Достапни линкови

Димчевски солист во „Enfant Terrible“ на Македонска филхармонија


Ѓорѓи Димчевски, виолинист
Ѓорѓи Димчевски, виолинист

„Enfant Terrible“ е насловен концертот на Македонската филхармонија, што под диригентство на маестро Емил Табаков, ќе се одржи овој четврток, на 10 ноември, во 20 часот, во Домот на АРМ. На овој перформанс како солист во изведбата на комплексниот Концерт за виолина бр. 1 од славниот руски композитор Сергеј Прокофјев ќе настапи нашиот и светски познат виолинист Ѓорѓи Димчевски, концерт-мајстор на Оркестарот Валенсија во Шпанија.

За Концертот за виолина бр. 1 од Сергеј Прокофјев се одлучив бидејќи ми е еден од омилените од виолинскиот репертоар и им дава подеднакво значење и на солистот и на оркестарот. Можам да кажам дека често му се навраќам. Еве го свирев пред две години. Исто како и вториот виолински концерт, кој, пак, не е толку изведуван и не е толку популарен, но е подеднакво интересен.

Вака виолинист Ѓорѓи Димчевски ќе ја започне сторијата во пресрет на својот нов настап со Македонската филхармонија што ќе се обистини овој четврток, на 10 ноември, во 20 часот, во Домот на АРМ.

На случувањето Оркестарот под диригентство на маестро Емил Табаков од Бугарија, ќе ги изведе и Симфонијата бр.1 „Класична“ од Прокофјев, композиторот кој секогаш ја изненадувал публиката со својата уметничка пројава на „enfant terrible“, од каде е и насловот на концертот, како и Симфонијата бр. 39 од музичкиот гениј Волфганг Амадеус А. Моцарт.

Димчевски е еден од највпечатливите претставници на новата генерација македонски музичари со завидна светска кариера. Од 2007 година, тој е концерт-мајстор на Оркестарот Валенсија, што концертира во Палатата на уметностите на кралицата Софија, предводен од славниот Лорин Мазел. Оттогаш се етаблира како исклучителен солист, камерен и оркестарски музичар и педагог. Роден е во музичко семејство и уште од рана возраст покажувал силни афинитети за музика, па така првите часови по виолина ги имал кај својот дедо. Добитник е на први награди на Националниот натпревар по виолина, на Интернационалниот во Белград и на оној во Перпињан, Франција.

Дипломирал на Конзерваториумот во Тулуз со високи почести во класата на професор Благоја Димчевски и на Универзитетот за музика во Келн, кај професор Виктор Третјаков. На само 13 години, Димчевски настапил како солист со Македонската филхармонија изведувајќи го Концертот за виолина бр. 1 од Виењавски. Како солист настапувал и со Класичната филхармонија на Бон, потоа во Келн и во Хамбург, со диригенти како Омер Меир Велбер или Пол Ман.

„За мене музиката беше најнормална работа. Не требаше никакво убедување. Од најмала возраст го гледав дома и сè ми дојде така природно. Да, треба откажување, но исто така треба да се има најнормално детство за да се изградиш во здрава личност. Подоцна, каде што треба да се вложуваат многу часови од денот за вежбање е вистина дека треба да заборавиш на многу други работи, но како и во секоја друга професија тоа е разбирливо и плодовите од тоа откажување доаѓаат подоцна кога почнувате да навлегувате подлабоко во професијата и да се качувате по скалите на успехот на некој начин“, вели виолинистот.

Како концерт-мајстор, пак, Димчевски редовно настапува заедно со Оркестарот на Валенсија изведувајќи врвни дела под палката на плејада славни диригенти како Мазел, Зубин Мехта, Џорџ Претр, Валери Гергиев, Рикардо Шаји, како и со Симфонискиот оркестар на Астуријас со Росен Миланов или со Класичниот оркестар на Санта Сесилија со Илија Корол. На предлог на маестро Мехта, Димчевски бил поканет да биде гостин концерт-мајстор на Израелската филхармонија за Европската фестивалска турнеја, како и за турнејата во Јужна Америка. Оркестарот го предводел токму маестро Мехта. Неговата посветеност и за камерната музика го води на најпрестижните фестивали во Европа, а меѓу другите, настапувал заедно и со пијанистот Симон Трпчески и со виолончелистката Каори Јамагами.

„Може да се каже дека сум задоволен, но секогаш има едно „но“. Човек секогаш треба да се стреми кон тоа да оствари и повеќе што го има бидејќи во моментот кога ќе се задоволи со она што го остварил ќе престане да напредува како професионалец“, истакнува Димчевски.

Минатата 2015 година тој беше назначен за професор по виолина на постдипломските студии за музичка интерпретација на Меѓународниот универзитет во Валенсија, а посебно за издвојување е и тоа што Димчевски беше специјален гостин на последниот албум на славниот оперски пејач Пласидо Доминго („Encanto del Mar“), со кој патем меѓу другото ја делат пасијата кон фудбалот и обајцата се навивачи на мадридски „Реал“.

„Искуството беше нереално бидејќи таков еден артист да го видите сабајле како се распева, каков е целиот тој процес, колку е тој перфекционист во смисла на тоа дека секое парче што го снима го преслушува по многу, многу пати и самиот си наоѓа илјада мани и сака одново и одново да го пресними за да биде сè совршено, тоа е дефинитивно нешто од кое само може да се научи. Животна лекција којашто треба да се запамети“, вели тој.

Инаку, по концертот со Македонска филхармонија, Ѓорѓи Димчевски викендов се враќа во Валенсија каде има закажано два концерта како солист. Настапува со Оркестарот и со еден свој пријател челист треба да го изведат Двојниот концерт на Брамс за виолина и виолончело.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG