Скопје понекогаш знае да блесне со сиот свој градски шарм. Да биде вистинска урбана метропола. Налик на сите кои држат до себе. Глобално. И, за чудо, не цело деноноќие по триумфот на паланечката турбо-забава во Центарот која ни помалку ни повеќе на виделина ја вади сета наша духовна беда постојано и упорно пумпана од политиката и бизнис интересите на малкумина моќници во државата на кои ништо не им остана свето.
Но, да се вратиме на убавината и потребата да се стори чекор-два погоре во однос на една поинаква комуникација со светот. Преку уметноста која ѕидала и ѕида мостови на пријателство, на солидарност. Која најдиректно не потсетува дека никогаш не треба да заборавиме оти токму Скопје е „Град на солидарноста“. Еднаш и засекогаш.
А, дека впрочем е тоа така ретко светол пример е и изложбата „Скопје одново“ на која, од 18 ноември и се до 18 февруари идната година, посетителите во Музеј на современа уметност ќе имаат можност да погледнат преку 100 дела од Меѓународната колекција на оваа наша институција со посебен фокус на американските уметници.
Поставката е резултат на соработката помеѓу МСУ – Скопје и Амбасадата на САД во земјава, а кураторки на проектот се Ана Кац од Музејот за модерна уметност во Њујорк – МоМА и нашата Кумјана Новакова. И уште нешто посебно значајно, покрај делата претставена е и архивата поврзана со процесот на креирање на колекцијата и кореспонденцијата со авторите на делата. Така, за првпат, на оваа изложба во Музејот на современа уметност - Скопје може да се види и дел од личната преписка со автори како: Александер Калдер, Џаспер Џонс, Шила Хикс, Алекс Кац, Јон Григореску, Сол ЛеВит, Вифредо Лам, Мина Ситрон, Џеф Расел, Бриџит Рајли... и така со ред.
И додека сме тука, чисто како потсетување „Скопје, одново“ ја обработува најголемата меѓународна акција на солидарност во уметноста организирана во октомври 1963 од Меѓународната асоцијација на пластични уметности, паралелно со глобалната кампања за реконструкција на Градот, после катастрофалниот земјотрес во јули 1963 година. Со подароците од автори од цел свет, Музејот на современа уметност - Скопје станува дом на единствена и исклучителна колекција на современа уметност во земјава. Најголем дел од делата ги потпишуваат водечки уметници на глобалната современа сцена во двете децении после Земјотресот, што води и до основањето на МСУ во 1964 година. Полската влада во тоа време финансира тим на прогресивни млади архитекти, кои во 1970 година го градат објектот, кој денес е постојан дом за музејот.
Во таква една атмосфера на транс национална соработка и ентузијазам, преставена во извештајот на ООН од 1966 година под наслов „Скопје воскреснува“ (Skopje, Resurgent), Музејот на современа уметност развива и разновидна програма на изложби, меѓународни соработки и партнерства. Затоа и „Скопје, одново“ посега и по дел од архивскиот материјал кој сведочи за оваа важна позиција на МСУ во тоа време. Од таму и констатацијата дека „со поттикнување на исклучителна отвореност и колаборативно работење, колекцијата и програмата на МСУ Скопје во 1960-те, 1970-те и 1980-те сведочи за едно радикално космополитско, транснационално наследство на социјалистичка југоисточна Европа“.
И, кога ова веќе се знае нималку не чуди кога Мира Гаќина, директор на МСУ Скопје, на чинот на отворање на изложбата пред бројната публика ќе рече:
„Вечерва во Скопје отвораме изложба која е специфична по повеќе основи. Овој пат имаме гостин куратор, а изложбата е подготвена од мешан кураторски тим, односно кураторката Ана Кац од њујоршка МоМА и Кумјана Новакова од МСУ Скопје. За првпат изложуваме некои дела од колекцијата, бидејќи кураторките со поставката даваат ново читање на познати, но и помалку познати дела од нашата вредна колекција, а овој пат и преку изложување на документи и друг архивски материјал дадена е интегрирана информација за почетоците, за големиот ентузијазам во основачките години на музејот. Американската амбасада препозна вреден проект во „Скопје, одново“ за што сме им многу благодарни, нивната помош беше голема и искрена и нѐ охрабрува да размислуваме за нејзино претставување и надвор од нашата држава. Оваа изложба беше најавена и во списанието „Арт Форум“, а работиме на тоа да ја претставиме и пред американската публика.“
А, Кејт Мари Брнз, амбасадор на САД во Република Северна Македонија, откако ќе им оддаде признание на Гаќина, Новакова, Катс и останатите соработници кои идејата ја преточиле во реалност, истакнува дека за неа е привилегија да биде на отворањето на изложбата „Скопје одново“ која ги симболизира длабоките врски помеѓу двете земји.
„Земјотресот што го погоди Скопје беше една од првите природни катастрофи што беше широко покриена на телевизија. Оваа изложба, „Скопје одново“, не потсетува како ваквите трагедии, иако исполнети со тага и болка , можат да сплотат и да не потсетат на нашата заедничка хуманост. Преку ова сплотување – на некој начин и големо и мало – на речиси 80 земји од целиот свет, Скопје го доби признанието „Град на меѓународната солидарност“. Уметноста која придонесе во рехабилитацијата на градот, како зградите кои се изградија да ги заменат 75 проценти од рушевините останаа како тестамент не само за нашите блиски врски туку исто така и за издржливоста и силниот оптимизам на вашиот народ, кој и помогна на земјата во тешки времиња со цел за посветло утре“, ќе рече Кејт Мари Брнз.
А, во пресрет на отворањето на изложбата Кумјана Новакова забележува дека се работи за поставка која ја следи историјата на меѓународно значајната колекција на Музејот на современа уметност со фокус на американските авторки и автори. За изложба која за прв пат ќе стави акцент како на делата, така и на архивата што Музејот ги поседува – документи од преписката, скици, но и методологијата на работа на кураторите која зборува за традицијата што ја има и згора го отсликува денешниот начин на работа.
Инаку, Новакова и Ана Кац се запознале лани, кога модернистичкото наследство од територијата на поранешна Југославија беше претставено во МоМА, на изложбата „Кон бетонската утопија: Архитектурата во Југославија 1948-1980“. Дел од поставката беа оригиналната макета од конкурсниот проект за градскиот центар на Скопје на Кензо Танге, како и бројни оригинални цртежи и дел од проектната документација на Градскиот архив и Студентскиот дом „Гоце Делчев“ на архитектот Георги Константиновски, Телекомуникацискиот центар на Јанко Константинов, Управата за хидрометеоролошки работи на Крсто Тодоровски, Музејот на Македонија на Мимоза Несторова-Томиќ и Кирил Муратовски.
Кац истакнува дека на Универзитетот Колумбија студирала историја на уметност и словенски јазици и литератури, со посебен фокус на јужнословенските јазици. Може да чита на македонски, во голем дел и разбира, но не се осмелува да го говори. Првпат го посетила Скопје додека работела на истражувањето на МоМА и еве ја сега малку подолго во градот. Во Македонија. Со истражувачка страст и желба своите потраги да и ги прикаже и на американската публика.
„Она што посебно ме заинтригира се меѓународните врски што Скопје како град ги креира после земјотресот и се поврзува со меѓународната сцена. Тоа посебно се рефлектира на сцената на уметноста и архитектурата и на некој начин тој период зборува за значењето на Скопје како еден од многуте интернационални центри. Истиот принцип се рефлектира и на колекцијата на Музејот на современа уметност, еден посебен пример во којшто најзначајните уметници почнувајќи од 1960-те и во наредните две децении се на едно место и од денешна перспектива навистина е неверојатно да се замисли воопшто таков еден гест на солидарност и на заедништво од уметничкиот свет во случај на било каква катастрофа од тој тип како што се случило во Скопје, а такви катастрофи денес има многу и за тоа сите знаеме“, вели Ана Кац.
Кон ова само уште и информацијата дека „Скопје, одново“ ќе понуди и отворена јавна програма која преку филмски проекции, работилници, предавања и водење низ изложбата ќе ги претстави и различните аспекти на изложените дела и архиви.
Јавната програма се развива во соработка со Кара Мејнс (кураторка во Музејот за модерна уметност во Њу Јорк – МоМА), програмата за уметничка критика со Кет Хариман (новинарка од САД која пишува за медиуми како Vice, Cultured), визуелниот идентитет и графички дизајн е на Елена Диновска Зарапчиев, а дизајнот на изложбата е на Ана Ивановска, Јован Ивановски и Владимир Десков.