Достапни линкови

Чамците на Арсовски - визуелна приказна за животот


Дваесет и две фотографии од вкупно 25-те колку што содржи колекцијата „Моменти“ ја чинат изложбата на уметничка фотографија на Владимир Арсовски, што од 11 јуни се одржува во галеријата „Рудиќ“ во Скопје. Ова е прво нивно јавно претставување во земјава.

Визуелниот текст впишан во овој серијал на фотографии посветен на животот, е двозначен говор сочинет во знаковни дијади чија реторика се однесува на минливоста на времето како синхрона взаемност меѓу културата и природата. Преку него, Арсовски е во потрага по одговорот на прашањето: како да се естетизира навидум неестетичкото/неестетизираното или како да се естетизира непредвидливоста на животот? Според овој расказ, невообичаено, животот не се воспева само како убавина, туку и како постојана борба со ретки мигови на спокој и задоволство, бидејќи животот е непредвидлив и, пред сè, незапирлив времетек.

Ова меѓу другото ќе го напише Проф. Небојша Вилиќ во пресрет на премиерното претставување на „Моменти“ на Владимир Арсовски во 2017 година во Марибор, Словенија.

А авторот, пак, на неколку деноноќија до поставката што на 11 јуни, во 20 часот, ќе биде отворена во галеријата „Рудиќ“ во Скопје знае да каже дека овој концепт е работен скоро десет години. Го почнал во 2007 година со идеја со својот визуелен ракопис да испише приказна за животот и живеењето. Од почетокот, од раѓањето на човекот преку детството, борбата, траењето на животот, среќните и тажни моменти и конечно до самиот крај со староста и смртта како неминовен дел од нашиот живот.

„Целата приказна е претставена преку чамците во Македонија. Малку невообичаен концепт, меѓутоа многу тежок за работење. Како што кажаа некои критичари на изложбата во Словенија исклучително успешно и исклучително тешко е еден мотив, чамец, да се претстави во така разнолика форма која ја чинат 25 фотографии“, вели Арсовски.

Тој со дополна дека станува збор за серијал кој е многу тешко да се направи бидејќи према пропозициите на Фото сојуз на Македонија кај нас под колекција се подразбира минимум три и максимум четири фотографии.

„Кога ќе треба една таква колекција да се направи од 25 фотографии а во истиот момент да не биде здодевна, монотона...туку да ја води целата приказна од почеток до крај навистина изискува многу работа, многу труд, многу размислување и затоа овој концепт е работен 10 години“, истакнува авторот.

Уметникот и со појаснување дека првата снимка на чамец што ја направил била пред 12 години. Снимил еден дрвен, заробен чамец во мразот на Дојранското езеро. Тогаш прв пат ја слушнал приказната дека, за жал, тој е еден од последните автохтони чамци на рибарите од Дорјанско езеро кој се прави со рамно дно. И во истиот миг му се родила идејата да го претстави животот, од раѓањето до смртта, преку визуелната сторија за чамците.

Прашан за тоа дали авторот може да даде повеќе од себе работејќи на колекција отколку на поединечни фотографии каде бива забележан, „заробен“, миг од нашето живеење Арсовски со констатација дека колекцијата, за разлика од серијалот кој претставува еден ист кадар снимен од различни агли во различни услови, мора да биде обединета визуелно, тематски, светлосно ... А во истиот момент да претставува и една приказна којашто преку фотографија ќе му биде раскажана на гледачот.

Тој, за жал, во изминатиот период од здравствени причини бил спречен да се фокусира на идните свои колекции, но веќе почнал да размислува за една нова фото сторија за која се надева дека ќе биде во состојба да ја реализира и потем ќе и биде претставена на пошироката културна јавност.

Роден 1957 година во Скопје, Владимир Арсовски е инженер и фотограф. Активен член е на фото клубот „Елема“ и Фото сојузот на Македонија, со звање кандидат-мајстор на фотографија.

Зад себе има пет самостојни изложби, три во родниот град и по една во Марибор во Словенија и во Нинберг, Германија, а учесник е и на бројни групни изложби во земјава и во странство каде многупати е наградуван.

Тој е автор и на повеќе од 700 фотографии кои се најдоа во мултимедијалната монографија „Волшебната Македонија“, која освои три високи награди на интернационалните фестивали во Италија и во Хрватска.

За него е познато и дека е вистински мајстор за пејсажна и акт фотографија.

„Работам и акт фотографија и имам сработено многу материјал. Во 2006 година имав и една голема изложба со акт фотографии во големи формати. Од тогаш уследи еден вид пауза и рамките на која се собра огромен материјал којшто треба да биде обработен и презентиран. Да не бидам нескромен, но имам впечаток дека од него можам да направам две до три различни поставки со свои приказни на самата таа тема. Ак фотографија како акт фотографија, потоа портрети на моделите во разголена состојба...Има неколку концепти којшто се готови, но не се отпечатени, не се заокружени...и чекаат за да ги реализирам. Во случајов не станува збор ниту за средства, ниту за комплетирање на идеите ...туку повеќе чекам време за сето тоа да го завршам бидејќи сеуште сум активен и си ја работам професијата – електро-технички инженер. Мене фотографијата ми е хоби и како што знае да каже сопругата, „нешто во што ги трошам дел од заработените пари од основната професија“. Затоа велам, едноставно е потребно време и евентуално искра, иницијална каписла, за сето тоа да го стокмам до крај. Онака како што треба“, вели Владимир Арсовски.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG