По минатогодишната „Игра – животот е игра – уметноста е живот“ („Game – live is a game – art is life“), која патем неодминливо беше врзана со нејзините циклуси „Игра – предел 1“ и „Игра – предел 2“, Љубица Мешкова – Солак еве ја со својата нова постановка со идентична насловна конструкција - „Играј ја својата игра“ ( „Play Your Own Game“). Во периодот од 10 мај до 10 јули, во Центарот за современа уметност во Скопје, таа претставува дваесеттина нестандардни галериски дела, креирани од комбинирани материјали – картон, сијалички...вклучувајќи и платно, згора на тоа и интервенции во простор, сугерирајќи слобода и енергија со компонирање и рекомпонирање на формата и ликовните елементи.
Говорејќи за сопственото творештво Мешкова – Солак знае да каже дека „како што децата на свој начин си создаваат игра во некој предел, некој простор...нејзе потсвесно и се наметнал тој момент со играта и едноставно долго време не можела и се уште не може да се оттргне од него упорно барајќи го детето во себе“.
„Јас по темперамент и по карактер сум таква. Се врзувам, а можеби сакам играта да ми е термин преку кој сакам да се ослободам. Оти преку игра, барем така сметам, ми се случува некакво ослободување, нешто без определени ограничувачки и какви било и да е норми. Барам можеби слобода во играта.“
Уметницата дополнува дека во овој циклус сугерира слобода и енергија која е произлезена од нас, од човекот, од себе си. Од хаосот во којшто живееме. Од човековите судбини.
„Зад таа невина игра се кријат многу други „злочести“ игри коишто ние не ги гледаме или не сакаме да ги видиме на пример. Затоа овој циклус е како симболика и асоцијација на „игра“ како што ќе си ја изигра публиката дури во соработка со авторот.“
Буба истакнува дека нејзе при промовирањето на последниве два циклуса од драгоцена помош и била токму публиката. Притоа таа ја раскажува анегдотата кога во Ликовниот салон во Битола, каде во преден план била претставена коцката како значаен елемент од нејзиното творештво, нејзиниот израз, некој од публиката извикал: Коцката е фрлена! По краток молк уследиле бројни коментари и сугестии кои едноставно ја повеле до ова што сега како авторка го потпишува, а како што вели „слични биле реакциите и на постановката во Берлин“.
„Така произлезе и така ќе заврши овој циклус. Можеби уште со следна изложба и затоа со голема љубопитност ги очекувам претстојните реакции и идеи на присутните. Сето тоа мене како на авторка многу ми значи. Верувам во таквата взаемна комуникација.
Родена 1975 година во Скопје, Љубица Мешкова Солак своето професионално образование го започнала во Училиштето за применета уметност „Лазар Личеноски“. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности, на отсекот за графика со конзервација и реставрација, во 200 година и член е на ДЛУМ, ДЛУБ, ДЛУК и ИКОМОС.
Зад себе има 11 самостојни изложби и повеќе од 100-на групни претставувања во земјава и во странство, а за сопственото творештво добитничка е на неколку награди и признанија од кои посебно бележити се „Борислав Траикоски“ - наградата што ја доелува ДЛУБ за успешно ликовно остварување во областа на сликарството и наградата за графика „Драгутин Аврамовски Гуте“ на ДЛУМ.
Инаку, за неа нејзината колешка и кураторка Кристина Деспотовска забележува дека е „авторка во постојана акција за нешто ново, уникатно и несекојдневно“. Дека „Солак е препознатлива по нејзиниот изразен колорит и цртеж, силна експресивна енергија на снажни и одлучни потези и гестови, контрасна насока, движење и боја и дека ги изразува сопствените размислувања и ставови, комбинирајќи ги со разни техники со што за продукт добива специфична ликовна димензија и особен карактер“.
„Нејзината досегашна работа е многу препознатлива. Буба не бега од тоа, меѓутоа сега си игра малку повеќе со форми. „Играј ја својата игра“ е претставена на малку поразличен начин од обична класична изложба. Малце да мрднеме нели од оној стереотип. Тоа беше целата идеја“, вели Деспотовска, која патем е и креативен директор на Центарот за современа уметност – Скопје.
И, кон ова само уште мало потсетување дека во изминатиов период во ова уметничко сврталиште ликовната публика досега имаше можност да ги проследи постановките на Владо Костов и Пандора Апостолова Саздовска и Сашо Саздовски.