Достапни линкови

Фидановски - Политичарите во „Причина“ се безлични и гнасни


„Причина“ е насловена најновата, 14-та по ред самостојна изложба на Филип Фидановски, што од 2 до 12 април, се одржува во Галеријата на Младинскиот културен центар – Скопје. На оваа поставка авторот го претставува својот нов израз во кој политиката и политичарите асоцијативно, па дури и експлицитно, се ставени во контекст на едно самосвојно гледање на моменталните општествени прилики и неприлики во Македонија.

По нешто повеќе од година и половина од „Пикасо, можеби Јас“ одржана во Музејот на град Скопје, македонскиот уметник Филип Фидановски еве го со својата 14-та по ред самостојна изложба. Овојпат тој во Галеријата на Младинскиот културен центар – Скопје, во периодот од 2 до 12 април, се претставува со 14 дела настанати во изминативе две години во повеке различни техники, дигителен принт, фотографија, керамика, принт на платно, триптиси, полиптиси и комбинирани инсталации. Значи, со нешто што досега не сме навикнале да го гледаме. Но, она што е уште позначајно, станува збор, како што ќе забележат познавачите, за негов нов израз, „за ангажирана уметност“. И, згора на ова, очебиен е неговиот стремеж инспирациите да ги побара и да ги најде во она што катадневно нè гмечи и толчи сите нас – нашата општествена реалност. Од таму, во неговите нови дела „ политиката и политичарите асоцијативно, па дури и експлицитно се ставени во контекст на едно творечко гледање на моменталните општествени прилики и неприлики во Македонија“. Затоа тие говорат за политичарите минати, сегашни и идни. За аномалиите во културата и општеството. За лажните вредности кои ни се наметнуваат од проектот Скопје 2014. За слободата која ја нема повеќе и така со ред. Во нив е испреплетена сатиричната и реалната изразност на авторот, па генерално „Причина“, со изложеното и посебно со насловите кои ги надополнуваат и фрлаат дополнителна димензија на поставката се воздига до творечки бунт кој нималку не се мири со постојното. Со заробеноста.

„Оваа изложба е резултат на скоро две години работа.Таа сама по себе си е причина за себе затоа и така се вика - „Причина“. Некои дела се работени во 2018 и се последица од она што нам сега ни се случува. Целата изложба е направена од една и едноставна причина – она што ни се случуваше до сега и она што ни се случува сега во моментот, да не ни се случува повеќе во иднината“, вели Фидановски.

Уметникот дополнува дека причината во случајов не ја бара сам за себе, туку дека во суштина ја бара кај политичарите. Кај сите кои ја воделе и водат оваа држава. Вели дека тој и не знае каде ја водат – во пропаст најверојатно. И, тоа сите до еден.

„Фактички ова е и крик дека културата треба да ја остават настрана од политиката. Политиката којашто ја водат нашите политичари влијае врз целокупното општество и народот воопшто не е задоволен од сето тоа. Она што го собирав и слушав од луѓето се обидов да го направам во една изложба“, вели тој.

Тој и со појаснување дека делата сами по себе можеби и ништо да ви значат, но дека пораката се заокружува со нивниот наслов. Како што ќе рече „тогаш ви е повеќе од јасно што гледате“.

Инаку, Фидановски не очекува никаква реакција од политиката. Од политичарите.

„Не очекувам никакви реакции од политиката. Тие никогаш до сега воопшто не реагирале на културата, па зарем сега тоа ќе го сторат? Страшно. Еве за пример ќе ја спомнам сликата на која Македонија е обвиткана како бајадера и насловот на делото е „мала и слатка“. Тој се ви кажува. Зарем очекувате некој од политиката да реагира на тоа, а несомнено треба. Политичарите треба да знаат дека не може да си играат со тоа парче земја. Едноставно Македонија не е само нивна. Не е само на политичарите. А, тие се на мојата изложбата буквално покажани како безлични. Извалкани. И гнасни. Такви какви што се во суштина.

Конечно, авторот потсетува дека зад себе има 13 претставувања, дека досега сите биле со керамика и порцелан, но овојпат понудил нешто друго и дека е горд на својата поставка.

„Изложбава се случува инцидентно. Чувствував дека сега и е моментот да биде покажана и дека ќе треба да престанам да правам повеќе дела бидејќи јас со секој ден како што изминува и нешто се случува во државава имав ново и ново дело. Последното кое е направено е портретот на Министерот кој тука е претставен со непровидни очила, а делото се вика „Погледни“. Инаку, овој проект е локален, но во суштина е многу глобален. Верувам дека изложбата секаде би била разбрана затоа што носи порака во себе. И тоа многу битна порака“, вели уметникот.

Интересно е и тоа што Фидановски за својот проект, кој патем се најде пред очите на јавноста само благодарение на несебичната помош од неговите пријатели и за кој институции не одвоија ниту денар, подготви и поштенски картички со вметнати адреси на челните македонски политичари. Картичките со пораките од публиката од трите гласачки кутии уметникот има намера да им ги предаде на оние на кои им се наменети – луѓето од власта и политиката.

Инаку, Роден 1977 година во Скопје, Филип Фидановски дипломирал во 2002 година на оделот за керамика и магистрирал четири години подоцна на Националната уметничка академија во Софија, соседна Бугарија. Во периодот од 2003 до 2008 година работел како доцент на Факултетот за ликовни уметности при универзитетот Св. „Кирил и Методиј“ во Скопје, а потем станал професор во Државното средно училиште за ликовни уметности и дизајн „Лазар Личеноски“.

Учесник е и на 43 групни изложби во земјава, во Србија, Бугарија, Хрватска, Чешка, Белгија и во Египет, а за своето творештво добитник е на неколку значајни награди и признанија – на третата награда за млад автор на Петтото интернационално биенале за керамика, во Каиро, Египет, наградата за скулптура „Јордан Грабул“ (2007) и наградата за скулптура мал формат „Димо Тодоровски“ што ги доделува Друштвото на ликовните уметници на Македонија.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG