Достапни линкови

Сидорова во „Алхемија“ на Македонска филхармонија


Ксенија Сидорова, виртуоз на хармоника од Латвија.
Ксенија Сидорова, виртуоз на хармоника од Латвија.

Со македонска премиера на популарниот Концерт за бандонеон од аргентинскиот класик Астор Пјацола, овој четврток, на 1 декември, во 20 часот, во Домот на АРМ, како солист со Македонската филхармонија ќе настапи Латвијката Ксенија Сидорова, виртуоз на хармоника и една од најатрактивните млади музички уметници денес.

„Принцеза на хармониката“. „Врвна, суптилна и виртуозна“. „Мисионерка“. „Вистинска поп ѕвезда во светот на класичната музика“...и така со ред. Ова се само мал дел од епитетите на проследувачите и критиката кои ја следат Латвијката Ксенија Сидорова.

Родена 1988 година, таа љубовта кон хармониката ја наследила од својата баба и генерално од фолклорната традиција на својата земја. Инструментот почнала да го изучува на осумгодишна возраст заедно со Марија Гизеле во нејзината родна Рига. Потрагата по новите музички изрази, љубовта кон класичната, но и кон современата музика ќе ја однесат во Лондон, каде што студирала и магистрирала на Кралската академија за музика под менторство на професор Овен Мареј.

Дебитирала во 2009 година со перформанс во лондонскиот „Вигмор хол“ по кој критиката била еднодушна во оценката дека „ѕвездата е родена“. Три години подоцна Сидорова станала првиот добитник на Меѓународната награда на Фондацијата „Брин Терфел“, за во 2015-та да настапи во прочуениот „Ројал Алберт хол“ како дел од прославата на 50-тиот роденден на познатиот велшки баритон Брин Терфел. Таа ноќ на иста сцена застанала со својот идол Стинг во изведбата на големиот хит на ПОЛИС – незаборавната „Роксен“.

Во годиниве наназад бележита е нејзината соработка со значајни музички имиња какви што се врвната шкотска виолинистка Никола Бенедети, светски познатиот црногорски виртуоз на гитара Милош Карадаглиќ, перуанскиот тенор Хуан Диего Флорес, Британецот Томас Гоулд... и со мнозина други.

Од друга страна, не помалку значајна е нејзината пројава со израелските уметници Ави Авитал (мандолина)и Итамар Доари (Перкусии), со кои патем настапува во триото BETWEEN WORLDS. Со звучна слика која се потпира на звучните традиции на различни поднебја тие во изминативе години имаа распродадени турнеи во Велика Британија и во Германија, а летово свиера и во САД.

Инаку, репертоарот на Ксенија Сидорова е широк и со фокус на современите дела, а уметницата постојано настапува како солист со престижни симфониски оркестри и диригенти.

Конечно нејзиниот актуелен албум „Кармен“ ( 2016), инаку прв за голем дискографски концерн, беше објавен со етикетата на престижната „Дојче грамофон“, и како што велат стручњаците „претставува засебна, уникатна и интересна верзија на истоимената опера на Бизе“.

Наспроти вака нафрланите фактографски белешки, особено е значајно тоа што Сидорова си дала себе си задача да ја доближи хармониката до пошироката публика. Од таму, нималку не чуди тоа што таа знае да каже дека е искрено возбудена пред концертот во Скопје. Дека „поканата да настапи со Македонската филхармонија ја смета за огромна привилегија оти добро знае какво место зазема хармониката во нашата земја и нашата музичка култура“.

Во иста насока се движат и нејзините размисли околу одбраното дело и неговиот автор- популарниот Концерт за бандонеон од аргентинскиот класик Астор Пјацола, кој овој четврток, во рамките на серијалот „Алхемија“ ќе ја има македонската премиера.

„Мислам дека не постои хармоникаш во светот кој на својот репертоар нема барем едно дело од Пијацола. Од првиот миг кога како дете ја слушнав неговата музика, од тогаш сакам да ги интерпретирам делата на овој композитор. Сепак, како минуваат годините чувствувам дека се повеќе ја ценам и подлабоко навлегувам во суштината на музиката на Пијацола. Мојот репертоар го сочинуваат многу современи и класични дела, но Пијацола секогаш има специјално место на моите концерти“, истакнува уметницата.

Кон ова и збор -два за маестро Даниел Рајскин. Роден 1970, тој студирал виола и диригирање во славниот конзерваториум во родниот Санк Петербург. Неговиот учител Лев Савич го инспирира да навлезе во светот на диригирањето, а потоа Рајскин се усовршува со влијателни имиња како Милан Хорват, Марис Јансонс или Нееме Јарви. На 20 годишна возраст ја напушта Русија продолжувајќи да студира во Амстердам и во Фрајбург, за многу бргу да стане еден од најбараните виолисти во Европа, како солист, но и како камерен музичар. Познат е како предводник на младата генерација музичари, ставајќи голем акцент на неговите толкувања за музиката, кои ги прави на мошне транспарентен начин, откривајќи ја структурата на едно дело до сите детали, наоѓајќи го поттекстот, вистинската рамнотежа на звукот и енергијата што ја поттикнува кај изведувачите. Од 2005 година, Рајскин станува шеф-диригент на Рајнската филхармонија, а од 2008-та на филхармонијата „Артур Рубинштајн“ во полскиот град Лоѓ. Неговите ангажмани како гостин-диригент се многубројни, патувајќи низ Европа и Азија, вклучувајќи ги и Белградската филхармонија, Естонскиот национален оркестар, Хонг Конг Синфониета, Националниот оркестар во Латвија, оркестарот „Моцартеум“ во Салцбург, филхармониите на Копенхаген, на Прага, оркестарот на Радио-телевизијата во Даблин, Радиосимфонискиот оркестар на Чешка, Загрепската филхармонија, симфониските оркестри на Виена, на Берлин, итн.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG