Достапни линкови

Славниот Штефан Дор со Македонска филхармонија


Штефан Дор, хорнист
Штефан Дор, хорнист

„Моцартовата хорна“ е насловен симфонискиот концерт што в четврток, на 30 март, во Домот на АРМ во 20 часот, ќе го одржи Македонската филхармонија. Солист ќе биде Штефан Дор, првиот хорнист на престижната Берлинска филхармонија, а со оркестарот овојпат ќе диригира маестро Борјан Цанев.

Уште еден концерт на Македонската филхармонија за вистинските сладокусци. Во Скопје доаѓа Штефан Дор, првиот хорнист на престижната Берлинска филхармонија, кој ќе биде солист во изведбата на двата Концерти за хорна и оркестар бр. 1 и бр. 4 (совршенство на формата и леснотијата во водењето на навидум едноставните мелодии) од музичкиот гениј Волфганг Амадеус Моцарт. Со оркестарот ќе диригира маестро Борјан Цанев, а вечерта насловена како „Моцартовата хорна“ на публиката ќе и ги дари и изведбите на комплексните, но мошне интересни дела - симфониската поема „Остров на мртвите“ (патем инспирирана од истоимената слика на швајцарскиот уметник Арнолд Беклин, најславното уметничко дело од времето на симболизмот и класичен пример за тоа како треба да „звучи“ доцниот романтизам) од еден од најголемите руски композитори Сергеј Рахмањинов, како и фрагменти од балетот „Спартак“ од Арам Хачатуријан, дело за кое ерменскиот автор во тогашниот Советски сојуз ја добил престижната награда „Ленин“ .

„Како солист ни доаѓа еден од најпознатите хорнисти на светот - Штефан Дор. Тој ќе свири два извонредни концерти од мојот љубимец Моцарт и тоа Концертите 1 и 4 и мислам дека подобра прилика за македонската публика од хорнист што ќе го свири Моцарт, според мене, нема. Ова е преубава можност, несекојдневна прилика, сите наши гости и воопшто музичарите да видат и посебно да чујат како всушност се свири овој генијален творец“, вели во пресрет на концертот маестро Цанев.

Роден 1965 година, Штефан Дор се смета за еден од најбараните солисти на хорна во Европа. Освен тоа, за него е познато и дека е постојано ангажиран да одржува мастер часови, а предава хорна на Академијата „Херберт фон Карајан“.

Говорејќи за својот пат во музиката, тој знае да каже дека никогаш не замислувал оти еден ден ќе биде член на Берлинската филхармонија, оркестар кој, вели, е „мошне значаен за сите репродуктивни уметници и кој нуди исклучителна можност тие да се истакнат и како солисти“. Инаку, во почетокот Дор бил млад и надежен виолист, но откако на еден концерт го чул и видел познатиот Херман Бауман, одлучил дека хорната ќе биде негов главен инструмент. По студиите во Есен и во Келн, тој станал главен хорнист во Операта во Франкфурт, а потоа на истата позиција е ангажиран во Фестивалскиот оркестар на Бајрот, во Филхармонијата на Ница и во Германскиот симфониски оркестар во Берлин.

Во Берлинската филхармонија е од 1993 година, а како солист соработувал со врвни диригентски имиња, меѓу нив и Даниел Баренбоим, Клаудио Абадо, Сер Сајмон Ратл и Бернард Хаитинк.

Покрај класичниот и романтичниот репертоар за хорна, во фокусот на интересирањето на Штефан Дор се и делата од современите автори како Лигети, Киршнер и Кнусен. Извел голем број на концерти за хорна посветени токму нему, од автори како Волфганг Рим, Тошио Хосокава и Хорхе Лопез. Уште една негова пасија е камерното музицирање кое подразбира не само соработки со колегите од Берлинска филхармонија, туку ангажмани и со многу други исклучителни музичари. Член е на ансамблот „Виена-Берлин“, на Октетот на Филхармонијата и на ансамблот хорни на Берлинската филхармонија.

Од друга страна, добитникот на македонското признание „Најдобар музички изведувач во 2013 година“, диригентот Борјан Цанев, се смета за еден од најпрефинетите музички творци во Република Македонија. Од 1999 година е постојан диригент на Македонската филхармонија и на чело на овој оркестар постигнувал забележителни резултати не само во земјава туку и во странство.

Цанев дипломирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје, магистрирал на Државната музичка академија во Софија и специјализирал диригирање на Кралскиот музички колеџ во Лондон, каде што работел со реномираните диригенти сер Сајмон Ратл, Даниеле Гати и Јанош Фурст, а бил и поканет да му биде асистент-диригент на сер Колин Дејвис на Кралскaта оперска школа. Згора на тоа тој е добитник на наградата „Аугуст Манс“ за најдобар диригент токму на Кралскиот музички колеџ, за потоа да диригира и со Лондонскиот симфониски оркестар како дел од мајсторскиот клас на сер Колин Дејвис.

Од 2002 година до денес, тој е професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Неговото успешно деби со Софиската филхармонија две години подоцна му носи и постојани ангажмани со овој виден оркестар, а во 2006 година е назначен и за негов постојан гостин-диригент.

Борјан Цанев во годиниве наназад диригирал и со Црногорскиот симфониски оркестар, Филхармонијата на Арад, Симфонискиот оркестар „Вагнер“ од Токио, Симфонискиот оркестар на Војводина, „Синфониета“ – Софија, Хрватскиот камерен оркестар, Задарскиот камерен оркестар, Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија, со ансамблот за современа музика „Алеја“ и други.

Настапувал со светски реномирани солисти и диригирал на сите реномирани фестивали во Македонија, како и на многу фестивали во странство. Во 2010 година, Сојузот на композиторите на Македонија му ја додели наградата „Георги Божиков“ за најдобра изведба на дело од македонски композитор.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG