Достапни линкови

Јанкуловски со концептуалната серија „Форми во црно“ во Солун


„Форми во црно“ е насловена изложбата на Мице Јанкуловски што до 7 април се одржува во солунската галерија „Лола Николау“. На оваа поставка, на која гостин му е грчкиот колега Харис Кондосфирис, македонскиот уметник претставува дел од последните сеопфатни концептуални серии од основни форми насликани на платно во кои главни атрибути се минимализмот и мултипликацијата.

Во каталогот за изложбата „Форми во црно“, која во наредниве месец дена се одржува во солунската галерија „Лола Николау“, ќе биде забележано дека со неа Мице Јанкуловски претставува дел од последните сеопфатни концептуални серии од основни форми насликани на платно. Притоа ќе биде потенцирано дека главните атрибути на делата се минимализмот и мултипликацијата.

И, згора на тоа како појаснување ќе стои дека „основните форми (круг, квадрат, триаголник) систематски се аплицирани на големи квадратни платна (145 х 145 см и 170 х 170 см) со само една боја - црната“. Формите се создаваат со правење растери на дебел слој црна боја, а дополнителен впечатокот на позитив / негатив се постигнува во зависност од тоа дали растерот се применува на позадината или во самите форми. Сериите се направени со мултипликација на формите во рамките на платното, како и со мултипликација на платната во големи концептуални дела.

И, во дополна уште тоа дека „светлината е составен дел од делата на Јанкуловски, додека неговото искуство во палиндромските форми и анимираниот филм нудат бесконечни комбинации за презентација на неговите дела на гледачите“.

Д-р Мелани Зеферино, британско-италијански научник и куратор на Биеналето во Фиренца, која говореше на отворањето на поставката и пред солунската ликовна публика, во својата анализа за творештвото на македонскиот уметник ќе забележи:

„Делата на Јанкуловски треба да се видат во светлото на Венеција: нивната моќ да го доловат животот преку формата притоа достигнувајќи го својот моментум, препознатлив пристап, фасцинантни истражувања и оригинален исход. Формите се предмет на долгогодишните истражувања на авторот. Забележливо резервирани, дистанцирани и тивки, неговите дела носат длабок филозофски под-контекст, претворајќи ги во визуелни пораки во вечноста“, пишува таа.

Од друга страна, Енцо Ди Мартино, историчар на уметност, исто така од Венеција, Италија, во статијата за „Ил Газеттино“ - Јанкуловски, судирот помеѓу белото и црното - Иновации на македонскиот уметник со „не-боја“, публикувана на 30 јули минатата 2017 година, вели: „Треба веднаш да се забележи дека црната, не-боја, како што понекогаш се дефинира, е главниот чинител на финалната слика. И потоа, ми паѓаат на памет многубројни текстови, меѓу кои многу од нив имаат за цел да развијат еден вид “пофалба на црното“.

Во оваа низа влегува и размислата на д-р Деница Јанева, куратор на Меѓународното биенале за графика во Варна, Бугарија, која за македонскиот творец ќе забележи: „Јанкуловски е уметник со препознатлив стил, препознатлив пристап, фасцинантни истражувања и оригинални резултати. Формите се предмет на долгогодишното креативно истражување на уметникот. Забележливо резервирани, далечни и тивки, неговите дела носат длабоки филозофски подтекстови, претворајќи ги во визуелни пораки во вечноста“.

Роден 1954 година, Мице Јанкуловски влегува во редот на оние македонски уметници чие дело вклучува слики, цртежи, графики, сатирични цртежи / слики, карикатури и анимирани филмови, како и сликање на стакло.

Зад себе има повеќе од четириесет самостојни изложби во земјава и во странство од кои посебно бележити се оние одржани во Загреб, Хрватска (1985); Љубљана, Словенија (1986); Анкара, Турција (1988); Париз, Франција (1989); Сараево, Босна и Херцеговина (1990); Рим, Италија (1991); Варна, Бугарија (2016) и минатогодишните во Венеција и Фиренца, во Италија .

Добитник е на Гран-при на 19-тото Меѓународно биенале на графика, во Варна, Бугарија; како и на одликување од страна на Министерството за култура на Бугарија (2012); Гран-при (1997) и на две посебни награди (1971, 1985) на Светската галерија на карикатури во Скопје, а тука е и наградата на Град Скопје од 1985 година.

Кон ова само уште информацијата дека делата на Јанкуловски од серијалот „Форми во црно“ во Солун се изложени во дијалог со релјефи од бетон изработени од уметникот Харис Кондосифирис од Лерин. В сабота, пак, на 10 март во Галерија Остен во Скопје ќе биде отворена и изложба на слики и ќе биде претставена публикацијата „Мице Јанкуловски“ за која воведен збор ќе има веќе спомнатата д-р Мелани Зеферино.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG