Достапни линкови

„Скопје Креатива 2019” или крик за еколошката свест како култура на живеење


Под мотото „Зелено Скопје”, кое симболички ја содржи идејата за еколошката свест како култура на живеење, во организација на Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата, од 31 до 2 јуни, ќе се одржи Фестивалот за развој на креативните индустрии „Скопје Креатива 2019”.

На урбано Скопје во деновите од претстојниот викенд ќе му се случи вистинска експлозија на несекојдневни културни настани. Од 31 мај до 2 јуни, на повеќе сцени во градот ќе се одвива осмото издание на Фестивалот за развој на креативните индустрии „Скопје Креатива 2019” зад кој години наназад како организатор стои Здружението на граѓани Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата. И се разбира бројните творци и (суб)културни мисионери како носители на програмските содржини, Градот Скопје без чија поддршка сето ова ќе беше невозможно...и конечно сите оние кои во случајов се обединија под мотото „Зелено Скопје”, кое симболички ја содржи идејата за еколошката свест како култура на живеење.

А, токму тоа е суштествената мисла која треба сите да не држи будни во времево ( во годиниве наназад) во кое сме овде во оваа модерна гасна комора во која катадневно се рушат негативните рекорди и од којзнае какви причини, често неоправдано и несериозно, ја стивнуваме свесноста и врисокот за нашата опстојба.

Од таму она што е најбитно е дека генералната идеја е, преку Фестивалот и неговата програма, да се ангажира креативниот потенцијал на Скопје, во насока на создавање на подобра релација помеѓу жителите и животната средина, како и да се поттикне креативно и иновативно делување, со цел создавање на творештво кое ќе придонесе во општествениот и економски развој на градот. И, не само тоа туку најотворено да се поттикне и смела акција која во случајов разбирливо го изнедри и годинешното мото на манифестацијата: „Зелено Скопје“.

„Сакајќи проактивно да се бавиме со градот и да поттикнеме размислувања, повисока свест, но и некаква директна акција во насока на создавање поквалитетна животна средина, оваа година „Скопје креатива 2019“, осмото издание на Фестивалот, го развиваме под мотото „Зелено Скопје“. Тоа за нас симболички ја содржи идејата за екологијата како култура на живеење. Нашата цел беше, а и мислам дека успеавме во тоа преку Фестивалот и неговата програма да ангажираме креативен потенцијал од градот и заедно да создадеме една подобра релација помеѓу жителите и животната средина и развивме активности со кои сметаме дека ќе придонесеме во општествениот и економскиот развој на градот“, вели Виолета Качакова, програмски уредник на Фестивалот.

Таа и со дополна дека заложбите кои се втемелени и битни во самата Програма на „Скопје Креатива 2019“ се јавниот простор, рециклирањето, рационализацијата на ресурси, начинот на комуникација...

„Екологијата ја разгледуваме како една поширока динамична категорија. Не само како зачувување на животната средина, туку како релација помеѓу животната средина, жителите, комуникацијата и т.н. Сето ова е втемелено во идејата и програмскиот концепт на „Скопје Креатива 2019“. Она што ние си го поставивме како цел во рамки на таквите заложби е да се поттикне домашната креативност, која преку соработка со домашни и меѓународни партнери, ќе се конципира, развие и реализира преку низа активности што ќе придонесат во подобар квалитет на животот за сите граѓани во Скопје“, истакнува Качакова.

Од таму, ако и само за миг се погледне очебијно е дека Програмата е доста богата и дека опфаќа доста сегменти кои „ќе ги задоволат различните програмски сегменти на пробирливите програмски сладокусци, меѓутоа и на повеќето возрасти на граѓани“.

Таа се движи по неколку основни програмски линии како програма за дизајн преку сегментите за развој на нови прототип производи, „Брендирање на зелено Скопје“ и „Разубавување на градот“, програма за архитектурата посветена на „Екологиите на градот“ и трансформација на јавниот простор; музичката програма преку издавање нова музика и настапи на квалитетни музички автори и диџеи и филмска програма „Кино утро“ и „Кино под ѕвездите“ како интересен спој на документарни филмови, реклами и патописни репортажи од архивите на „Вардар филм”. Дополнително, „Скопје Креатива 2019“ ќе понуди креативни работилници за деца, театар, изложба на редизајни на постери за македонски филмови, музички албуми и книжевни дела, презентации на иновации и поп-ап дуќан за дизајн на книги и музички изданија од домашни автори и издавачи.

Инаку, отворањето на „Скопје Креатива 2019“ ќе се случи в петок, во 20 часот на улица Македонија со изложбата на редизајни на постери за македонски филмови, корици на музички албуми и на книжевни дела насловена „Ремиксувај ја културната стварност“, по што во Кино Култура следува „Брендирање на зелено Скопје“ каде ќе бидат изложени промотивни производи со графички решенија на тема „Зелено Скопје“ од македонски дизајнери и илустратори. Во 21 часот ќе започне музичката програма со звучно-визуелната инсталација на пијанистката Дуња Иванова - „Зелено во етерот за зелено Скопје“, за да настаните од првата вечер кулминираат со промоцијата на мини-албумот „Re:Cycled“ на Роботек.

Во сабота Програмата за деца стартува со „Млади и зелени“ на Колектив Ветерница, потоа следува работилницата „Пишуваме, цртаме, патуваме: Сакаме зелено Скопје“ со писателката Билјана Црвенковска, па „Изгубениот пердув“ со Маре Трајковска и Каролина Николова и некаде во 16 часот Креативното цртање на лица на деца со „Пеперутка“.

Во Младински културен центар во попладневните часови и се некаде до 21 часот ќе се одвива Изложба на нови прототип-производи и услуги во сферата на креативните индустрии со претставување на авторите, во Паркот ќе следуваат Екологиите на градот, за да потем во рамките на програмата за архитектура биде сторено предавањето на проф. Никола Руси од Италија кој ќе претстави своите „Климатски агенти“.

Тука се и филмовите од Факултетот за драмски уметности што ќе бидат прикажани со наслов „Градот убав“, претставата „како се прави човек“ на Хана Миленковска во продукција на Театар на Навигаторот Цветко и конечно сетот на популарниот Afriqua или Адам Логман Паркер од Берлин, со локална подршка од Мирко Попов.

Неделата ќе започне со Кино утро и филмовите од архивата на „Вардар филм“ од периодот 1948-1986, по што ќе биде реализиран проектот „Редефинирај ја својата реалност“, всушност презентациите и работилниците за иновации каде што се спојува креативноста со технологијата, интернет-технологијата и активизмот. По 20 часот ќе оди „Кино под ѕвездите“ со вториот дел од селекцијата, за да „Скопје Креатива 2019“ кулминира со „Ехо од далечното минато“ каде за изборот музика ќе се погрижат Hyper Tech и Ненад Стефановски – Брус.

Кон ова само уште и информацијата дека како партнери и соработници на Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата и на Фестивалот се јавуваат Кино Култура, МКЦ, Театар на Навигаторот Цветко, ПМГ Рекордингс, Колектив Ветерница, Аксиома - асоцијација за културна соработка и истражување, издавачка куќа Бегемот, МакеДокс, Вардар филм, Архитектонски факултет - Скопје, Шумарски факултет - Скопје, ЈП Паркови и зеленило, Општина Центар, Државен студентски центар „Скопје“ и Фонд за иновации и технолошки развој.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG