Финиш“. Преку нив авторот го искажува својот став кон животот во современите градови, кој нè води кон отуѓување едни од други и укажува на потребата да се излезе од нив, во потрага по нешто подобро, што треба сами или, пак можеби, сите заедно да го откриеме.
Иако, оваа фотографска книга е приказна за градот, таа како што самиот ќе потенцира „пред сè се однесува на животот и порачува дека не треба да се плашиме од промени, дека секогаш постои подобра алтернатива што треба само да ја побараме“.
Сега, по победата на манифестацијата во Франција, Рудиќ знае да каже дека за Стразбур и за тамошниот Rendez-vous Image festival имал слушнато уште некаде пред седум – осум години од некои пријатели и колеги. Едно време се премислувал, но од почит кон неговата втора објава, кон Игор Настески кој го сторил нејзиниот чист и префинет дизајн, кон печатницата Пропоинт која се решила да експериментира и да ја отпечати на не типична печатарска хартија и тоа во строго ограничен тираж, едноставно се решил да ја испрати на отворениот конкурс.
„Чувствував дека книгата ќе влезе во финалниот избор и дека ќе биде изложена на Фестивалот, но нималку не помислував за награда, а камоли за прва. Токму и затоа одлуката на Вероник де Вигуер, уметничкиот директор на Фестивалот, ме израдува повеќе од било која друга фотографска награда што досега ја имам добиено. Убаво е чувството кога некој ќе го разбере тоа што е направено овде кај нас во Македонија и ќе го вреднува на овој начин. Ова е колективна награда за сите кои вложивме огромен труд и голема љубов во подготовката на оваа книга. Самата награда за мене е потстрек да продолжам да работам на вакви фото-монографии. Овие нетипични изданија се на некој начин потврда за она што го работам, но и документи за историјата на македонската фотографија, за домашното издаваштво и воопшто за нашата култура“, вели Боро Рудиќ.
Фотографот и со дополна дека веќе ги започнал подготовките за публикување на уште една поинаква фото-монографија за која би сакал да биде отпечатена до крајот на календарската година, но дека нејзиното појавување во јавноста ќе зависи од исполнувањето на сите потребни предуслови.
Роден во Кочани, 1954 година, Боро Рудиќ дипломирал на Електротехничкиот факултет во Скопје. Во својата повеќе дециниска работа, освен на уметничка, работел и на пропагандна фотографија, како и на фото-дизајн. Имал бројни соработки со најзначајните македонски рекламни агенции, како автор на фотографии во повеќе монографии и книги, и како директор на фотографија на триесетина музички и рекламни спотови. Како дел од тимот, за еден од проектите награден е со Gold Media Lions во Кан 2009, како и со сребренa статуета на Euro Effie Awards 2014 во Брисел.
На уметничко поле, носител е на највисокото фотографско звање, Мајстор на фотографија на Фото сојузот на Македонија.