Достапни линкови

Денови на „игнорирана“ македонска фотографија


По премиерното претставување пред домашната публика на проектот „Актуелен МОМЕНТ во македонската современа фотографија“, Фото сојузот на Македонија, во рамките на манифестацијата 56-ти Денови на македонска фотографија, со нова ексклузивна поставка. Од 10 септември, во Галерија НЛБ, по прв пат во земјава ќе биде изложена колекцијата „Елема Монохроматик“ на членовите на фото клубот „Елема“, носители на бројни награди и признанија.

На македонската култура, на урбано Скопје и посебно на љубителите на уметничката фотографија, едно по друго им се случуваат два значајни настани. Две премиерни претставувања на изложби кои треба да го имаат сето внимание на културната јавност. И, не само поради тоа што обете, а во рамките на манифестацијата 56-ти Денови на македонска фотографија, по прв пат и се предочени на овдешната публика, туку и посебно заради посебноста на понудата на фотографите и особено потребата да се фрли малку повеќе светлина и аналитичност од средината на оваа дејност. На нејзините дострели и на документирањето на „моментот“ кој е многу повеќе од еден уловен зрак во времето и просторот.

И, чисто како појаснување. „Актуелен МОМЕНТ во македонската современа фотографија“ во изминативе неколку години успешно ги претстави современите македонски фотографски текови надвор од земјата. Меѓу другото, изложбата гостуваше во Словенија, во Град Његова, во една од само неколкуте постојани галерии на светската фотографска асоцијација ФИАП и во Лесковац, во рамки на Фотографскиот самит на поранешните југословенски републики, а беше и на Денови на Српска фотографија во Чачак.

Од друга страна, „Елема Монохроматик“, како поставка на членовите на фото клубот „Елема “, патем формиран во далечната 1962 година годин, најнапред беше изложена во Словенија, во рамките на манифестацијата „Марибор, европски град на културата“. Потем истата 2012 година беше настанот со кој беше отворен сараевскиот фестивал „Право људски“, наредната 2013 ја имаше во Литерарна кавана во Прага, Република Чешка, потем ја виде и публиката на меѓународната манифестација „Визуелизатор“ во Белград, соседна Србија, за да во 2014 година патува во Кина и конечно по две години ја има и на ѕидовите во галеријата „+Това“ во Софија, Бугарија.

Боро Рудиќ, актуелниот претседател на Фото сојуз на Македонија, вели дека тој често знае да каже дека оваа асоцијација е „матка на македонската фотографија“. Дека ние немаме академија, немаме школи за фотографија и дека она што се учи основно да се научи се учи во Фото сојузот на Македонија. Дека низ него поминале и Благој Дрнков, Живко Јаневски, Роберт Јаки, Александар Кондев, Владо Попов, Роберт Јанкуловски, една плејада на творци. Сепак, тој истакнува дека тоа творештво е многу малку сериозно обработено и дека безмалку никој се нема сериозно теориски зафатено за да се види до каде е стигнато со македонската фотографија во дадениот период. Од таму, Рудиќ истакнува дека на изложбата „Актуелен МОМЕНТ во македонската современа фотографија“ може единствено да се гледа не како на „еден момент, туку како една низа на моменти во изминативе безмалку осум децении“.

„Тоа е само еден бисер од селектирани фотографии од изминативе неколку години во однос на сите оние бисери кои ние треба допрва да ги пополниме во таа долга низа. Многу значајни фотографи и многу актуелни автори на фотографија од разноразни причини не се застапени во оваа изложба, но нашата идеја не запира овде. Ние сакаме и по број на автори и по број на дела. Така да на едноставен начин да создадеме што е можно поквалитетно претставување на македонската фотографија“, вели Рудиќ.

Фотографот Александар Кондев најнапред со забелешка дека пред „неговата генерација, најстарата, стои тешка задача. Да ги спои настаните и луѓето во фотографијата од повоениот период до денес, бидејќи тие ја имале таа привилегија во живо да се запознаат со творците и делата од тој период, како и лично да соработуваат и да се дружат со колегите. Од таму, тој смета дека „неговата генерација е жив сведок на создавањето и развојот на оваа уметност“.

Според Кондев, фотографијата како важен сегмент на македонската култура, пак, не најде соодветен одзив од инстуциите,музеите и критичарите и тие, ја третираа како споредна и неважна, а дури и од поединци се оспорувал и уметничкиот карактер“. Вели дека имало исклучоци, теоретичари како Борис Петковски, Златко Теодосиевски, Небојша Вилиќ, но тоа се „само исклучоци“. Во дополна, Александар истакнува дека е алармантно е тоа што делата се губат. Дека после смрта на авторите тие се разнесуваат, се уништуваат колекциите и на крај завршуваат на некој таван или контејнер. Музеите и сличните институции, како што вели, „малку се трудат да направат збирки или да соберат колекции на фотографии, со исклучок на МСУ и НГМ но во многу рудиментирана форма. За него, во случајов, Министерството за култура е „посебна приказна“.

„Ние не најдовме разбирање и во Министерство за култура, иако понудивме истражувачки проект кој би се работел во соработка со една од врните национални институции. Практично како Фото сојуз на Македонија комплетно сме игнорирани од ова министерство. Парите не се во прашање бидејќи Министерството за култура со претходниот конкурс им одобри на одредени анонимуси пари и за монографии и за изложби, додека ние од оваа државна институција не добивме пари ниту за Денови на македонска фотографија која е во рангот на Зимскиот салон на ДЛУМ кај што се гледа што е постигнато и како е тоа направено на полето на фотографијата во претходната година“, смета Кондев.

Фотографот со дополна дека затоа изложбата „Актуелен МОМЕНТ во македонската современа фотографија“ е со цел да почне да се прави едно јадро за идната колекција што треба Фото сојузот на Македонија да ја направи и дека од неа „тие ќе се враќаат назад и ќе одат напред во проширувањето за да се стори нешто со сопствени сили кое ќе остане за наредните генерации како трага од творештвото на фотографите во последните 80 години кај нас“.

Кон неговата размисла, а во деновите од актуелната поставка на колекцијата „Елема Монохроматик“ на членовите на клубот „Фотомедиа“, само уште информацијата дека догодина делата на македонските фотографи ќе бидат изложени во Националниот музеј во Софија, Бугарија.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG