Достапни линкови

Рудиќ: Треба конечно нашите фотографии да се вреднуваат


Со изложба на која ќе бидат поставени 24 фотографии од неговите последни два циклуси „Appearing - Disappearing“ и „EXIT“, Боро Рудиќ ја отвора својата галерија како единствено специјализирано изложбено место за фотографија и визуелни медиуми во земјава.

Нашата цел е организирање и презентирање изложби/проекти на реномирани автори и промовирање нови таленти и нивното патување во запознавањето на визуелната култура. Покрај ова, галеријата ќе биде место каде љубителите на уметноста ќе можат да ги купат нивните дела, како и место за дружење и разговори за фотографијата. Сите заедно да создадеме простор исполнет со позитивна и креативна енергија.

Ова ќе го запише уметникот Боро Рудиќ во пресрет на 18 април и отворањето на својата Галерија како изложбено место за фотографија и визуелни медиуми. Говорејќи, пак, за одлуката за еден ваков зафат тој знае да каже дека нему отсекогаш му фалело во Македонија да имаме фотографска галерија. Дополнува дека секаде во светот постојат фотографски галерии, дека постојат музеи за фотографија во кои се собира тоа уметничко богатство...и така со ред. Нему му е јасно дека за отворање на еден таков изложбен простор се потребни средства, дека уште повеќе пари ќе требаат за негово одржување, но вели дека желбата понекогаш треба да ги победи економските причини. Дека од нешто мора да се почне. Се обидел пред неколку години додека бил претседател на Фото сојуз на Македонија, но за жал и покрај желбата на колеги не успеале да го реализираат тој проект.

„Тоа отсекогаш ми стои во глава. И кога дојде тој момент самиот да се обидам и со сопствени средства да направам фото галерија си реков – ете ќе си го отсонувам сонот до крај. Ќе го направам тоа, па што ќе биде нека биде. За среќа просторот е мој и во него досега беше моето студио, значи нема да биде под кирија и финансиски сум тука чист. Си реков ќе вложам колку што ќе треба за да галеријата сепак биде по постојните светски стандарди. Тоа не е голем простор, но во него ќе можат да бидат изложени триесеттина фотографии и да се прават мали проекти, мали изложби“, вели Рудиќ.

Боро Рудиќ, фотографија на Александар Стојановиќ

Фотографот истакнува дека „во животот сè направил“. Дека имал плоден работен век како инженер, дека зад себе како автор и креативец има многу фотографски изложби и издадени книги, бројни завршени проекти...и дека Галеријата му останала како нешто што треба да остане зад него за генерациите што доаѓаат.

„Ликовната уметност секогаш во Македонија е третирана многу повисоко од фотографијата како уметност иако во светот горе-долу тоа е изедначено. Ние фотографите секогаш, па и денес, како да се чувствуваме како граѓани од втор ред. Фотографот ако може да влезе во галерија може, ако не никому ништо. Едноставно институциите не стоеја многу зад нас, иако морам да бидам искрен и да признам дека во последно време како да се менуваат тие работи. Ете затоа сакав да можам да кажам дека во Македонија, во Скопје, ќе има место кадешто само фотографите ќе излагаат. Едноставно да се придвижат некои работи и на фотографијата да се гледа малку посериозно. Да не бидеме третирани како „аматери“. Во суштина се* се сведува на тоа да се каже или напише по некој збор додека некој од малкумината ќе направи изложба и толку. Како да не постоиме. Едноставно има потреба од една ваква галерија. Јас како фотограф и моите колеги го чувствуваме тоа. Тоа и ми беше таа движечка идеја“, потенцира Боро.

Камени јајца, Прилеп - од циклусот „Appearing - Disappearing“

Рудиќ и со забелешка дека можете да поминете во сите продајни галерии во Скопје и дека никаде нема да најдете некој да продава уметничка фотографија иако во светот тоа од поодамна е практика. Од таму тој тврди дека се до оној момент тие како автори не влезат во домовите на луѓето со нивната уметност и бидат закачени на ѕид, се дотогаш ќе бидат третирани како „аматери“.

„Тој комплекс ќе не прати цело време. Ние мораме да се ефектуираме на друг начин. Да почнеме да се вреднуваме. Нашите дела да се вреднуваат. Некој да пројави интерес да земе и да закачи на ѕид наше дело. Една, две фотографии...не е битно. Да постои простор каде што некој ќе дојде и ќе каже – еве јас сакам да земам фотографија од овој автор. До сега немаше каде едноставно да го стори тоа. И, кога тоа ќе почне да се случува нашата бранша, нашата уметност ќе се подигне на едно сосема друго ниво. Кога некој ќе посака да купи фотографија од тој и тој автор, тогаш ќе се смени и чувството кај нас фотографите за третманот на фотографијата, на уметноста во која сме го вложиле сиот свој талент и своето знаење. Својата неизмерна љубов во играта со светлината.“

Говорејќи за претстојното отворање и за селекцијата на негови дела од циклусите „Appearing - Disappearing“ и „EXIT“ кои публиката имаше можност еднаш да ги види, авторот истакнува дека тој и немал намера така да почнува, но дека времето било прекратко за нешто друго. Информира дека допрва следуваат вистинските нешта во Галеријата што подразбира дека веќе се договорени изложбите на неговите колеги Владимир Арсовски, Кирил Штрков, Филип Филиповиќ...и дека гори од желба да претстави некој навистина млад човек чие време во фотографијата допрва доаѓа. Рудиќ и со дополна дека ќе се обиде понекогаш да претстави некој автор од регионот „чисто како освежување на ова што ние го имаме во фотографијата“.

„Сите застанавме зад оваа идеја. Моите колеги фотографите сфатија дека ова не е место каде што се заработуваат пари. Напротив. Јас не знам дали и што ќе продадеме. Ќе се радувам само на моментот ако успееме економски да го држиме во кондиција проектот. Да може тој да функционира. Знам колку е тешко да се направи изложба, посебно на млади автори. Затоа веќе направив рамки. Тие ќе бидат постојано во Галеријата и кој сака да прави изложба ќе може да ги користи. Ќе печатиме и некои мини каталози и ќе се обидеме со сите сили секогаш да правиме пристојно претставување на она што ќе се случува во овој изложбен простор.“

Крај , од циклусот "EXIT"

Конечно, Рудиќ и со информација дека нему не му е идејата да ги претставува само фотографите кои моментално работат во земјава, туку да потсети и на сите оние фотографи чии дела се безмалку заборавени од новите генерации. Автори како еден Живко Јаневски, на пример. Тој и со забелешка дека Македонија нема ниту еден колекционер на фотографија.

„Македонија нема ниту еден колекционер на фотографија. Јас барем не знам ниту еден човек кој собира фотографии. За разлика има многу такви во Србија, во Хрватска, Словенија...И ако се појави негде, тој ќе треба да се едуцира за фотографијата во Македонија. И не само во последниве години туку од Ослободувањето таму некаде 1945 година до денес. Ќе треба да знае за Благоја Дрнков, за Роберт Јаки, Живко Јаневски, Иво Велјановски, Величковски, Цветков...луѓе кои беа носители на фотографијата како уметност кај нас и создадоа услови за сите нас кои подоцна се појавивме и почнавме да се бавиме со фотографија. Зборував со Маја Јаневска фотографиите на нејзиниот татко Живко наскоро да ги изложиме во Галеријата. Зошто уметноста на Живко Јаневски да ја снема и да се сеќаваме на него само по нешто што сме го запаметиле некогаш. Или било кој од останатите фотографи. Ете тоа е она другото, нашата историја, што сакам да се најде во овој изложбен простор“, смета Боро Рудиќ.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG