Достапни линкови

Инспекции, даноци, казни: силен притисок врз малите бизниси?


Илустративна фотографија.
Илустративна фотографија.

Инспекциите и високите казни прават голем притисок врз малите бизниси во земјава, сметаат бизнисмени. Истражувањата покажуваат дека инспекторите често се однесуваат непрофесионално кон претприемачите и инсистираат да им напишат казни. Какви се условите за започнување и водење мал бизнис?

Малите компании сметаат дека климата за водење бизнис во земјава е полоша споредбено со другите земји во регионот, за разлика од поголемите кои имаат подобра перцепција, покажуваат истражувања. Според анкетите, само мал дел од компаниите сметаат дека бизнис климата во Македонија е подобра во споредба со другите земји од Западен Балкан.

Оној што ќе одлучи да започне сопствен бизнис ќе се соочи со проблеми како, сива економија, корупција, несоодветна култура на плаќања, високи даноци и селективно спроведување на закони. Ова, според бизнисмени со кои разговаравме, се само дел од проблемите на малите компании во земјава.

Валентина Десоска е сопственичка на компанија за развој и имплементација на софтвер, мултимедија и маркетинг и е дел од Асоцијацијата на бизнис жени во Македонија.

Таа во 2000 година прв пат формирала своја компанија која згаснува во 2010 година, но две години подоцна стартува нова фирма која работи и денес.

Претприемништвото не нуди сигурност

Според Десоска, образованието во Македонија не нуди запознавање со бизнисот и затоа младите повеќе одлучуваат да заминат во странство или да се вработат во државна институиција, каде чувствуваат поголема сигурност, отколку да стартуваат сопствен бизнис.

Таа објаснува дека повеќето претприемачи не знаат како точно се води бизнис, бидејќи не ги познаваат нивните права и обврски, но посочува и дека условите за развој на мало и средно претприемништво никогаш нема да бидат доволно добри додека не се среди начинот на плаќање и културата на исплата на долговите. Дополнителен проблематичен фактор, вели таа, е тоа што банките тешко одобруваат кредити на микро и мали фирми.

„Сметам дека најголем проблем зошто младите бараат прво вработување да им биде во институција или во банка, како што е очигледно според истражувањата, е затоа што тие нудат поголема сигурност. Во нашата држава претприемништвото се уште не стигнало да биде во фаза каде што ќе нуди сигурност и едно здраво, разумно живеење на една компанија, а понатаму и на фамилија и на целото општество. Токму тука го гледам главниот проблем“, вели Десоска.

Критични точки за водење мал бизнис се и даноците кои, како што вели Десоска, се исти за малите и големите компании, но и дека казните за фирмите се многу големи и дека кај инспекциите нема култура прво да укажат дека постои проблем кој треба да се реши, па потоа да пишуваат казни.

„Инспекцијата врши многу голем притисок врз претприемништвото, затоа што стравот е многу голем, казните се многу големи“, вели Десоска.

Таа од друга страна посочува дека е добра помошта која ја нуди државата: на пример субвенции за вработувања од Агенцијата за вработување или грантовите од Фондот за иновации и Европската банка за обнова и развој.

Инспекторите инсистираат да напишат казни

Во истражувањето спроведено од најголемите стопански комори преку проект на УСАИД, институциите кои вршат најголем број инспекции се Управата за јавни приходи, Државниот инспекторат за труд и Пазарниот инспекторат.

Резултатите од проектот „Оцената на бизнис средината во Северна Македонија во 2018 година“, покажале дека 81 процент од анкетираните бизниси имале инспекциски надзор во изминатите пет години, а казнетите компании најчесто се соочиле со парични казни.

Бизнисмените рекле дека главни проблеми со инспекциите се тоа што инспекторите не се доволно подготвени и инсистираат да најдат неправилности при инспекциски надзор, но и дека често се однесувале непрофесионално.

Сепак, во истражувањето се забележува дека практиката на опомена наместо казна се зголемила во последните години, а најмалку инспекции влегле во микро компаниите.

Селективен однос на државата кон бизнисот

Миле Бошков од Бизнис конфедерацијата на Македонија вели дека земјата има добри услови за регистрирање на бизнисите и тоа не е никаква пречка, но како што вели, тоа е само почетокот.

Тој смета дека државата прави напори за помагање на малите бизниси преку субвенциите, но посочува дека се уште постои правна несигурност и често менување на регулативите.

„Примената, контролирањето и спроведувањето [на законите] може да биде објективно, а во повеќето случаи може да биде и селективно. И тоа чувство преовладува“, вели Бошков.

Тој додава дека суштински е тоа и што новоформираните компании често не знаат кого да таргетираат и да најдат целни групи, бидејќи немаат податоци од попис на населението.

Во меѓувреме, Владата најави Акциски план за отпочнување активности за спроведување на Националната стратегија за мали и средни претпријатија 2018-2023 година.

Исто така има повици за кофинансирани грантови за поддршка на иновации, односно достапни 5 милиони евра микро, малите и средните претпријатија, како што соопштува Владата, со цел домашните компании да добијат поддршка од државата за развој на бизнисите со цел да станат поконкурентни на домашноиот и странските пазари.

Форбс ја рангира Македонија на 68 место од вкупно 161 земја, според условите за водење бизнис. Оценките се направени според 15 фактори: имотни права, иновации, даноци, технологија, корупција, инфраструктура, големина на пазарот, политички ризици, квалитет на живот, работна сила, слободи, бирократија и заштита на инвеститорите.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG