По две, „мали“ како што знае да каже авторот, самостојни изложби во Унгарија, Филип Лафазановски еве го и со првата соло поставка во родниот град. Триесет фотографии од неговиот досегашен опус од 24 септември до крајот на октомври можат да се погледнат на изложбата во скопската галерија „Рудиќ“, која меѓу другото како едно од ретките специјализирани изложбени места за фотографија пред себе си има поставено за цел да ги промовира новите млади и талентирани македонски фотографи.
Роден во Скопје на 14 јануари 2000 година, Филип Лафазановски средно образование завршил во гимназијата „Никола Карев“, а сега е студент на Универзитетот за аудиовизуелни уметности „ЕСРА“ во Скопје, насока – Филм и дигитални медиуми. Со фотографија се занимава во последниве пет години, а неговиот фотографски интерес е насочен кон секојдневни ситуации и моменти на обичниот човек во урбана средина, впечатливо нагласувајќи го стилот на таканаречената улична фотографија (street photography).
Говорејќи за својот влез во уметноста, за интересот за фотографија Филип знае да каже дека сето тоа дошло некако природно. Спонтано. Дека често бил на изложби и дека посебно го заинтересирала фотографијата. Започнал да слика со мобилниот телефон, за да потем од родителите добие фотоапарат со кој продолжил да бележи сè и сешто. Дополнува дека не завршил никаков курс за фотографија, туку дека од изложбите се префрлил на проучување на фотографиите на многу автори, за да реално пресудно влијание на него како автор направи фотографот Цветан Гавровски. Тој му го покажал „вистинскиот пат“ за еден фотограф, го вовел во светот на фотографијата како што тоа впрочем го прават членовите на Фото сојузот на Македонија.
„Најпрво ме интересираа портрети, бидејќи видов неколку кои си играа со светлото и тоа ми остави силен впечаток. Потоа како навлегував подлабоко во фотографијата видов и „улична фотографија“ и таа ме повлече на нејзината страна, па едно време се навлеков и на документарна фотографија и ...така тоа се развиваше со времето“, вели Лафазановски.
Дополнува дека во некоја рака тоа го повлекло да студира Филм и дигитални медиуми.
„Фотографијата е визуелен медиум како и филмот. Исто така со помош на фотографиите може да се склопи некоја нарација. Да се раскаже некоја приказна. А тоа, во секој случај, му помага на филмот. Поврзани се тие два медиума. Конечно во самиот филм има фотографија. Тие не можат едно без друго“, смета младиот автор.
Според познавачите, Лафазановски во фотографиите најчесто го прикажува односот помеѓу човекот и архитектурата, создавајќи композиција на современиот градски живот. Тој, пак, од своја страна, онака младешки, појаснува дека „функционира и работи по принципот на препознавање на некои интересни моменти, моменти кои не треба да бидат здодевни и битно е тие да бидат секојдневни“.
„Тоа е првиот тип на препознавање. Потоа во процесот доаѓа вториот тип на препознавање, а тоа е од сите фотографии што ќе се фотографираат преку целиот ден да се најадат оние неколку што се композициски добри. Тоа е тоа. На крај излегува по некоја употреблива помеѓу стоте други кои по правило се лоши или барем јас мислам така“, истакнува Филип.
За актуелната изложба авторот со појаснување дека фотографиите ги одбрал и еден вид нејзин куратор е фотографот и сопственикот на Галеријата Боро Рудиќ. Едноставно тој се повлекол пред неговото искуство и оставил изборот да биде направен од сето она што го има снимено досега во текот на таа половина декада од самиот кога се бави со фотографија.
Прашан, пак, како натаму во фотографијата Филип Лафазановски признава дека досегашниот пат ниту го планирал, ниту ќе го планира она што допрва доаѓа. Само нагласува дека притоа најважно е да се образува за да „не прави глупости“.
„Одам чекор по чекор без нешто специјално да планирам. Образованието се надевам ќе си дојде само од себе. За фотографијата и за било која друга уметност прво е многу битно да си образован за да не правиш глупости. Мое е да учам и да сликам секогаш кога за тоа ќе ми се укаже можност. Се разбира во некои денови ќе ми се посреќи и ќе направам еден куп фотографии, па потоа ќе дојде некоја пауза опи ме фаќа и мрза...ама во основа се трудам да го бележам секој интересен момент.“
Лафазановски досега објавувал фотографии во Urban Eye Magazine, 2016; We Street Book, Лондон, 2016 и во Global Photography Network, а имал можност самостојно да изложува во Сегедин и Печ, во Унгарија минатата 2018 година.
Редовно учествува на конкурси и добитник е на бронзен медал на FIAP на Фотомедија 2016, златен медал во младинска конкуренција на Денови на Македонска фотографија 2016 и 2017 година, а како автор е вклучен во колекцијата на Фото Сојуз на Македонија: „Актуелен момент во македонската современа фотографија“, која освен во Скопје е прикажана и во Чачак, соседна Србија, во Негова, Словенија и во Риека, Хрватска.