Нелојалната конкуренција,сивата економија и пречестото менување на законските регулативи, подобрување на даночната регулатива, инспекцискиот надзор, јавните набавки се најчестите причините поради кои дел од домашните бизнисмени сметаат дека бизнис климата во земјава е влошена во однос на претходно. Последното истражување на УСАИД преку кое секоја година компаниите кажуваат што им пречи во работењето, а каде има подобрување, потврдува дека речиси 40 проценти од домашните бизнисмени го мислат истото. За 36 отсто нема промени во деловното опкружување, додека само 13 проценти од испитаните сметаат дека деловната клима е подобрена.
Славчо Јорданов е сопственик на компанија за прехранбени производи од Неготино. Она на што тој укажува е потребата од државна помош за модернизација на домашните компании и решителна борба против нелојалната конкуренција.
„Ние имаме најголем проблем со нелојалната конкуренција од странство. Бидејќи сме членки на ЦЕФТА, имаме голема конкуренција во однос на производите од земјите членки на ЦЕФТА. Тие си имаат некои повластувања во своите матични земји, увезуваат некои суровини со мала царина, а кај нас за некои работи има и до 50 посто царина и кажете ми сега како ние да излеземе на крај кога имаат нула царина, а се присутни на домашниот пазар“, вели Јорданов.
Тој сепак укажува дека проблем во работењето им претставува и честото менување на законите.
„Во секој случај пречестото менување на законската регулатива не е баш нешто што е добро за бизнис климата, бидејќи додека се прилагодиме на едно, во меѓувреме се менува друго, иако овој тренд се намалува“, вели Јорданов.
Дрилон Исени, извршен директор на Сојузот на Стопански комори на Северозападна Македонија, вели дека ова истражување треба сериозно да се сфати и да се искористи како насоки за подобрување на деловната клима.
„Генерално, резултатите покажуваат дека треба да се работи на подобрување на регулативата за даноците, инспекцискиот надзор, јавните набавки, работните односи и борбата против сивата економија. Ако се гледаат бројките, ние тапкаме во место, нема некое подобрување, ситуацијата е статус кво“, вели Исени.
Од друга страна анкетата во која се опфатени 596 компании, покажала дека довербата во коморите е зголемена и во делот на вклучување во изготвување на законската регулатива.
„Но, проблемот во нашата држава како и секогаш не е во тоа како се пишуваат законите туку во нивната примена. На пример еден факт кој е интересен да се спомене е дека за инспекцискиот надзор сега се гледа дека имаме подобрување во делот на опомена пред казнување на бизнисите. Но, од друга страна над 47 посто од компаниите се казнуваат директно без опомена. Исто така во делот на примената на законите се уште се инсистира од страна на инспекциските служби да се најде некоја грешка или пропуст со цел да се казнуваат“, вели Исени.
И додека власта постојано повторува дека уште на стартот на нивниот мандат за сите прашања ги вклучуваат стопанските комори, Исени вели дека досегашното искуство од функционирањето на платформата Јавно-приватен дијалог кој четирите најголеми стопански комори и Владата го потпишаа, покажало дека поголемиот дел од барањата на бизнис фелата не се прифатени од страна на надлежните.