Достапни линкови

Јанкулоски со „Ѕидови за вас прекрасни луѓе“ во Мобилно/Монтажна галерија


„Ѕидови за вас прекрасни луѓе“ е насловена изложбата на уметничка фотографија на Роберт Јанкулоски, што од 11 до 17 септември се одржува во Мобилна/Монтажна галерија во Скопје. Станува збор за графити снимани во манир на т.н. „улична фотографија“ во периодот од 1995 до 2000 година на црно бел филм со панорамски фотоапарат.

На само неколку часа пред отворањето на изложбата на уметничка фотографија „Ѕидови за вас прекрасни луѓе“, авторот Роберт Јанкулоски знае да каже дека таа е резултат на неговото долгогодишно работење врз темата „графити“, односно повеќе „скопски графити“. Притоа тој потсетува дека на оваа тема веќе има реализирано две изложби. Првата „Улици“ во 2003 година во Панчево, соседна Србија, а втората „Поздрав од Прилеп“ во родниот град кадешто ги изложил таму снимените графити. Вели дека овие „скопски графити“ започнал да ги работи во 1995 година кога бил уредник на фотографија во списанието „Скопско метро“ чиј издавач бил Гоце Дртковски. Тогаш тие објавувале во секој број по една фотографија на еден скопски графит. Но тој не останал само на тоа, туку продолжил и натаму да ги снима графитите во градот затоа што, како што потенцира, „1990-те биле години кога се појавија голем број на креативни графити“.

„Деведесеттите навистина беа години кога се појавија голем број на креативни графити, преписки помеѓу младите луѓе во Скопје. Тоа не се тие мурали, тие сликарии коишто се јавуваат на ѕидовите, туку дел од нив се текстуални графити, дел има и цртежи кадешто луѓето комуницираат едни со други преку тие ѕидови, преку тие бели површини“, истакнува Јанкулоски.

Појаснува дека технички ги работел со панорамска фотографска камера. Дека фотографиите се снимени на филм во периодот од 1995 до крајот на 1999 година кога фотографирал повеќе од 1100 фотографии. Според него, кога се спомнува таа бројка од денешен дигитален аспект тоа е многу малку, дека сегашниве фотографи во само еден ден снимаат толку фотографии, но смета оти од тие негови „над 1000 фотографии со целосна одговорност може да изложи барем 500 во било која галерија во светот“.

„Тоа е тој фотографски начин на размислување и на документирање кадешто неколку пати се гледа фотографијата, па се чека времето, се размислува и после се фотографира. Не како сега фотографираш и отпосле дома во компјутер гледаш што си фотографирал“, вели авторот.

Роберт потоа имал идеја да се направи монографија со тие графити, но бидејќи тоа е доста скапо и не нашол на разбирање на неколкуте места каде што побарал помош едноставно ги оставил снимките во својата архива.

„Сè што е популарно кај нас политиката го злоупотребува и политичарите, односно тие т.н. младини на едната или другата партија почнаа политички да се препукуваат по ѕидовите кој е кој, што е што и слично, имам и една серија од тие фотографии, но јас тогаш на крајот на 1999 година престанав да фотографирам графити затоа што тоа веќе не беше искрено. Тоа беше работено по нарачка, по нечија партиска задача“, ќе рече Јанкулоски.

Тој и со дополна дека 17-те црно-бели фотографии од деведесеттите години се отпечатени на метални плочи, а четирите изложени фотографии снимени во текот на 2016 и минатата година се дигитални и отпечатени во боја на хартија. Дека тие фотографии не се вистински графити, туку фотографии снимени во Центарот на градот и дека го покажуваат денешното Скопје, всушност едно негово видување на сегашното централно градско подрачје.

На некогаш снимените фотографии им се навратил по безмалку две децении во моментот кога Центарот за современи уметности го распишал конкурсот и тој помислил дека е добро да ги извади на виделина. При проверката на архивата, првата мисла што му дошла во глава е поставката да ја наслови по графитот од ѕидот на Архитектонски факултет во Скопје кој гласи „Ѕидови за вас прекрасни луѓе“ и на тоа дека некои од нив се актуелни и денес.

„Некои од фотографиите веќе се застарени, не застарени туку вистинскиот збор би бил „локални“, така што ние точно знаеме за што станува збор. На пример има една со текст „Признајте го Тибет!“, па под него по неколку дена друг допишал „Слабо плаќа!“. Тој графит е во врска со нашето тогашно признавање на Тајван. Па, има еден друг каде пишува „Стечајците и тутунарите не ги интересира дали Тајван е во Кина или не знам каде!“. Тоа се такви социјално-политички графити каде гледачот треба да ја знае ситуацијата на што се однесуваат тие текстови. А, има и такви кои се безвременски и било кога исто ќе звучат“, смета Роберт.

Инаку, Јанкулоски и Моника Мотеска со нивните „Симулации“ во април годинава успешно се претставија во Музејот на современа уметност во Нови Сад, Србија, а говорејќи за актуелниот момент уметникот со констатација дека потпишува поставка која може да биде изложена било каде.

„Ова е мала камерна изложба од 21 дело. Тоа се големо форматни фотографии кои можат да бидат изложени било каде. Не е само локална, „скопска“ изложба која може да кореспондира, односно да им биде на посетителите и надвор од државата. Затоа доколку има заинтересирани јас би ја однел секаде каде што ќе ме повикаат. Сепак, мора да кажам дека крајната цел ми е нешто друго. Имам 1100 фотографии во архива на оваа тема и не ми останува ништо друго освен да се обидам да најдам средства за да се направи некаква монографија која би била убаво сведоштво за Скопје. Кога ќе ги видите фотографиите ќе ви стане јасно дека ние Скопје од пред 20 години го немаме повеќе. Затоа тоа е една историска, стара фотографија за нашиот град. Монографијата би била сведоштво за тоа како се развивал градот и каква била таа улична комуникација во 1990-те години кога графитите беа многу, многу актуелни како пораки во оваа урбана средина“, смета Јанкулоски.

Роден во Прилеп 1969 година, дипломирал на Катедрата за камера на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Постдипломските студии ги комплетирал во 2011 на Универзитет за аудиовизуелни уметности - ЕСРА Париз - Скопје - Њујорк, каде во моментов е професор и декан на Факултетот за филмски уметности.

Јанкулоски е основач на Македонскиот центар за фотографија во 2000 година.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG