Достапни линкови

Архивирањето како колективен чин на отпор


„Еј, што имаме да изгубиме? Архивирањето како колективен чин на отпор“ е насловен Меѓународниот симпозиум што во организација на Здружението за современа уметност и кураторски практики „Проектен простор Прес ту егзит“ ќе се одржи на 31 мај и 1 јуни во Музејот на современа уметност во Скопје.

Со цел да се реанимира прашањето за нашиот однос кон незаштитеното модернистичко културно наследство, особено во однос на современото Скопје (пост „Скопје 2014”) и општествената употреба на просторот, на 31 мај и 1 јуни во Музеј на современа уметност во Скопје, во организација на Здружението за современа уметност и кураторски практики „Проектен простор Прес ту егзит“, ќе се одржи Меѓународен симпозиум насловен како „Еј, што имаме да изгубиме? Архивирањето како колективен чин на отпор“.

Уметникот Јане Чаловски, кој заедно со Христина Ивановска стои зад идејата за Симпозиумот, знае да каже дека се зафатиле со организација на настан кој го обмислуваат во потесен круг веќе две години. И се решиле да го насловат „Еј, што имаме да изгубиме? Архивирањето како колективен чин на отпор“ со мисла дека тоа е нешто што проблематиката ја доближува до сите нас како граѓани. Појаснува дека се* започнало пред две години кога пожар го уништи Заводот за урбанизам и архитектура кадешто се чуваше доста од архивата за реконструкцијата на пост земјотресно Скопје.

„Јас имав чест и огромно задоволство да соработувам со нив уште пред една декада кога работев на други два проекта како ликовен уметник и интердисциплинарец, но знаејќи што поседуваа и што имаа по нивни раце прилично ме повреди тоа што се случи во април 2017 и уште повеќе ме повреди тоа што се* што остана расфрлано и уништено од огнот се до уништи од водата и тоа остана така не расчистено и напуштено, Една прилично тажна глетка“, вели Чаловски.

Тој дополнува дека неколку недели по пожарот, за време на одржување на 6. Меѓународен симпозиум „Кураторски размени: Простори, функции фикции и други заеднички именители“, тимот на Проектниот простор Прес ту егзит, заедно со локални и меѓународни уметници, а со поддршка на значајни институции и асоцијации како Државниот архив на РМ, Музеј на град Скопје и Асоцијација на архитекти, организирале акција за расчистување и заштитување на дел од документите и предметите од понатамошна штета.

Истакнува дека сето тоа биле почетоци и дека тогаш собраните документи практично се и појдовната точка за македонската програма во рамки на претстојниот Симпозиумот.

„Ние продолживме со работа со мисла некако да го изградиме моделот на проектот, да го искомуницираме и со нашите локални институции институции и индивидуалци кои работат и се интересираат за темата, но и со меѓународниот колегиум и да почнеме да работиме ете на таа форма проектна која сега ја почнуваме со Симпозиумот но гледаме да биде подолгорочна и во следните две години постепено да ја етаблираме таа колекција во Архивот на Република Македонија која ќе биде буквално од овие спасени материјали од Заводот. И да ја направиме достапна за јавноста за да може да биде истражувана, цитирана, дополнувана“, смета уметникот.

Дел од спасените документи за Старо Скопје
Дел од спасените документи за Старо Скопје

Како што велат потписниците на Симпозиумот во Скопје ќе се разговара и за недостатокот од достапна, кохерентна и јавна архивна материја по прашањето за културолошкото значење на Мастер планот за Скопје и како да се архивираат преостанатите спомени од материјалната модернистичка култура на градот, и за поимот „архивизам” како обединувачки концепт за архивистичка систематизација на документи вклучително и чинот на граѓанска свесност и учество во процесот на ескавација и истражување на документи најдени во јавен простор.

За таа цел поканети се истакнати куратори, директори на институции од музејската дејност и уметници како Сабина Саболовиќ, членка на кураторскиот колектив What, How & for Whom/WHW од Хрватска (ќе зборува за кураторскиот пристап кон архивата како нешто што оди подалеку од ригорозната или научна дефиниција), Чарлс Еше директор на Ван Абе музеот од Ајндховен, Холандија ( тој во своето илустрирано предавање ќе се фокусира на музејот и употребата на музејските збирки, документација, спомени и односи во создавање на специфични изложби и истражувачки проекти), и Себастиан Цихочки, заменик директор на Музејот на модерна уметност во Варшава, Полска (во својата презентацијата ќе зборува за експериментот Бродно Биенале).

Во контекст на ова Чаловски во однос на очекувањата од Симпозиумот и со констатација дека

Архивот, посебно на оваа тема „Архитектонско и модерно Скопје“, е една дисперзивна тема и дека постојат помали и приватни архиви како државните, кои не се толку отворени и толку видливи, и дека таа дисперзивност е по малку насекаде. Дека тоа нуди една можност како граѓани да се отвориме и дека малку повеќе ќе се отвориме и ќе го споделиме тоа што го имаме и тоа што го знаеме.

„Се стремиме кон таа убава, хумана идеја дека ќе ја сочуваме некако историјата и материјата за понатамошни изучувања. Просто сите треба да не интересира таа продукција на знаења и тоа заедничко одење понатаму. Скопје знаеме дека сеуште живее во проектот „2014“ и многу разговараме на тоа што понатаму, како понатаму ќе се соочуваме со таа политичка визија која прилично притиска. Како да се соочиме доколку не ја знаеме и почитуваме историјата еден битен период како модернизмот од 1960 кој беше на удар од минатата власт. Затоа цениме дека имаме голема тема, провокативна тема, пристојна, значајна, едукативна, академска некако со социјално-политички-културолошки размери и дека ќе иаме два убави дена за презентации, дискусии и идеи за тоа како понатаму заедно“, заклучува Чаловски.

Кензо Танге во Скопје
Кензо Танге во Скопје

Во рамките на „Еј, што имаме да изгубиме? Архивирањето како колективен чин на отпор“, од 31 мај до 7 јуни, во Музеј на современа уметност ќе се одвива и изложба на уметниците Антонис Питас од Холандија, Тјаша Калкан од Хрватска и Јане Чаловски, курирана од Јованка Попова, како и изложба на дел од материјалите од опожарениот Заводот за урбанизам и архитектура во Скопје.

Згора на тоа на настанот свои панели ќе имаат и претставници од партнерските организации на Прес то егзит како: Наташа Бодрожиќ (Слободне Везе, Загреб), која ќе ја претстави и книгата „Потрошувачка култура на Социјалистичка Југославија“ и Марјока де Греф и Анастасија Пандиловска (Санс анд Старс, Амстердам).

Конечно „Еј, што имаме да изгубиме? Архивирањето како колективен чин на отпор“ е дел од двогодишниот меѓународен проект „Взаемно поле на културна меморија“ финансиски поддржан од Креативна Европа - Програмата за културно наследство 2018 година. Дополнителна подршка за програмата во Скопје е добиена од Министерство за култура на Република Северна Македонија, Фондација за уметнички иницијативи од Њујорк и Фондот Мондријан од Амстердам.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG