Достапни линкови

Само „привилегирани“ можат да одгледуваат канабис


Стикер со лист од канабис на зелено светло од семафор како симбол за легализација на билката.
Стикер со лист од канабис на зелено светло од семафор како симбол за легализација на билката.

Не секој може да започне бизнис за одгледување на медицински канабис во Македонија. За тоа се потребни многу пари, а од друга страна уживателите се уште ќе бидат на удар на законот со оглед дека владата засега не разгледува декриминализација на употреба во рекреативни цели.

Не постои разлика меѓу термините канабис и марихуана. Тоа е билката што ја содржи псиохо-активната состојка ТХЦ (тетрахидроканабинол) која ги прави луѓето „хај“, но во последните децении забрзано се зголемува нејзината употребата поради лековитете средства, особено во фармацијата и медицината.

​Легализацијата и декриминализацијата на канабисот во моментов се главните прашања во дебатите на светски рамки. Во Македонија, во 2016 година беа направени законски измени, со што беше овозможено приватни комании да добиваат лиценци за прозиводство на канабис за медициснки цели.

Ако си близок до власта (без разлика која) ќе добиеш лиценца?

Уште тогаш во јавноста се зборуваше дека законот е напишан со цел привилегирани компании блиски до претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ да добиваат лиценци за производство, но по смената на власта дебатата е насочана околу сомневања дека лиценци за одгледување добиваат лица блиски до премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев.

Такви тврдења деновиве изнесе сега опозициската ВМРО-ДПМНЕ која потоа беа деманитрани од Министерството за здравство.

Заев на вакви прашања одговараше и во Собранието, кога за инвестицијата на неговиот братучед Трајче Заев рече дека таа ќе достигне десетина милиони евра, бидејќи со закон „е дозволено да се произведува лек од канабис.“

Тој ги повикуваше и сите инвеститори кои имаат можност да инвестираат во овоаа дејност „зошто е профиталбилна“ и дека државата очекува нови работни места и прилив од 100 милиони евра.

Така, во рок од три години, 16 компании веќе се лиценцирани за производство на медицинско масло од канабис, според информациите кои ги добивме од Министерството за здравство.

„А во моментов има поднесено 23 барања за добивање одобрение за одгледување канабис за медицински цели“, велат од Министерството.

Активисти од здруженија за легализација и декриминализација на канабисот сметаат дека компаниите имаат големи бенефиции од лиценците за медицински канабис, укажувајќи дека на другата страна уживатели на канабис жестоко се гонети од државата.

Тие најавуваат иницијатива во Собранието за измена на Кривичниот законик со кои ќе се овозможи декриминализација на канабисот, по завршувањето на претседателските избори.

Јанаки Митровски е адвокат и еден од активистите кои велат дека им пречи тоа што во земјава оние кои имаат пари, влијание и политички врски можат да одгледуваат неограничен број на растенија и да се нарекуваат бизнисмени, а криминалци да бидат оние кои поради болест ќе се решат да засадат неколку стебла канабис за да направат масло.

„Сметаме дека оваа држава им даде многу бенефити и привилегии на правните лица и дека сега на ред се граѓаните“, вели Митровски.

Поодржувач во Британија држи транспарaрент промовирајќи употреба на канабис во медицински цели.
Поодржувач во Британија држи транспарaрент промовирајќи употреба на канабис во медицински цели.

Што вели законот во Македонија?

Одгледувањето на канабис во Македонија според законот е дозволено само за правни лица, кои тоа ќе го прават во медицински и научни цели. Тие прво треба да добијат лиценца од Министерството за здравство, по претходна согласност од Владата.

Според Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци, компанија може да добие лиценца доколку има обезбедено соодветен простор, површини или земјиште за одгледување, сушење и складирање. Канабис за медицински цели се сите надземни свежи или суви делови на растението, вклучително и семето.

Законодавецот предвидел дека просторот за одгледување канабис треба да биде атмосферски заштитен и ограден со ограда висока најмалку четири метри, како и да има обезбедено 24-часовен видео надзор над целиот простор и 24-часовно физичко обезбедување. Исто така, фирмата треба да им вработено најмалку четири лица од, кои едно да биде дипломиран фармацевт со најмалку три години работно искуство и едно да биде агроном со насока полјоделство и најмалку три години работно искуство.

„Критериумите за добивање на лиценца за одгледување на медицински канабис за правни ентитети во Република Македонија беа интенционално екстремно високи со намера да една од компаниите, домашна мега фармација, биде единствената или една меѓу ретките правни лица коишто ќе ги исполни превисоките критериуми“, вели Митровски зборувајќи за ситуацијата во законските измени во 2016.

Компанијата откако ќе поднесе барање за добивање на лиценца до Министерството за здравство, министерот формира посебна комисија составена од двајца претставници од Министерството за здравство, еден претставник од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, еден претставник од Агенцијата за лекови и медицински стедства и еден специјалист од областа на лековити растенија, која ги оценува исполнетите условите во однос на просторот, опремата и кадарот. Министерството за здравство во рок од 30 дена од денот на добиената согласност од Владата го издава одобрението за одгледување.

Митровски смета дека ваквите услови доведуваат до погрешни практики дури и по смената на извршната власт, која како што посочува го кртикуваше законот додека беше во опозција, бидејќи според него граѓаните немаат придобивкa од овие законски измени.

„Единствен ќар имаат оние со значителни средства, а тоа се над еден милион евра за да го започнат овој бизнис, па вероватно сте свесни колкумина граѓани ја имаат таа можност. Од 15 ентитети на пазарот имаме само еден или два несоодветни производи. Овие законски одредби им овозможуваат само привилегии на правните лица без да имаат никаква обврска и бидејќи Македонија е мал пазар од два милиона луѓе, нормално логиката налага дека сите се фокусирани исклучително на извозот“, вели Митровски.

Тој додава дека има инфорамции дека без знаење на пошироката јавност и граѓанските здруженија, власта подготвуваа нови законски измени кои ќе овозможат извезување и на канабисот во сурова форма, како и на одгледување на отворено, односно според таканаречената out door технологија што според него компаниите повеќекратно ќе го зголемат профитот.

​Употребата на марихуаната за рекреативни цели се уште не е декриминализирана во Македонија, но на социјалните мрежи деновиве беа коментирани инфорамции дека властите планираат законски измени кои тоа ќе го променат со тоа што истовремено ќе спроведат пилот проект за отворање на таканаречени „кофи шопови“ во Скопје, Струмица и Битола.

Од Владата велат дека станува збор за дезинформација и дека „не постојат владини анализи за легализирање на марихуаната за рекреативни цели.

„Владата останува на почитување на постоечката регулатива со која во земјава е дозволено производство на марихуана исклучиво во медицински цели“, велат за РСЕ од Владата.

Што е канабисот?

Изминативе децении во светот се изработени бројни научни трудови за одгледувањето и употребата на канабисот. Според познатите факти, канабисот е едно од ретките годишни растенија кое има два различни пола, односно растението може да порасне во машка или во женска сорта, но и во хермафродитска која ги има двата репродуктивни органи.

Постојат три видови на марихуана: Индика (cannabis indica) – која расте релативо ниско и широко, Сатива (cannabis sativa) - која расте виско и релативно потенко со повеќе истакнати листови и Рудералис (cannabis ruderalis) – која е помало растение кое најчесто се употребува за правење облека.

Сите видови марихуана имаат свои карактеристики, но најголемиот индикатор за нивната потенција е количината на ТХЦ, која е суштинска за смирувачките и лековитите квалитети. Марихуаната исто така содржи многу други природни хемикалии кои се нарекуваат канабиноиди како што е ЦБД (канабидиол) што исто така имаат влијание при нивната употреба.

За медицинската употреба на канабиноидите Светската здравствена организација наведува дека во повеќе научни студии е потврдено дека со нив може да се лекува ракот, сидата, астмата и глаукомот, а делува и како антидепресив или стимуланс за апетит, против болки, гадење, повраќање и друго.

За марихуаната наведени се ефекти кои можат и негативно да влијаат врз здравјето на луѓето. Канадската влада, која неодамна ја легализираше и рекреативната употреба на канабисот, информира дека меѓу другото тој може негативно да влијае доколку се употребува во рана возраст, но и дека во било која возраст може да влијае врз функциите на мозокот, како што се меморијата, вниманието и учењето.

Во Канада предупредуваат дека не треба да употребуваат канабис тие кои имаат предизпозиции или семејна историја на психички болести или проблематична употреба на супстанции.

Фармацевтската индустрија со децении ја користи марихуаната за производство на секакви видови лекови, текстилната индустрија прозиведува облека од конопот, од растението се произведуваат различни прехранбени и козметички производи, се проучува производство на био гориво. Сепак нејзината употреба се уште е забранета во многу земји во светот.

Кандско знаме со лист од марихуана.
Кандско знаме со лист од марихуана.

Што прават другите земји?

Повеќе од државате на САД, како и Германија, Италија, Холандија ја легализираа употребата на медициснки канабис. Долниот дом на канадскиот Парламент гласаше за легализација рекреативната употреба на канабисот, а Уругвај во 2013 година дозволи рекреативна употреба на канабисот, со што на луѓето им е дозволено да одгледуваат до шест растенија во својот дом за сопствена употреба.

Во Шпанија е дозволено употреба на канабис на приватни места и одгледување на растенија за сопствена употреба. Во Холандија, употребата на канабисот законски е забранета, но легално, односно декриминализирано е поседување до 5 грама за сопствена употреба во одредени локали. Исто така рекреативната употреба на канабисот е декриминализирана во неколку други земји, вклучително Австралија, Бразил, Колумбија, Јамајка и Луксембург.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG