Достапни линкови

Саксофонистката што може да „стопи и камен“ во Скопје


Ејми Диксон, саксофонистка
Ејми Диксон, саксофонистка

Ејми Диксон, една од најдобрите саксофонистки на денешнината и првата Австралијка што ја добила наградата Класик „Брит“, в четврток, на 9 март, во 20 часот ќе настапи како солистка со Македонската филхармонија. Таа на концертот во Домот на АРМ со кој ќе диригира маестро Кејс Скалионе ќе го изведе Концертот за амплифицирана обоа и оркестар - „Забава за време на лет“ од нејзиниот сонародник - композиторот Греам Коне.

„Таа има индивидуален и необичен тон... нејзините фрази прекрасно завршуваат, нејзината контрола на динамиката е бескрајно суптилна“. Ова ќе го напише рецензентот на влијателниот музички магазин „Грамофон“ за двапати номинираната за „Греми“ Ејми Диксон, една од најдобрите саксофонистки на денешнината.

Родена 1982 година во Сиднеј, Диксон е и првата саксофонистка и првата Австралијка што ја добила наградата Класик „Брит“, откако го објави својот трет албум „Dusk and Dawn“ (2013), кој беше на водечко место во Велика Британија.

Приказната е безмалку типична како и за сите големи таленти. Саксофонот започнала да го изучува на шестгодишна возраст, а првиот солистички концерт ќе го има една декада подоцна. На 18 години ја имала и првата снимка како солист со Симфонискиот оркестар на Сиднеј. Во новиот милениум ги почнува студиите на Кралскиот колеџ за музика во Лондон, а потоа и на Конзерваториумот во Амстердам. Добитничка е на значајни награди, кои ретко одат во рацете на саксофонистите. Настапува како солист ширум светот со врвни оркестри - во „Ројал Алберт хол“, во „Сиднеј опера хаус“ или во „Концертхаус“ во Виена, но и како камерен музичар. Во 2015 година му се придружува на Шкотскиот ансамбл на турнејата по Островот, која вклучувала концерти во Единбург, Глазгов и во Лондон – концерти со коишто ќе се вивне во ѕвездите. Една од критиките во „Хералд Скотланд“, на пример, вели дека „саксофонот на Ејми Диксон има топол, возвишен и експресивен тон што може да стопи и камен“. Ова ќе ја фрли во прегратка на моќниот дискографски концерн „Сони класикс“ и досега има реализирано шест албумски остварувања. Посебно бележити се изведбите на дела како „Spiegel im Spiegel“ од Арво Парт, Концертите за виолина од Филип Глас, делата на Џон Тавенер и на Мајкл Најман документирани на носачот на звук од 2009, како и оние со композиции на Џон Вилијамс или Мајкл Кејмен од албумот „Catch Me If You Can“ од пет години подоцна. Во меѓувреме светлото на денот ќе го здогледаат уште две нејзини објави „A Summer Place“ (2014) и „Island Songs“ ( 2015), за да минатата година саксофонстката биде овенчана и со признанието Млад Австралиец на годината во Велика Британија.

За Греам Коне (1956) се вели дека е еден од најспецифичните австралиски композитори денес. Познат е по тоа што во неговото творештво тој ги отфрла сите видови авангардни начини на компонирање, иако ги прифаќа моќта и енергијата на популарната култура. Неговиот брат, писателот Џејмс Коне, ќе каже дека него го краси музички индивидуализам, дека делата на Греам се создадени во слободен стил, а дека се инспирирани од поп-културата што е препознатлива за Австралија.

Конечно, греамовиот концерт „Забава за време на лет“ за амплифицирана обоа и оркестар, уште на самата премиера предизвикал сензација не само поради „филмската“ обоеност на партитурата, туку и поради специфичните технички сегменти, кои од солистот бараат виртуозност. Делото поседува експресивна драматургија и заразен ритмички пулс.

Со Македонската филхармонија овој пат ќе раководи американскиoт диригент - маестро Кејс Скалионе. За него критиката вели дека „постојано ги импресионира оркестрите од целиот свет со сензитивни и внимателни изведби на музичките дела“. Скалионе себе има импресивна кариера, диригирајќи со значајни оркестри во светот. Во концертната сезона 2016/17 дебитираше со Норландсоперан оркестарот во Шведска, Камерниот оркестар на Лозана и со Филхармонискиот оркестар на Тампере, Финска, а се враќа да диригира и со Симфонискиот оркестар во Кристијансанд во Норвешка, како и со Филхармонијата на Брно. По претходните успеси со Симфонискиот оркестар на Далас, повторно е поканет да биде гостин-диригент на овој престижен американски оркестар. Инаку, минатата особено успешна година за маестро Скалионе ја одбележаа настапи со Симфонискиот оркестар на Детроит, Филхармонијата на Луксембург и со оркестарот на Музичката академија „Џулијард“ во Њујорк, каде што своето знаење им го пренесува на студентите.

Кон ова само уште информацијата дека под диригентската палка на Скалионе, Македонската филхармонија премиерно ќе го изведе делото „Четири парафрази за симфониски оркестар“ од младата Теа Богатинова, како и Симфонијата бр. 6 наречена „Пасторална“ од музичкиот гениј Лудвиг ван Бетовен.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG