Достапни линкови

Медиуми - Разединети синдикати и „оптимизам“ за името


Протест / Марш на синдикатите по повод 1 мај во Скопје
Протест / Марш на синдикатите по повод 1 мај во Скопје

Медиумите пишуваат за протестите за работнички права на разединетите синдикати. Тие ги пренесоа и изјавите на премиерот Заев и на грчкиот министер Коѕијас за спорот за името.

Прегледов на дневниот печат го почнуваме со потсетување на критичките наслови во Слободен печат за Денот на трудот кои ја одразуваат нашата реалност: имаме разноразни сидикати, кои на Празникот во спомен на работничкото освестување уште на крајот на 19 век, како да се разбудија, особено оваа година, дури на протестен марш излезе и државниот синдикат, но ниеден од нив ја нема традицијата од 100-200 години, како вицот со англиската трева. Имаме и исплашени работници кои од страв да не ја загубат работата – си молчат. Слободен печат пред Денот на трудот излезе со ироничен наслов: „Синдикатите разединето ќе протестираат за работничките права – Среќен празник на трудот!“, а на насловната, фотографија со скари и со колбаси на нив. На 1 Мај истиот весник наслови: „Одбележани 110 години од синдикалното движење – Скара (ни) за 1 Мај“.

Во електронските изданија на печатените медиуми, инаку, доминираат одговорите на премиерот Заев на новинарските прашања по потпишувањето на Меморандумот за соработка со Женевскиот центар за демократска контрола на оружените сили, а во врска со преговорите за името и почетниот оптимизам за членство во НАТО. Заев сè уште е оптимист, па Нова Македонија, Независен, Вечер и Слободен печат во наслови ги вадат неговите зборови: „Ако не се постигне решение за името, ќе ја донесеме Европа во Македонија“ и дека планот Б се реформите, зашто Владата била избрана да го унапреди животот на граѓаните. Но Вечер вади друга поента од неговите одговори: „Македонија и Грција можат да се договорат пред одржувањето на Советот на ЕУ“. Овие зборови на македонскиот премиер ги цитира и Независен.

Слободен печат објавува делови од интервјуто на грчкиот министер Коѕијас за телевизијата Скај: „Ако нема договор нема да бидеме ние виновни, тоа го знае вселената“. Слободен печат и некои други електронски изданија на печатените медиуми ја пренесуваат информацијата на ТВ Телма за анкетата на МЦМС и Институтот за демократија според која „Никаква промена на името е ставот на мнозинството граѓани“. Мнозинството броело 47 проценти од испитаниците.

Вечер забележува дека Заев по трет пат ја одложил реконструкцијата на Владата и ги следи преговорите на премерот со двете крила на БЕСА и со ДПА на Мендух Тачи за влегување во владиниот Кабинет, па констатира: „Преговорите за реконструкција на Владата станаа покомплицирани од преговорите за името“.

Нови несогласувања за изборот нов гувернер на НБ на Македонија. Независен ја пренесе изјавата на Бујар Османи од ДУИ дека „Фатмир Бесими е најдоброто решение за нов гувернер“, со дообјаснување дека неговата партија нема да го поддржи едностраниот предлог на претседателот Иванов сегашниот, Богов, повторно да седне во гувернерското столче. Османи го обвинува Иванов дека „продолжува да биде деструктивниот фактор во државата зашто не се консултирал со сите партии за својот предлог“.

Во меѓувреме, Чавков излезе по втор пат од притвор, го пренесоа Макфакс Вечер и Нова Македонија. Била прифатена гаранцијата со негов имот дека нема да бега од земјава.

А Путин, на својата инаугурација за старо-новата функција, ги поканил Србите Вучиќ и Додик, но не и претседателот на државата или на Владата на РМ, објави Независен.

Инаку, денеска е Меѓународниот ден на слободата на печатот. Слободен печат во наслов ја објавува оценката на Здружението на новинарите на Македонија: „Нема слободни медиуми со исплашени новинари“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG