Достапни линкови

Бизнисот на Заеви со канабис и спорот за гувернер


Неделникот Фокус пишува за бизнисот со одгледување марихуана на семејството Заеви. Капитал анализира дека изборот на гувернер на НБРМ ги скара претседателот со владејачкото мнозинство.

Фокус - Премиерот е „хаj“‘ од домашната марихуана

Како екслузивно, Фокус на насловната страница објавува дека „Заеви основале фирма за канабис и во Валандово“, а насловот е прилично предизвикувачки: „Премиерот е „хај“ од домашната марихуана“. Авторот на текстот во неделникот потсетува дека премиерот Заев, на парламентарната седница за пратенички прашања потврди дека неговото семејство преку АД „Еленица“ станало косопственик на светиниколската компанија МАМ, која е лиценцирана за одгледување канабис. Меѓутоа, наведува Фокус, податоците што ги обезбедил неделникот покажуваат дека членови на семејството Заеви, минатата година ја основале и компанијата „Фарма Медика Канабис“ со седиште во Валандово, заедно со неколку партнери, меѓу кои и штипскиот бизнисмен Ивановски, кој паралелно поседувал уште една компанија за одгледување канабис.

Неделникот во рамче го цитира одговорот на премиерот на пратеничкото прашање: „Не е етички да го ставиме Трајче Заев министер или да го вработиме него или некој друг од неговата фамилија, но и тоа како сметам дека е етички членови на семејството Заеви да се занимаваат со ваков вид производство. Тоа е дозволено со закон, не само во Македонија, туку и во најголем број од земјите во светот... “Инаку, од производство на лек од канабис државата очекува нови работни места и 100 милиони евра прилив. Неделникот додава дека премиерот не одговорил колку пари ќе заработат фирмите на неговите роднини од овој вносен бизнис, за кој токму државата доделува лиценци.

Капитал - Изборот на гувернер на НБ на Македонија го скара претседателот со владејачкото мнозинство

Капитал се занимава со најновата „закачка“ на претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов со владејачката коалиција, или како што деновиве гласеа реакциите од ДУИ, „Предлогот на Иванов е уште една негова избрзана, некоординирана и едностарана одлука што ја прави кохабитацијата многу тешка“. „Изборот на гувернер на НБ на Македонија го скара претседателот со владејачкото мнозинство“, насловува неделникот, потсетувајќи дека Иванов предложил реизбор на актуелниот гувернер Димитар Богов, кој беше избран во 2011 година само од тогаш владејачкото мнозинство – 62 пратеника на ВМРО-ДПМНЕ. Притоа не ги консултирал партиите кои сега го имаат мнозинството во Парламентот кој треба и да гласа за неговиот предлог. И потсетува на изјавата на премиерот и претседател на СДСМ, Заев, дека очекувал Иванов, ако не со него, да се консултира со координаторите на пратеничките групи и дека за ова прашање мора да има координација со парламентарното мнозинство од што ќе произлезе конечниот став.

Познато е веќе дека ДУИ неофицијално ја побарала гувернерската функција за поранешниот министер во повеќе ресори, Фатмир Бесими, за што, според Капитал, имала начелна согласност од СДСМ. Ако во меѓувреме претседателот Иванов не достави нов предлог кој би бил прифатлив за парламентарното мнозинство, гувернерската функција може да остане празна до изборот на нов претседател на државата, кој би требало да се избере до мај 2019 година, наведува неделникот.

И самиот Богов деновиве изјави дека Народна банка не може да функционира без гувернер, па јавноста се прашува дали претседателот Иванов не става уште една сопка на Македонија за нејзино нормално функционирање.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG