Иако по деценија и половина работите треба да бидат повеќе од јасни, сепак за широкиот круг на вљубеници во фотографијата и воопшто за овдешните трагачи по несекојдневни културни настани, само неколку воведни напомени.
„Фотомедиа“ претставува меѓународно биенале на фотографска уметност со натпреварувачки карактер. Организирана е од страната на Фото Клубот „Елема 1962“ од Скопје, поддржана од Фото сојузот на Македонија и е под патронат на Меѓународната фотографска асоцијација - ФИАП (Fédération Internationale de l'Art Photographique). А, кога сме веќе тука, чисто практично и информацијата дека зад актуелното 16-то издание на „Фотомедиа“, покрај веќе традиционалниот партнер – Националната галерија на Македонија, во случајов застанаа и Министерството за култура и Градот Скопје. Потег што условно би требало да претпоставува и подобар третман на фотографската уметност кај нас и конечно вреднување на трудот на фотографите и поклониците на ова творештво.
Во ниту еден миг не смее да се заборави дека низ годините наназад, со своите искрени и посветени заложби, членовите на Фото клубот „Елема“, единствениот формиран во Скопје во сега далечната 1962 година, успеаја од „Фотомедиа“ да направат една од најпрестижните изложби на традиционална (принт) фотографија во Македонија и секако ценета во глобални рамки, случување на кое редовно учествуваат реномирани фотографи од целиот свет.
„Оваа година се одржува 16-то биенале на фотографска уметност „Фотомедиа“ коешто низ годините опстојува во дигиталниот свет како еден диносаурус во делот на принт фотографијата и сè уште го одржуваме тој тренд бидејќи значењето на самиот принт на фотографијата е завршниот магичен допир на авторот. Вистинскиот израз и она што уметникот посакувал да го реализира како идеја, како фотографија“, вели Вацлав Лукиќ, фотограф и претседател на Фото клуб „Елема 1962“.
Тој со појаснување дека годинава на конкурсот на „Фотомедиа“ пристигнале повеќе од 800 фотографии, од кои меѓународното жири во состав: Антон Савов од Бугарија, Станко Абаџиќ од Хрватска и нашиот Боро Рудиќ, направило селекција од 163 фотографии кои ќе бидат изложени на Меѓународната изложба на фотографска уметност што од 10 до 15 ноември ќе се одржи во изложбениот салон Чифте амам на Националната галерија на Македонија. Инаку, добитник на престижното Гран При на 16-то издание на „Фотомедиа“ е Ален Ликари, познат фотограф од Франција.
Згора на ова, според Лукиќ, и во оваа пригода Фото клуб „Елема“ за актуелното меѓународно биенале на фотографска уметност ќе понуди еден висококвалитетен каталог во кој ќе се најдат делата на селектираните уметници – светски фотографи.
„Опстојуваме во таквите наши заложби иако е тоа една тешка макотрпна и скапа работа особено во денешно време. Сметаме дека тоа ќе остави еден битен траг во понатамошните години и ќе се трудиме да останеме на тоа ниво ценејќи го значењето на класичната, на принт фотографијата којашто треба да се одржи“, истакнува Вацлав Лукиќ.