Достапни линкови

„Во моите чевли“ или разбивање на стереотипите за поимот убавина


Во „Мала станица“ во Скопје, в сабота, на 17 ноември во 19 часот, како заокружена фаза од проектот „Во моите чевли“, ќе биде отворена изложба на модни фотографии чии модели се лица со посебни потреби. Проектот има за цел да ги разбие стереотипите околу поимањето на убавината.

Дваесеттина фотографии, насловната, по три од секој од учесниците во сесијата и неколку технички чиј автор е Елена Бојаџиева ја чинат изложбата каде како модели се јавуваат лица со посебни потреби и која, од 17 до 20 ноември, како завршна фаза од проектот „Во моите чевли“, ќе се одржи во Националната галерија на Македонија, во објектот „Мала станица“ во Скопје. Проектот, зад кој како автори простум застанаа модните дизајнерки Маја Ѓуреска и Антонија Гугинска Јорданова и специјалниот едукатор Росица Колева, има за цел да понуди практични решенија и да ги разбие стереотипите околу поимањето на убавината. Поточно да ги истражи потребите на лица со попрeчен вид, церебрална парализа и Даунов синдром, при процесот на селекција и купување на облека.

Говорејќи за идејата за проектот, Антонија Гугинска Јорданова знае да каже дека заедно со Маја Ѓуреска работеле неколку проекти за инклузија вклучувајќи лица со попречен вид. Со стекнатите искуства почувствувале дека би можеле да појдат и понатаму, односно „да поработат и да влезат во чевлите“ на лицата со целебрална парализа и на лицата со Даунов синдром.

Истражувајќи и дружејќи се со нив, тие пробале да изнајдат начин како да им помогнат.

Од снимањето на фотографиите​
Од снимањето на фотографиите​

Главната идеја била предизвиците со коишто се соочуваат овие лица во процесот на селекција, купување, користење на облеката, времето кое им е потребно да се облечат и подготват наутро, помошта која им е неопходна при селекцијата, информациите при одржувањето, декларациите коишто за нас се многу јасни, читки и видливи, но за лицата со попречен вид и тоа како се од голема важност, сето тоа да се обидат да им го олеснат.

„Ние знаеме дека инклузијата кај нас во Македонија е започната, но колку всушност е навистина започната и влезена во секој дел од живеењето? Дали сме свесни дека овие луѓе реално не можат да излезат од своите домови? А сакаат. Сакаат да купуваат облека, но немаат начин како. Нема, на пример, прилагодени гардероби за лицата со помагала, со колички. А надвор од тоа, она што е важно за нас, таа адаптибилна облека кај нас воопшто и не постои“, вели Антонија.

Таа појаснува дека овие луѓе кога ќе купат едно парче облека мора сами да го корегираат, односно да го однесат на шнајдер што е дополнителен трошок за нив.

„Сакавме да тргнеме од таму да ги освестиме и дизајнерите и фабриките коишто работат со текстил дека овие луѓе се овдека, постојат и ги има многу, за жал. Некако да се здружат дизајнери, фабрики и да изнајдеме заеднички начин да битуваат исто како ние. Нормално да живеат и да си го поминуваат денот. Наместо ние да се адаптираме на нив, тие цел живот се адаптираат на нас што е ужасно погрешно и тешко за овој тип на луѓе“, смета дизајнерката.

Гугинска Јорданова и со дополна дека проектот „Во моите чевли“ не завршува со оваа изложба. Напротив. Истакнува дека во блиска иднина тие ќе се зафатат со нови проекти, односно во случајов веќе со изведба на адаптибилна облека. На помагала кои и тоа како ќе им бидат драгоцени на овие лица. Изработка на големи копчиња и патенти и посебно на обувки, бидејќи „тие им се еден од главните проблеми особено на лицата со целебрална парализа“.

„Македонија порано имаше одлични фабрики за чевли. Значи сè уште имаме кондураџии кои сè уште можат да работат. Но, да видиме, да го направиме и тој процес и за производителите и за самите клиенти да биде подостапен. Пред сè удобен, бидејќи удобноста, ергономноста им е најважниот фактор на нив. А, ние освен тоа гледаме таа удобност да има и естетика. Овие луѓе да можат да се пронајдат и да си изградат свој сопствен стил“, ќе рече Антонија, една од авторките на проектот „Во моите чевли“.

Конечно, тие како негови потписнички се исклучително благодарни на професионалноста на учесниците во него. Луѓето како Јулијана Петковска, Никола Колев, Ема Ананиевска, Игор Петров и Искра Донева. Во приказната не мала е и улогата на соработниците и поддржувачите какао Fashion Group – Скопје, Музеј на современа уметност, фотографката Елена Бојаџиева, Мартина Димовска која се грижела за комуникациите, актерот Гораст Цветковски, Ирена Сенокозлиоска (шминка), Јована Соколоски (фризура) и други.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG