Абигејл Лејн, Моника Мотеска, Камила Лоу, Евгенија Демниевска, Анета Светиева, Мадам Јевонд, Мирна Арсовска, Силија Хемптон, Лаура Олдриџ, Хелен Чедвик, Елизабет Прајс, Сара Лукас, Жанета Вангели, Ирена Паскали, Антеа Хамилтон, Трејси Емин, Клер Стренд, Џилијан Веринг, Верица Ковачевска, Љупка Делева, Рејчел Вајтрид, Христина Иваноска, Ана Темкова, Виолета Чаповска и Лубаина Химид се британските и македонските уметнички кои ја враќаат женската форма, прекинувајќи го репродуцирањето и продолжувањето на родовата хиерархија и конечно предлагајќи нови методи на размислување за (родовата) репрезентација. Нивните дела, а посебно нивните заложби, за очекување е во периодов што следува несомнено да го предизвикаат вниманието и не само на ликовната туку и воопшто на домашната културна и општествена јавност која несомнено љуби поинаква, ангажирана творечка понуда.
Изложбата „Родови перцепции / Perceptions: Engendered“, што од 12 јуни до 12 август, ќе се одржи во Музеј на современа уметност во Скопје е последната во низата од колаборативниот кураторски проект насовен како „Перцепции“ кој е фокусиран на женската уметност.
Овој проект беше замислен како соработка помеѓу пет куратори од Западен Балкан и тој во рамките на секоја остварена изложба претстави 24 дела од 14 британски уметници од колекцијата на Британскиот совет кои кураторите заеднички ги избраа и со кои влегоа во дијалог преку локалните уметнички дела.
На тој начин, како што ќе биде забележано, „Перцепции“ прерасна во флуиден женски уметнички простор на пресекот на различните културни, политички и теоретски стратегии во рамките на политичката географија на Западниот Балкан - почнувајќи од Цетиње во Црна Гора, преку Нови Сад во Србија, Приштина на Косово и во Бања Лука – Република Српска, за конечно да се претстави и во Скопје. Поставката која во наредниве два месеца ќе се одржува во МСУ всушност ќе го затвори изложбениот циклус со презентација на 39 современи уметнички дела од 25 уметнички, концепциски поделени во три дела: „Погледи“, „Репрезентации“ и „Репрезентации - прецртано“.
Застапените уметнички креираат „женска форма“ која го прекинува повторувањето и одржувањето на постоечката родова хиерархија преку нови методи на размислување и визуелизации за (родовата) репрезентација, велат потписниците на поставката.
Куратори на претстојната изложба се Кумјана Новакова и Благоја Варошанец, соработник на проектот е Тихомир Топузовски, концептот на едукативната програма е на Бојана Јанева Шемова, визуелниот идентитет и графички дизајн на Елена Диновска Зарапчиев и Илиана Петрушевска, а дизајнот на „Перцепции“ е на Јован Ивановски.
Кон ова само уште информацијата дека „Родови перцепции / Perceptions: Engendered“, како дел од регионалниот уметнички проект „Перцепции“, беше вреднуван од страна на музејскaта експертска јавност и веќе во септември годинава ќе биде претставен во Кјото, Јапонија, на една од најпрестижните музејски конференции во светот, пред Меѓународниот совет на музеите (ICOM).