Достапни линкови

„Црн петел, црвена кокошка“ го разбуди вниманието на хрватската културна јавност


Од 7 февруари до 7 април, во Етнографскиот музеј во Загреб, се одржува изложбата „Црн петел, црвена кокошка: култови на плодноста, обреди, обичаи и верувања“, која ја подготви Музејот на Македонија во соработка со Археолошкиот музеј од Скопје.

Оваа изложба нуди увид во различните видови на археолошкото и етнолошкото македонско културно наследство од праисторијата до денес, кои содржат елементи на телесното и сексуалноста, а со тоа и на плодноста, пишува tportal.hr.

Многу интересна и „откачена“ гостувачка изложба од Музејот на Македонија, чиешто отворање во Етнографскиот музеј привлече голем број заинтересирани посетители и гости“ дополнува сајтот turistplus.hr, со забелешка дека „изложбата е со назнака „содржина што не е дозволена за помлади од 15 години“.

Ова се само исечоци од позитивните одгласи во хрватските медиуми за изложбата „Црн петел, црвена кокошка: култови на плодноста, обреди, обичаи и верувања“, која ја подготви Музејот на Македонија во соработка со Археолошкиот музеј од Скопје, и која од 7 февруари до 7 април, се одржува во Етнографскиот музеј во Загреб.

„Изложбата „Црн петел, црвена кокошка“ предизвика голем интерес кај хрватската публика. И не само кај публиката, туку и кај нашите колеги и посебно медиумите. Ние гостувавме и на тамошната национална телевизија, неколку портали и дневни весници веќе ги објавија и првичните информации и осврти за поставката. Инаку, оваа изложба е дел од една долгогодишна, да не речам децениска соработка помеѓу Музејот на Македонија и Етнографскиот музеј во Загреб. Минатата година тие ни гостуваа со еден свој исто така голем и исклучителен проект за животните и луѓето, така што на почетокот на оваа година ние возвративме со нашата изложба“, вели Јован Шурбановски, авторот на проектот „Црн петел, црвена кокошка“.

Тој дополнува дека е убаво што оваа изложба е прва која се случува во нивниот Етнографски музеј кој ја слави 100-годишнина од основањето, така што токму на плакатот за поставката од нашава земја е аплицирано новото лого специјално дизајнирано за јубилејот.

Шурбановски и со забелешка дека ова е единствениот начин на кој нашето културно наследство може да се валоризира. Токму преку сериозни институции кои тоа го прават на вистинскиот начин. Згора на тоа ќе рече дека оваа изложба, со поддршка на Министерството за култура, оваа година, ќе се претстави и во Етнографскиот музеј во Љубљана и уште во неколку сродни во регионот.

„Се надевам дека ќе возвратиме и на поканите од Белград и Софија кои исто така ја очекуваат „Црн петел, црвена кокошка“ во своите изложбени простори. И ќе повторам: само преку сериозни институции домаќини ние можеме онака како што треба да го претставиме нашето културно наследство“, смета Јован Шурбановски.

Инаку, „Црн петел, црвена кокошка“ како проект презентира еден мал дел од култовите на плодноста кои се практикувале на територијата на Македонија од предисторијата до денес.

Култовите и обредите на плодност се претставени преку разни форми на предмети, на женски фигурини од предисторијата (антропоморфни и зооморфни жртвеници), опрема од обичаите под маски, велигденски јајца и делови од женската народна носија. Плодноста во најтесна смисла се поврзува со опстанокот на човештвото, но и со внесување на елементи на еротика во секојдневниот живот на луѓето (лампи и садови со еротски сцени и претстави во антиката).

Таа еротика на некој начин низ вековите се пренесувала и преку усното народно творештво со песни, приказни, поговорки и гатанки, како еден вид на вербална магија, со цел да иницираат плодност и кај човекот и кај природата.

Обичаите под маски кои го одбележуваат крајот на зимата и возобновувањето на природата, се полни со симболични ритуални дејствија кои треба да обезбедат плодност на луѓето, стоката и посевите. Овие архаични обичаи во изложбата ги презентираме преку фотографии и документарните филмови Џоломари и Говедар Камен. Жените во Македонија и денес активно посетуваат култни и свети места – манастири, цркви, турбиња, води, камења, дрва и друго, вршејќи разни обреди поврзани со плодноста.

Она што има посебен белег во оваа изложба е начинот на кој култот на плодноста бил вткаен во облеката која луѓето ја носеле во 19 и 20 век. Македонската женска носија како целина, но и поединечните делови и украси ја презентирале биолошка спремност на жената за репродукција. Таа воедно била и силен симболичен агенс за поттикнување на плодноста, но и магиски заштитник од невидливите зли сили кои можеле на жената да ѝ ја одземат способноста да раѓа.

Ваквиот начин на презентирање на разнородни предмети и визуелни материјали, кои се разликуваат како типолошки така и хронолошки, укажува на уникатноста на оваа изложба. Интересен е нивнот спој, и начинот на кој тие се надополнуваат и воедно се дообјаснуваат.

Коавтори на изложбата се Јасемин Назим, Александра Папазовска и Владимир Боцев, кустос Гордана Виљетиќ, а за дизајнот бил задолжен Јован Ивановски. Визуелниот идентитет е дело на New Moment New Ideas Company Skopje, а за дизајнот на каталог и информативните панели бил задолжен Леон Џинго.

Кон ова уште и информацијата дека автори на текстовите покрај Назин, Папазовска и Боцев, се и Ирена Настева Колиштркоска, Елизабета Конеска, Илина Јакимовска, Гоце Наумов и Сања Димовска.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG