По недела дена од промоцијата на монографијата „Костадин Танчев-Динка - Од слика и графика до нови медиуми“, патем печатена на македонски и на англиски јазик на 304 страници и со 240 илустрации и текстови на авторитети како Владимир Величковски, Тони Васиќ, Лазе Трипков, Кирил Темков и Конча Пирковска, во Национална галерија, во објектот Даут пашин амам, в среда на 24 април, во 20.30 часот, ќе биде отворена ретроспективна изложба на еден од основоположниците на графичкиот дизајн кај нас - Костадин Танчев – Динка.
Професорот Костадин Танчев - Динка, како што ќе биде забележано, во текот на својот повеќе децениски плоден работен и творечки век остави значаен белег во развојот на македонската уметничка сцена, и како ликовен автор и како ликовен дизајнер. На полето на применетата графика Динка многумина го сметаат за водечки мајстор иноватор во наставата по дизајн, бележит сценограф, врвен изработувач на плакати и докажан дизајнер на публикации.
Белешка од дневникот, масло на платно 2012
Од таму, како што велат од Националната галерија, водејќи се од значајната улога која Костадин Танчев - Динка ја одигра на македонската современа ликовна сцена и неговото значење во контекст на афирмацијата на новите ликовни тендеции во македонската современа ликовна уметност, пред сè во делот на ликовниот дизајн и применетата уметност, „ретроспективната изложба има за цел да направи пресек на неговото ликовно творештво и на овој начин да актуелизира одредени појави и тенденции од историски, проблемски, тематски, стилски, но и тековни толкувања на модерната и на современата светска и македонска ликовна уметност“.
Ова подразбира дека на изложбата ќе бидат претставени 90-тина дела, графики, плакати, слики, логоа... од сите творечки фази на авторот, а кустоси на изложбата се Маја Неделкоска Брзанова, Маја Чанкуловска Михајлоска и Горанчо Ѓорѓиевски.
А, посегањето по минатото на виделина ја вади следната приказна за една исклучително богата и плодна кариера.
Роден во 1940 година во Валандово, Костадин Танчев училиште за применета уметност завршил во Скопје во 1961 година. Потем студирал на Академијата за применета уметност во Белград, а по завршувањето на првиот степен, по препорака на Универзитетскиот совет на Белградскиот универзитет во текот на 1963-1964 година престојувал на специјализација во Лондон. За време на студиите во вториот степен бил во класата на професорите: Миха Петров, Богдан Кршиќ и Милош Ќириќ.
Како студент во петтата година учествувал на меѓународниот конкурс за визуелна комуникација, организиран од Меѓународната организација на графички дизајнери ИКОГРАДА и меѓу многуте учесници од повеќе земји влегол во најтесниот избор на десетте нaјдобри. Уште како студент членувал во Друштвото на УЛУПУС и ИКОГРАДА, а во рамките на дипломската работа го изработил и првиот анимиран филм.
Плакатот за филмот „Хасанагиница“, 1967 година
Од 1969-1970 година Динка работел во секторот за економска пропаганда (маркетинг) во НИП „Нова Македонија“, за да три години подоцна замине во Париз при што претстојот таму го искористи за излага во повеќе галерии во Градот на светлината. Така во 1975 година своите дела ги претставил на изложбата „50-те млади надежни сликари“ на Мајскиот салон „Дефанс“ во Париз, за да веднаш по враќањето во земјава продолжи да работи како раководител на секторот за графички дизајн и ентериер во Културно-информативниот центар во Скопје. Во периодот од 1978-1981 година активно учествувал и во научните истражувања и реализацијата на новите форми на културна комуникација и творештво, што се изведувале во рамките на Естетичката лабораторија на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.
Интегрална графика: Време - игри - чели, 2018
Во 1985 година Динка е избран за наставник на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во графичкиот оддел по предметите цртање и графика со графички техники. Истовремено, во овој период е ангажиран во изведувањето на наставата во насочениот дел од студиите, во насоката графички дизајн и под негово менторство, со успех се одвивала наставно-образовниот процес по опрема на книга и илустрација, фотографија, визуелни комуникации, плакат и графички стандарди. Со студентите од трета и четврта година, на насоката графички дизајн учествувал на поголем број републички конкурси за визуелни комуникации на кои се добиени повеќе значајни награди.
Учествувал и во реализацијата на издавачката дејност на Факултетот, особено во издавање на Графичката мапа на професорите на ФЛУ во 1987 година, публикацијата по повод десетгодишниот јубилеј на ФЛУ, студентската мапа од 1986 година и поголем број каталози и идејни решенија за потребите на Факултетот.