Достапни линкови

„Мали хумани иновации“ на осмото издание на „Роденден на уметноста“


„Мали хумани иновации“ е насловена изложбата на студентите по Индустриски дизајн на Машинскиот факултет во Скопје што во рамките на манифестацијата „Роденден на уметноста“ ќе биде отворена во сабота, на 18 јануари, во Младинскиот културен центар.

Во Галерија 2 на Младинскиот културен центар - Скопје, в сабота на 18 јануари во 20.30 часот, во рамките на осмото издание на манифестацијата „Роденден на уметноста“, со која практично и започнува новата сезона на оваа стожерна градска (суб)културна институција, ќе биде отворена изложбата „Мали хумани иновации“ на студентите по Индустриски дизајн при Машинскиот факултет.

Со неа тие, како што ќе биде забележано во повикот до публиката, преку одбрани творби, се стремат да го искажат својот оптимистички начин на гледање преку креативно трансформирање на проблемите од сегашноста во можности за креирање подобра иднина. Како повеќето дизајнери, тие ги откриваат проблемите, трагаат по решенија, истражуваат можности, анализираат постоечки решенија, синтетизираат нови концепти и, конечно, ги реализираат своите идеи. Низ овој процес, тие создаваат напредок, нови индустриски производи, симболи, системи и многу повеќе.

Создавањето на нови и возбудливи форми, примената на ергономска интеракција, унапредувањето на функционалноста, економичноста и грижата за животната средина се основни преокупации на творештвото на овие млади автори, пишуваат Татјана Кандикјан и Софија Сидоренко од Машинскиот факултет.

Во најавата ќе биде забележано и тоа дека прикажаните дела се развиени и изработени во рамките на проекти во текот на наставата по соодветните предмети. За изработка се користени рачни техники, компјутерски модели, нумерички управувани машини, ласерски техники и друго.

Дел од одбраните творби се рачно изработени композиции инспирирани од природата, трансформирани со стилизирање, со цел да бидат применети во дизајн на производи.

Меѓу презентираните производи се забележуваат голем број светилки, парчиња мебел, играчки, алатки за приготвување храна и здели за сервирање. Сите тие се создадени со цел да поттикнат интерес, акција и задоволство за секојдневно користење.

Згора на тоа ќе биде наведено и тоа дека „вештината во користењето на различни изразни средства, како цртежи, макети, компјутерски модели, материјали и изработката на функционални прототипови, им овозможило на авторите успешно да ги изразат сопствените согледувања за креативно обликување на современите производи и на тој начин да донесат нови вредности за потрошувачите, компаниите и заедницата“.

Изложбата има за цел да го провери интересот на јавноста за прифаќање на ваквата „комерцијална уметност“. Прифаќањето е неопходно потребно за успешно иновирање на ваквите производи, сметаат потписниците на оваа несекојдневна и интересна поставка.

Инаку, во пресрет на оваа изложба во рамките на „Роденден на уметноста“ најнапред во Детски креативен центар од 18 часот ќе се одржи работилницата „Играј со светлината“ со Доротеј Нешоски, Нина Максимова и Дени Стојанов, паралелно во Планетариум ќе се одржат предавања за деца и за возрасни, потоа во 19 часот во кино „Фросина“ е планирана промоцијата на книгата „Македонска сага“ на Сунчица Уневска, во 20 часот во Галерија 1 изложбата на Марина Убавкова и диџеј сетот на Бојан Чакра во „Ап(о)тека“, од 21 часот повторно во „Фросина“ - проектот на Импров група „Настап“, за да од 22 натаму во салата 25 мај се одвиваат концертите на групите DOGS IN KAVALA од Белград, соседна Србија, PORTO MORTO од Загреб, Хрватска, и нашите LOCAL BLUE по што се планирани и диџеј настапите на Виолета Качакова, Ивана Драгшиќ и Теа Шалдева.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG