Достапни линкови

Соња Ставрова со „Цензура“ во Национална галерија


„Цензура“ е насловена првата самостојна изложба на фотографии на Соња Ставрова, што на 6 и 7 мај ќе се одржи во Мала станица во Национална галерија на Македонија. Станува збор за поставка која е дел од нејзиниот магистерски труд кој се бави со човековото право за слобода на говор.

Осум фотографии ја чинат првата самостојна изложба „Цензура“ на младата Соња Ставрова што на 6 и 7 мај ќе се одржи во изложбениот простор Мала станица на Националната галерија на Македонија. Станува збор за поставка која е дел од нејзиниот опсежен магистерски труд кој се бави со човековото право за слобода на говор и изразување мислење.

И по ова информација, збор два за авторката. Родена 1992 година, Соња Ставрова е студент на магистерски студии, на катедрата по фотографија на факултетот за Аудиовизуелни уметности ЕФТА, во класата на проф. М-р Роберт Јанкуловски и доцент М-р Елена Бојаџиева. Таа дипломирала на правниот факултет „Јустинијан Први” во Скопје, а во своето уметничко творештво фотографијата ја користи како медиум преку кој истражува општествени теми и актуелни глобални и локални случувања. Од таму како најчест израз ја користи концептуалната фотографија и симболизмот.

Инаку, минатата 2018 година Ставрова го освои второто место во категорија акт на Интернационалниот фестивал за фотографија во Ровињ, Хрватска, а нејзините фотографии досега биле прикажувани на повеќе групни изложби како неодамнешната F8 (Скопје 2019), „Идентитет“ (Дортмунд, Германија 2018), Фото Софија 13 (Загреб, 2018), на два пати на „Млади ликовни уметници од Кавадарци и нивните гости“ ( 2014 и 2017), „Скопје Креатива“ (2017), „Времеграфии“ (Скопје, 2017), „Теми од мојата земја Македонија“ (Скопје, 2018), „Влажен колодиумски процес“ (Скопје, 2018), „Фотон“ (Кавадарци, 2013)...и други.

И, кога ова е веќе познато да се вратиме на актуелната поставка. Во каталогот за „Цензура“ ќе биде забележано: Фундаменталното човеково право слобода на говор и изразување мислење има суштинска улога во остварување и заштита на другите права. Слободата на говор e инхерентно човеково право јавно да се искаже своето мислење без страв од цензура или казна. Сепак, степенот до кој во практика се гарантира ова право, варира во голема мера од една нација во друга.
Цензурата како забрана и стега отвара простор за творење кој постојано пркоси на контролата. Секое излегување надвор од границите нè носи во полето на креативноста каде се создаваат нови дела кои стремат кон нивна валоризација. Говорот на омраза и стигматизација коишто ги туркаат жртвите на маргините, во исто време им даваат крилја кои се широко раширени во уметничката творба. Ракмите на фотографијата стануваат нивно ново ограничување, а во истовреме нивни влез во видливоста. Сведоштвото за присуството на цензорот отвара нови хоризонти и дава сила за излез од неслободата. Без цензура борбата за слобода е завршена.

Од друга страна, прашана за тоа од каде идејата, потребата да се бави токму со цензурата Соња Ставрова знае да каже дека едноставно затоа што станува збор за вечно актуелна тема. Таа појаснува дека цензурата со легислативата е забранета, но во реалноста сме сведоци дека е сè по присутна. Дека всушност самите во денешницата се соочуваме со различни форми на цензура.

„Почнувајќи од односот родител-дете кадешто се случува децата да бидат замолчувани, па се до моментот на зрелата сексуалност, постојат одредено прифатливи граници на однесување кои доколку се преминат следува стигматизација. Излегувањето од рамките на цензурата ни дава целосна слобода и мене целта ми е да им укажам на засегнатите никогаш да не престануваат да се борат. Затоа сметам дека ние уметниците нашите очи никогаш не смееме да ги затвориме пред стварноста. Не можеме да ги решиме проблемите, но можеме директно да алудираме на конкретниот проблем. Во овој труд сакам да и дадам пошироко и потесно значење на цензурата и да ја објаснам како глобална тема од светски размери, но и како сегмент на нашето секојдневие“, вели Ставрова.

Соња и со дополна дека со компаративна анализа со застапеноста на цензурата кај нас и во светот таа ќе се обиде да го прикаже демократскиот капацитет на општеството. Дека тргнувајќи од појавата на цензурата па се до нејзината имплементација во сајбер просторот и како различните форми на цензура и неподготвеноста да се даде простор за добра критика ќе бидат во фокусот на нејзиното истражување.

„Сакам да го поентирам заедничкиот проблем, неговото рефлектирање на маргинализираните групи, фокусирањето кон себе си и правото на слобода на говор како крајна цел“, смета уметничката.

Прашана како тоа еден правник посегна и се најде во фотографската уметност, таа со одговор дека фотографијата од секогаш била нејзината голема љубов. Во натамошното појаснување ќе рече дека поради одредени приватни околности најнапред дипломирала право, за да потем се реши магистерските студии да и бидат од областа на уметноста, на фотографијата и започне со целото свое битие и љубов да го работи она што навистина го сака. Конечно и да ги спои знаењето од правото со уметничкиот порив.

„Правниот факултет ми помогна во отварање на видиците и во суштината на структурата на едно општество, а фотографијата ми е вечна пасија и преку неа ги објаснувам сите работи што ги знам од правниот факултет. Затоа и во иднина би продолжила со истражување на глобалните општествени теми и темите кои директно влијаат на младиот човек. Овие теми за мене се постојан извор на мотивација бидејќи тоа што нам ни се случува најблиску, најисцрпно и суштински можеме да го прикажеме во нашите дела. Во она што ние младите го твориме“, вели Соња Ставрова.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG