Достапни линкови

Богов - НБРМ не смее да се остави без кормилар


Гувернерот на Народната Банка, Димитар Богов вели дека НБРМ не смее да се остави без гувернер, оти тоа би имало низа негативни импликации. Најголемите политички партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се уште не кажуваат дали ќе го поддржат Богов. Јасен став има само ДУИ за која предлогот на Иванов е неприфатлив.

Народната банка не смее да се остави без гувернер, зошто тоа би предизвикало сериозни негативни последици, предупредува првиот човек НБРМ, Димитар Богов. Тој вели дека постојат ситуации за кои надлежност има само гувернерот и никој друг.

„Сите што мислат дека НБРМ може да функционира без гувернер или не се добро информирани или знаат добро во што ја впуштаат македонската економија. Ситуацијата може да биде сериозна, бидејќи некои надлежности на гувернерот се исклучиво негови и не можат да се пренесат на никој друг“, изјави Богов.

Како дел од тие опасности гувернерот ја посочи кризата во банкарскиот сектор во 2015 година, стабилноста на девизниот курс и целокупната макроекономска стабилност. Доколку такво нешто се повтори, а такви шокови, како што рече, секогаш може да се случат, тогаш нема кој да донесе одлука. Тука се и одлуките кои се однесуваат на каматната стапка, на ликвидноста и др. одлуки во банкарскиот сектор.

Богов вели дека му е чест што претседателот Иванов го именувал за уште еден мандат и дека ја прифаќа кандидатурата. Од политичките субјекти очекува да се водат од интересите на државата.

Интересот на политичарите секогаш треба да биде интересот на државата. Ако се има добра волја, ако се седне и се разговара може да се дојде до најдобриот кандидат. Има квалитетни кандидати, решение секогаш може да се најде, единствено треба добра волја и подготвеност да се направи она што е најдобро во моментот и да се има отворен ум за сите можни комбинации, но комбинации кои завршуваат со избор на гувернер“, истакна Богов.

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се уште молчат за тоа дали ќе го поддржат предлогот на претседателот Ѓорги Иванов, Димитар Богов да добие уште еден мандат за гувернер на Народната Банка.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека за ова прашање дополнително ќе се разговара на партиските органи и тела по што ќе го соопштат ставот во јавноста. И премиерот Зоран Заев најави координација дали истиот ќе биде прифатен. Заев потврди дека ќе го консултира парламентарното мнозинство од што треба да произлезе и конечен став кој ќе и биде соопштен на јавноста.

Јасен став засега има само ДУИ која веќе подолго време го предлага поранешниот министер за економија и вицепремиер за европски интеграции, Фатмир Бесими. Вицепремиерот Бујар Османи во интервју за телевизија 24 рече дека ДУИ нема да го поддржат предлогот на претседателот Иванов и ќе се обидат да се координираат и да ги убедат сите политички фактори околу тоа. Османи додаде дека предлогот на Иванов ја искомплицирал координацијата.

Според Уставот Иванов има право да предложи кандидат по свој избор, но за тоа ќе треба да обезбеди поддршка во Собранието.

Во јавноста веќе се појавија реакции дека е можно гувернер да не се именува се додека не се избере нов претседател на државата, пред се поради несогласувањата помеѓу власта и шефот на државата за повеќе прашања. Во случај на вакво сценарио, банката би останала без гувернер скоро една година, што според упатените нема директно да влијае на нејзиното работење, бидејќи функцијата ќе ја преземат вицегувернерите, но, во прашање може да биде доведена нејзината независност.

Доброупатени извори велат дека во услови на длабока политичка криза и влијание на дневната политика во секој сегмент од општеството каква што имавме во изминатите години, НБРМ одигра централна улога со тоа што успеа да ја одржи својата независност. Тие стравуваат дека немањето гувернер, може да влијае во работата на таа институцијата и да ја наруши нејзината независност.

За избор на прв човек на НБРМ потребни се 61 гласа во Собранието. Богов пред седум години беше избран со 62 гласа од ВМРО-ДПМНЕ. Неговиот мандат истекува на 21 мај.

НБРМ останува на став за раст од 3,2 проценти

Инаку на денешната прес конференција посветена на макроекономските проекции за оваа и следната година, Богов истакна дека Народната банка на Македонија ја задржува проекцијата за раст на БДП за годинава до 3,2 проценти и за наредната година до 3,5 проценти. Тој истакна дека носечки фактори за растот во 2018 година се извозот, инвестициите и личната потрошувачка. Проекцијата за инфлацијата исто така останува на два проценти.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG