Достапни линкови

Денови на македонска фотографија по 57 пат


Фотографија на Цветан Гавровски.
Фотографија на Цветан Гавровски.

Со изложба на која ќе бидат претставени 122 фотографии на 52 автори, в сабота на 1 јуни, во Центарот за култура „ Марко Цепенков “ во Прилеп, во организација на Фото сојузот на Македонија, ќе започнат 57-те Денови на македонска фотографија, чиј домаќин е Фото кино клубот од градот по Маркови кули.

Прилеп на 1 и 2 јуни ќе биде центарот на современата домашна фотографија. На градот под Маркови кули и на македонската културна сцена воопшто, во тие два дена, ќе му се случат 57-те Денови на македонска фотографија, зад која исправени застанаа Фото сојузот на Македонија и Фото кино клубот Прилеп како домаќин. Манифестацијата ќе започне со проекции на автори од целата држава, по што ќе следува изложбата на која ќе бидат претставени 122 фотографии од 52 творци. Согласно на традицијата на отворањето на поставката ќе бидат доделени наградите за сениори за поединечна и за колекција на фотографии и за јуниори за одделни фотографии.

Плакатот за Денови на македонската фотографија
Плакатот за Денови на македонската фотографија

Во пресрет на настанот, Кирил Штрков, актуелен претседател Фото сојузот на Македонија, знае да каже дека ова издание на манифестацијата се карактеризира со квалитетот на пристигнатите колекции. Тој истакнува дека жирито не само што било изненадено од квантитативно големиот број на понудени фотографии во однос на претходните десет години, туку посебно од квалитетот на авторските колекции.

„Квалитетот во колекциите е уште поважен во однос на поединечната фотографија. Зошто? Затоа што во колекциите постои фотографско размислување кое е коегзистентно. Поединечната фотографија е даден момент кој е неповторлив и таа си има своја вредност. Колекциите на фотографии се една раскажувачка или мисловна состојба на авторот која е во подолг период присутна кај него и тој постојано таа нишка ја наоѓа во следните фотографии. Тоа е клучниот квалитет на колекциите. Оваа година ние имавме извонредно успешни колекции и со тоа се потврдува дека квалитетот на македонската фотографија оди нагоре“, вели Штрков.

Фотографија на Александар Гаревски.
Фотографија на Александар Гаревски.

И кога сме веќе кај колекциите тројцата првопласирани автори се Иван Вукелиќ, Вацлав Лукиќ од Фото клубот „Елема“ и неговиот колега Кирил Штрков. Дипломи за своите остварувања во овој сегмент до добија и Виктор Налевски од Фото-кино клубот Битола, Мимоза Чолак како самостојна авторка и Дејан Гилевски од „Елема“, кој патем е добитник и на значајното признание „Благоја Дрнков“.

Од друга страна во сениорска конкуренција за своите фотографии наградени се Виктор Трајковски од од Фото-кино клубот „Козјак“, Александар Гаревски и Цветан Гавровски од „Елема“, а првата награда кај јуниорите оди во рацете на Ана Андонова од Фото група „Чкрап“, втората кај Горан Поповски и третата кај Стефан Конески, обајцата членови на Фото-кино клубот Прилеп.

Она, што е посебно интересно е што на овие 57-ми Денови на македонска фотографија, по прв пат ќе биде доделена и награда за документарна фотографија која во случајов и припадна на Анита Палческа.

Фотографија на Горан Поповски.
Фотографија на Горан Поповски.

Претседателот на Фото сојуз на Македонија Кирил Штрков истакнува дека идејата за ова признание постоела подолго време и дека таа е резултат на уверувањето дека „фотографијата во суштина е сепак документ“. Од таму од сојузот и инсистирањето фотографите да бидат усмерени кон нејзината срж.

„Го оставивме тој артистички, ликовен уметнички дел кој е основа во бавењето со уметничка фотографија, но сакавме да го поместиме гледањето на фотографите кон фактографијата во фотографијата. Оној, пак ќе речам, основен суштински дел на фотографијата. Бидејќи ние имавме многу бурни случувања во Македонија, нашите фотографи не успеаја да извлечат некаква приказна или нешто што ќе остави длабок впечаток во македонската фотографија. Затоа и ова е обид да ја усмериме таа фотографија кон документарноста“, смета Штрков.

Фотографија на Виктор Трајковски.
Фотографија на Виктор Трајковски.

Прашан, пак, каде е македонската фотографија во однос на она што се случува во светот тој истакнува дека онолку колку што тој успева да следи на глобално ниво се тежнее кон колор фотографијата. Дека се помалку се негува црно-белата фотографија и дека станува збор за комбинација на интензивни контрасти. Еден тренд кој е многу интересен и популарен и дека сега доминира уличната фотографија. Дополнува дека кај нас сеуште постои тој традиционален пристап, дека сеуште повеќе се негува токму црно-белата фотографија но оти тоа полека се менува особено кај младите автори кои постепено ја користат колор фотографијата.

„Не мислам дека треба да ги следиме светските трендови бидејќи се трендови и се „добри“. Би сакал да се негува фотографија која во својата основа би ги имала и оние основни наши традиционални вредности. Да, за колор фотографијата, но во неа да се задржат и елементите од нашето фотографско наследство“, смета Кирил.

Конечно, 57-те Денови на македонска фотографија завршуваат во недела на 2 јуни со Фото сафари во околината на Прилеп.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG