Достапни линкови

Андроска со „Време и простор и минувачите таму“ во Јавна соба


Дело на сликарката Ана Андроска
Дело на сликарката Ана Андроска

„Време и простор и минувачите таму“ е насловена шестата самостојна изложба на Ана Андроска, што од 22 март до 2 април, се одржува во Мултимедијалниот центар Јавна соба во Скопје. Станува збор за големи формати на препознатливи секојдневни ситуации од скопските улици преку кои уметницата се осврнува на минливоста и говори за значењето на нашето постоење.

Седум слики масло помешано со восок, исцртани на исто толку медиапан табли со димензија 185 х 109 сантиметри, големи формати на препознатливи секојдневни ситуации на скопските улици, ја чинат новата изложба на Ана Андроска во Јавна соба - „Време и простор и минувачите таму“. Оваа постановка доаѓа не многу по нејзиното последно претставување во овој простор во јануари минатата година кога уметницата претстави дел од својот серијал насловен како „Танц“.

„Многу повеќе ми лежи големиот формат. Едноставно таму просторот поблиску го чувствувам и полесно се изразувам. Фигурите се малечки на овие формати со намера за да се покаже просторот, за да се покаже минливоста и тоа колку сме ние малечки во целиот тој простор. Колку се малечки и незначајни нашите судбини наспроти големата слика“, вели таа.

Таа дополнува дека сите карактери и сите сцени што се на нејзините слики се, всушност, сцени што реално ги видела во животот на улица или околу себе. Дека сите карактери реално постојат, но дека таа во случајов малце ги има изменето, искарикирано за да не се препознаат директно туку индиректно да се пронајдат во ситуациите.

„Многу често луѓето би рекле „судбина“ меѓутоа судбината е она што сме во основа самите ние. Нашиот ментален склоп, нашата култура, нашата традиција, нашето образование...каде сме се родиле. Значи, судбината сами си ја обликуваме. Не е тоа нешто додадено од некои виши сили“, ќе рече уметницата.

Андроска дополнува дека самите сме виновни за времето во коешто живееме. Дека ние го создаваме. Според неа лично, она што им недостига на луѓето е љубовта. Дека поинаку ја перцепираат и поинаку ја доживуваат. Од таму, разбирливо е што потенцира дека како творец се наоѓа себе си во конфликт со реалноста и токму заради тоа сака да ја разубави.

„Со самото тоа што се занимавам со уметност сакам да им покажам на луѓето, односно да го споделам со нив она чувство за соршенство, за светлина, за убавина. Сметам дека го имаме, но дека константно го потиснуваме и тоа ни е најголемиот проблем“, вели таа.

Писателот Жарко Кујуџиски, пак, обсервирајќи ги делата на Андроска од серијалот „Време и простор и минувачите таму“ од призма на гостин на овој свет, минувач во животот, во времето и во просторот ќе напише:

„Нè има тука и таму, пред да нè снема. Но, сè додека постоиме, не смееме да стоиме. Нашиот живот треба да биде вечна потрага меѓу стварноста и фантазијата, меѓу постоењето и исчезнувањето. Само авантуристите што ќе тргнат на ова патување ќе го доживеат она исклучително задоволство на изненадувањето што се крие зад аголот каде што најмалку сме го очекувале.“

Инаку, уметницата во претстојниот период планира да го продолжи циклусот „Време и простор и минувачите таму“ со многу повеќе слики и би сакала таквата збогатена серија во иднина да ја види во некој од галериските простори на домашните музеи.

И, кон ова само цртичка – две од нејзината биографија.

Родена 1982 година, Ана Андроска е сликарка и графички дизајнер од Скопје. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности, на отсекот за сликарство и графички дизајн во класата на проф. Вело Ташовски. Во 2007 година била учесник на Интернационалната летна академија во Салцбург, кај професорката Ирина Накова од Москва, а зад себе досега има пет самостојни изложби – три со различни дела од циклусот „Сонувајќи со ѕвездите“ (во Национална галерија на Македонија во Скопје – 2012, Музеј и завод „Куќата на Робевци“ во Охрид – 2013 и во НЛБ Тутунска банка Скопје – 2015), „Лајка“ во Отвореното графичко студио на Музеј на град Скопје – 2007 и веќе споменатата „Танц“ во Јавна соба.

Андроска е потписник и на македонската боенка за возрасни „Приказна за бојата“ што лани во април се појави како издание на „Антолог“ и која со своите 106 страници има за цел да ја поттикне креативноста и отвора можност за будење на творечкиот дух.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG