Достапни линкови

Ликовите од „Понекогаш Тие“ на изложба во Прилеп


„Понекогаш Тие“ е насловена изложбата на скулптури на гевгелиската уметница Гордана Хаџи-Николова Малашев што од 3 до 17 март се одржува во Ликовната галерија на НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп. Станува збор за циклус составен од 14 дела, за ликови преку кои таа ги материјализира своите интимни духовни содржини, кои од време на време мораат да добијат форма и да го покажат своето постоење.

Не многу по претставувањата во Штип и во Струмица, гевгелиската уметница Гордана Хаџи-Николова Малашев со актуелниот циклус „Понекогаш Тие“ еве ја и во Прилеп. На изложбата што се одржува во Ликовната галерија на НУЦК „Марко Цепенков“ таа нуди 14 дела – скулптури изработени во дрво. Исто толку ликови преку кои „таа ги материјализира своите интимни духовни содржини кои од време на време мораат да добијат форма и да го покажат своето постоење“. Впрочем, како што ќе биде забележано во каталогот, „нејзините ликови имаат карактер на архетипови чија идентификација ни ја олеснуваат насловите со кои ги именува: „Преживеан“, „Левент“, „Се уште жив“, „Прамајка“, „Оголена“ …Скриени некаде длабоко во потсвеста овие ликoви излегуваат од удирот на нејзиното длето во својата најчиста и најискрена форма, со едноставни, мирни и чисти површини“.

Говорејќи за „Понекогаш Тие“ Хаџи-Николова Малашев знае да каже дека со циклусот ги прикажува ликовите коишто живеат во неа и коишто имаат потреба да излезат надвор од таквото опкружување. Дека понекогаш го деформира нивниот идентитет, дека нагласува некои делови при моделирањето на одредени форми, но најчесто обрнува внимание на главата со тоа што го истакнува нивниот израз. Нивното раѓање во лик – личност како еквивалент на нивната активна егзистенција.

„Јас застанувам пред нив исправена и на почеток го чувствувам нивниот шепот, а потоа громогласен вик на живи суштества. Тие се сон и стварност чија вредност ја надминува мојата димензија“, вели уметницата.

Гордана Хаџи-Николова Малашев појаснува дека секој постои за да создава. Да биде личност и идентитет. Дека токму и затоа таа ги создава овие свои ликови, односно скулптури кои постојат секоја за себе како индивидуи кои си го носат својот идентитет.

„Секоја ја третирам на свој начин, со тоа што настојувам да и дадам мир и спокојство, а од друга страна да и ја вратам на нејзината сопствена природа. Тоа го правам преку идентификација на имињата. Така ги именувам со цел да го покажам нивното постоење и да докажам дека и тие знаат за себе и за својот почеток.“

Прашана, пак, колку од сопствената душа остава во дрвото, во скулптурите што ги работи, Малашев вели дека тоа за неа е суштественото.

„Заситеноста од совршенството околу нас и од совршенството во скулптурата се наметнува тенденција таа самата да биде идеална. А од друга страна, ако се обидеме да продреме во психолошката позадина на моите скулптури, можеме да се најдеме себе си едноставни, лишени од секаква интелектуална извештаченост.“

Родена 1976 година, Гордана Хаџи Николова Малешев е виш конзерватор во НУ Музеј Гевгелија. Дипломирала на Факултетот за Ликовни уметности во Скопје, на отсекот по вајарство во 2000 година во класата на проф. Драган Попоски Дада, под чие менторство и магистрирала три лета подоцна.

Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, на Друштвото на ликовни уметници на Гевгелија и на Друштвото на ликовни уметници на Битола. Учествувала на многу меѓународни симпозиуми и ликовни колонии во земјава и странство, а нејзините дела се привилегија на многу домашни и глобални уметнички колекции.

Својата прва самостојна изложба „Моите ликови“ ја одржала во 2001 година во МКЦ во Скопје. Потем освен во родниот град се претставувала во повеќе градови од земјава, бележити се нејзините постановки во Софија и во Москва, со „Ние - ретро“ во 2012-та имала можност да се најде пред ликовната публика во Париз, Франција, а со„Три позиции“ две години подоцна и во берлинскиот Прима Центар.

Конечно, откако во изминатиов период беше преокупирана со циклусот „Понекогаш Тие“, во времево што е пред нас си пожелува да вплови во некои поинакви скулпторски води – да работи со керамика.

„Повторно ќе работам на човечката фигура, но ова ќе биде едно поинакво прикажување. Ќе биде во целосна форма, во една друга експресивност затоа што глината како материјал дава друга можност за изразување и друг ефект. “

XS
SM
MD
LG