Достапни линкови

Културното наследство во фокусот на Осмото биенале на мала графика – Тетово 2018


Во организација на Музејот на тетовскиот крај, на тема „Уметност денес – културно наследство утре“, в петок, на 16 ти март, во 19 часот, во Домот на културата „Иљо Антевски – Смок“, ќе биде отворена изложбата на осмото по ред Меѓународно биенале на мала графичка форма „Тетово 2018“.

Повеќе од 300 графики, дела на 125 графичари од 33 земји во светот, ќе бидат претставени на изложбата што ќе се реализира во рамките на осмото по ред Меѓународно биенале на мала графичка форма „Тетово 2018“. Организатор на манифестацијата е Музејот на тетовскиот крај, повеќето од пристигнатите трудови се во класичните графички медиуми: сува игла, акватинта, мецотинта, линорез и линогравура, неколку автори реализириале и дигитален печат, а особено е значајно што овојпат се работеше на тема насловена како „Уметност денес – културно наследство утре“.

Гордана Велков, историчар на уметност и заедно со професор Славица Јанешлиева Бачварска, Ивана Настески (м-р по графика), Бурхан Ахмети (м-р по графика) и Велимир Цветановски (виш кустос) член на жирито на Манифестацијата, истакнува дека темата едноставно е инспирирана од Годината на културно наследство зад која се исправи Европската унија. Дополнува дека зад таа едноставност стои идејата дека на Европската унија, кон која патем ние стремиме да одиме, после толку години опстојување на ред и дојде да се прикаже со нејзиното културно наследство, поточно со културното наследство на сите земји членки во проширен состав.

„Многу ми беше интересно што ќе прикаже. Што ќе прикажеме ние во тој контекст. Всушност што ќе добиеме ние од уметниците од Европа на оваа тема. На мое очекување, да кажам искрено, добивме тоа што се подразбира. Сите одговорија на дефиницијата што е културно наследство за своите земји на национално ниво, меѓутоа и на едно универзално ниво“, вели Велков.

Појаснува дека „мотивот на графиките изобилува со суптилни препознатливи форми, фигурации и апстрактни претстави подредени на графичката вештина оплеменета со акценти на боја и прецизни смирени линии“. Дека голем број од графиките се излеваат од малиот стандардизиран правоаголен формат и со неправилната мала форма повеќето од нив наликуваат на прекрасни експресивни илуминации. Конечно, потсетува дека „новите теории, форми, содржина, дела, инстлации, перформанси, медиумски виртуелни платформи...... дилемата хуманизам или бруталност сето ова треба да се насочи кон публиката како единствен арбитер во процесот на редефинирање и ревалоризација на човековите вредности, а со тоа и на уметничките вредности“.

​Од друга страна, Велков со забелешка дека уметниците одговориле само на првиот дел од насловот „Уметноста денес - културно наследство утре“.

„Тие одговорија на веќе утврдената дефиниција и она денес. Меѓутоа тоа не го трансферзираа во она утре. Ние веќе долго живееме во многу бурно време. Дефинициите се истите од пред сто години, а треба да одговориме и да направиме нови дефиниции. И новите дефиниции да ги ставиме како референца за културно наследство утре. Пресмело е да кажам од моја страна дека сеуште не сме подготвени да дадеме одговор на ова прашање“.

Уметницата и педагог Ивана Настески, пак, од своја страна ќе рече дека Биеналето на мала графика за нив подразбира многу за кревањето на културната, ликовната и уметничката свест воопшто. Таа потсетува дека е единствено во земјава кое се бави со една деликатна, минуциозна работа која им значи на мнозина културни дејци.

„Малата графика е многу деликатна за изработка, за печатење, за изложување...Сите минуциозни работи се многу деликатни, такашто не значи дека ако е нешто мало треба да се занемари. Затоа многу ни е драго и многу се радуваме што ова Биенале, и покрас сите премрежиња, успеа да се реализира и дека ќе биде многу успешна постановка која неизоставно треба да се види од публиката“, вели Настески.

Изложбата е поддржана од Министерството за Култура на Република Македонија.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG