Достапни линкови

Младата косовска уметност во Национална галерија на Македонија


„Млада уметност 2016“, најдобриот и најпрогресивниот проект во сферата на современата концептуална уметност на Косово, од 6 до 25 април, ќе и биде претставен и на македонската ликовна публика. Изложбата ќе се одржи во Мултимедијалниот центар Мала станица и со неа ќе биде озваничена пожелуваната соработка помеѓу двете институции - Националната галерија на Косово и Националната галерија на Македонија.

„Млада уметност 2016“ или АР 2016 (YOUNG ART 2016), една од ретките изложби специјализирана за млади косовски уметници до 40 години, организирана по светски стандарди и трендови и оценувана од три независни комисии, по само неколку месеци од премиерното претставување во Приштина, доаѓа пред македонската публика. Постановката ќе биде отворена в четврток, на 6 април, во Мултимедијалниот центар Мала станица и со неа ќе биде озваничена долго пожелуваната соработка помеѓу двете институции - Националната галерија на Косово и Националната галерија на Македонија.

„Ова е почеток на една се надеваме плодна културна комуникација. Уверена сум дека ние сме послични отколку што вообичаено мислиме и дека јазикот на уметноста е тој којшто зближува и којшто може да направи многу повеќе отколку вообичаената вербална комуникација помеѓу народите. Македонија и Косово не сме само географски блиску, туку и од аспект на културата, и ова ќе овозможи подобро меѓусебно запознавање“, ќе рече во пресрет на отворањето на постановката Арта Агани, директорка на Националната галерија на Косово.

Таа дополнува дека идејата на проектот „Млада уметност“ е да го стимулира творештвото на младите уметници, да ја освежи локалната уметничка сцена со нови прогресивни творци и да ја придвижи јавната свест за важноста на уметноста како алатка за културно збогатување, духовна надградба, како и за иницирање на општествени дебати на Косово.

Инаку, во Скопје ќе биде претставена селекција од целиот проект (слики, скулптури, инсталации, графики, фотографии, комбинирани техники...) прикажана преку делата на пет автори и уметнички групни: првонаградениот Агрон Блакчори за инсталацијата „Ненасловена“ , Бујар Сулејмани, уметничкиот колектив Have it, Јетула Сулејмани и Луан Бајрактари.

Куратори на овој, како што наведуваат неговите потписници, „најпрогресивен проект во сферата на современата концептуална уметност на Косово“, се уметниците и универзитетски професори Луизим Зекири и Мехмет Бехлули.

Бехлули појаснува дека се работи за доста сложена изложба која е една од најзначајните коишто се случиле на Косово во последно време.

„Како професор на Факултетот за ликовна уметност во Косово секојдневно имам контакт со младите уметници. Ние со овој проект всушност ги стимулираме колегите, идните големи творци, да создаваат современа уметност базирана на традицијата. Затоа на изложбата ќе имате можност да видите и форми и изрази кои иако го имаат својот корен во традицијата многу повеќе се слични со актуелната уметност што денес се создава во светот“, вели тој.

Ана Франговска, кустос во Националната галерија на Македонија, забележува дека станува збор за млади автори со европски ликовен израз, едуцирани надвор од Балканот и кои се вклучени во создавањето на косовската културна стратегија. За творци кои претставуваат интересни, актуелни, ангажирани и интерактивни дела. Таа истакнува дека тие на најдобар можен начин говорат за потентноста на акцентирана млада косовска сцена која полека, но сигурно си го зазема своето место на светската уметничка мапа. Притоа, како посебност го издвојува претстојниот перформанс на арт колективот Have it, кој е планирано да се обистини на отворањето на изложбата.

„Have it е уметнички колектив од Приштина формиран во 2011 година и составен од четири креативки – Алкета и Арброре Силај и Хана и Веса Чена. Нивните проекти, видеа, перформанси се социјално ангажирани и во нив се говори за борбата за социјална и родова еднаквост на жените во патријархално Косово, против стереотипите и супрематот на машката популација во тамошното општество“, вели Франговска.

Конечно, според Дита Старова-Ќерими, директорка на НГМ, изложбата „Млада уметност 2016“е и прва размена меѓу националните галерии на двете земји по што нашата национална институција ќе го возврати гостувањето во ноември, со патувачката постановка „Есенција на егзистенција“, чии автори се Горанчо Ѓорѓиевски, Маја Чанкуловска-Михајловска и Ана Франговска, а која досега неколкупати беше прикажувана во земјите од регионов.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG