Достапни линкови

„Скопје Креатива 2017“ или генерирање на предизвици


Прес-конфренција за „Скопје Креатива 2017“
Прес-конфренција за „Скопје Креатива 2017“

Преку триесеттина настани во три деноноќија, изложби, проекти, работилници, предавања, промоции и проекции, концерти и диџеј-сетови ја чинат срцевината на шестото издание на фестивалот за креативни индустрии „Скопје Креатива 2017“, кој под мотото „Креирај и кокреирај“ (Do Create! Co Create!), во организација на Конгресниот центар „Александар Македонски“ и под покровителство на Град Скопје, ќе се одржи од 4 до 6 мај во Младински културен центар.

Со идеја да се спојат сите креативни потенцијали што може да ги има едно општество со економијата и бизнис секторот, на Скопје по шести пат ќе му се случи Фестивалот за креативни индустрии. А, „Скопје Креатива“, манифестацијата што овојпат ќе се одвива под мотото „Креирај и кокреирај“ (Do Create! Co Create!), стартува со досега најголем број на пријавени учесници и со бројни проекти за кои се очекува да го разбудат вниманието на сите оние чии погледи фрлаат малку подалеку од локалново турбоидно-политичко буниште.

Од таму, само во првиот час по официјалниот почеток, едно по друго на различни локации во Младински културен центар, изложба на прототипи, поп-ап изложби, проекти како „Виртоскоп“ на Газменд Ајруловски (виртуелна реалност), „Тактилис“ (моден дизајн), „Македонска мушичка“ (брендирање), „Мириса на дожд“, промоции на фото-книгата „Разгледници од Македонија“, аудио-книгата „Играчките на д-р Бре“, стрипот „Црната аурора“... И, конечно за заокружување на позитивните вибрации, на отворената сцена концерт на IMAGINARY FOLKLORE/PORCHE NE TRIO - „космополитска мешавина на три силни музички фигури од Аргентина, Италија и од Македонија“.

Позајмувајќи идиоми и форми од џезот, етиопската и музиката на Гана, традиционална и современа класика, балканската и јужно-американската музика – музиката на IMAGINARY FOLKLORE, како што е забележано, ја претставува трансферзалата меѓу континентите, културите и луѓето ширум светот. Сево ова е вклучено во нивната интеракција, оригиналните композиции и аранжмани. Во тајфата се Лео Џеновезе (пијано, електроника, саксофон, ударни инструменти и вокали), Франческо Марокочи (контрабас, ударни инструменти и вокали) и нашиот Александар Петров (перкусионист и некогашен водач на иновативниот БАЦЕ КВАРТЕТ).

В петок, пак, случувањата ќе започнат со детската работилница „Креативно Скопје – Градот на иднината“. По неа следуваат средбите со Марија Ветеровска и онаа со Теодор Лихо од Бугарија, а во Џебно кино е предвидено да одат театарска претстава и проекции на Катедрата за филм. Од 17 часот ќе бидат реализирани предавањата на Дорина Арапи од Албанија и Микхал Пјерниковски од Полска, кој патем ќе се обиде да го претстави Фестивалот за дизајн во Лоџ. Во даденото опкружување е перформансот „Јас и ти“ на ДАСТА и интерактивната работилница „Пикселизација“, за да денот биде заокружен со сетот на диџејката Ивана Низам.

В сабота воведот е именуван како „Мириса на дожд“ и претпоставува работилница за изработка на мантили за дожд. По него е предвидено одржувањето на шестчасовниот Фестивалскиот форум во чии рамки треба да се обистинат предавањето на Франк Циренберг од Германија, уште една работилница – онаа за Стоп анимација, па настанот „Розалии“ и презентацијата на проектот „Природата не повикува“. За издвојување се и проектот Уметноста на кукленото мајсторство со Изабела Новотни и посебно разработката на темата „Креативни индустрии – спектар на можности или затворен круг на идеи?“ каде гости ќе бидат дизајнерката Гордана Вренцовска и архитектот Мишко Ралев. Конечно, завесата на „Скопје Креатива 2017“ ќе биде спуштена со музичкиот одбир на диџејката Виолета Качакова.

„Креативните индустрии се општествен капацитет, тинк-тенк на идеи кои секогаш е релевантен двигател на градот, но во исто време и катализатор кој отвара многу полиња на комуникација со светот. Од тука и идејата за овогодишната тема на Фестивалот „Скопје Креатива 2017“ - „Креирај и кокреирај“ што се поставува пред граѓаните воедно треба да генерира предизвици, да создаде нови и свежи методолошки пристапи кон самиот процес на таа соработка“, вели Иван Мирковски, кураторот на манифестацијата.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG