Достапни линкови

Никола Радуловиќ – најдобар автор на 12 Биенале на млади уметници


Уметникот Никола Радуловиќ, за мултимедијалната инсталација „Book of Sclavin“, е добитник на наградата за најуспешен автор и дело на 12 Биенале на млади уметници која оваа година по петти пат ја доделува Музејот на современа уметност од Скопје.

Никола Радуловиќ, македонскиот визуелен уметник кој во последниве неколку години живее и твори во Софија, соседна Бугарија, за мултимедијалната инсталација „Book of Sclavin“, е добитник на наградата за најуспешен автор и дело на 12 Биенале на млади уметници која оваа година по петти пат ја доделува Музејот на современата уметност од Скопје.

Ваквата одлука ја потпишува жирито во состав: Јованка Попова, историчар на уметност и куратор, Ана Франговска, историчар на уметност и куратор и Ѓорѓе Јовановиќ, ликовен уметник, кои сметаат дека делото треба да биде издвоено „поради целовитоста на авторскиот концепт и интердисциплинарен современ пристап“. Во појаснувањето ќе биде наведено и тоа дека во „Book of Sclavin“, Радуловиќ успешно ги инкорпорира визуелниот и наративниот израз преку ликовни, текстуални елементи и анимација, притоа создавајќи дело кое преку дистопискиот аспект на приказната кореспондира со актуелната политичка и социјална реалност“.

Чисто како појаснување „Book of Sclavin“ е електронско илустрирано/анимирано книжно издание. Илустрациите во книгата се претставени во GIF формат и сочинуваат циклуси на анимација кои се повторуваат бескрајно. Мистериозна капсула е централен објект во книгата и е прикажана на биеналето како објект-управувач со кој се навигира книгата.

И, кон ова најнапред уште неколку реченици за авторот.

Роден 1987 година во Куманово, Никола Радуловиќ дипломирал на Факултетот на ликовни уметности во Скопје, отсек-сликарство, а магистрирал на „Националната Художествена Академија“ во Софија, насока - Илустрација.

Тој е добитник на наградата „Борко Лазески“ во 2010 година, а позначајни самостојни претставувања досега му се изложбите „Waking Lilith“, во Арт институт, во Скопје во 2010 и „Old man’s world“ во Музеј на Град Скопје наредната година. Изложувал и на неколку групни поставки во земјава и странство, а во суштина предмет на неговиот интерес се дигиталните медиуми и интернетот како простор на изложување, класична анимацијa и изработка на илустрирани книги во различни изданија.

По веста за наградата Никола знае да каже дека и немал време чесно да и се израдува. Едноставно, потиснат од секојдневните обрски во студиото за анимација каде што работи, задоволството морал да го замени со мислата дека ќе треба многу бргу да се префрли на плановите за изложбата што ќе треба да ја реализира во Музеј на современа уметност во Скопје во текот на наредната 2019 година.

„Морам да бидам искрен и да кажам дека признанието ми годи бидејќи тоа е потврда дека моето дело било забележано. Но, тоа и не е толку битно колку можноста да изложиш во една такба институција како што е Музеј на современа уметност. Добар музеј, добра галерија... Сето тоа дава некој поттик. Изложба си е изложба. Не е некоја претерана работа, но не е и нешто мало. Јас на тоа гледам како убава обврска на која вреди човек да и се посвети“, вели Радуловиќ.

Тој и со појаснување дека „Book of Sclavin“ е еден нов формат на книга кој е поблизок до новите технологии.

„Книгата ја гледам како некој научно-фантастичен, „палп“, евтин роман кој може да се споделува на интернет. Направена е во 2016 година и ја пуштив на интернет нешто потоа, но никој не се реши да ја објави. Сега на 12 Биенале на млади беше првото официјално нејзино претставување. Инаку ја има на линкот и кој сака може бесплатно да си ја симне, да ја види... Но, кого денес да натераш да чита“, истакнува Радуловиќ.

Дополнува дека веќе работи на вториот дел од книгата и дека станува збор за поврзана приказна која треба допрва да се расплетува.

„Работам на уште едно издание. Тоа е при крај и според некоја моја проценка би требало да се појави во јавност можеби некаде следната година. Текстот е горе-долу готов, илустрациите полека ги привршувам. На сличен принцип ќе биде само малку во друг стил бидејќи тематски ја врзувам за иднината. Ќе биде тотална научна-фантастика“, вели тој.

Никола Радуловиќ не ја исклучува и можноста неговите дела наскоро да се најдат во некоја од софиските галерии и да ги види тамошната културна јавност. Вели дека таквата мисла се почесто ја врти во главата, но дека ќе чека таа да созрее и потоа да најде доволно слободно време за да може пофокусирано да и се посвети.

Конечно кон ова уште и информацијата дека изложбата со дела од 12 Биенале на млади уметници насловена како „Ќе биде ли доцна ако времето запре“, организирано од Музејот на современа уметност Скопје, а курирано од кураторите Ивана Васева, Бојана Јанева Шемова и Владимир Јанчевски, ќе биде отворена за посетителите до 28 март 2018.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG