Достапни линкови

Неделници - Судии, кривични пријави и бизнис со канабис


Он-лајн магазинот Глобус пишува за судиите кои биле на услуга на претходната власт. Неделникот Фокус се осврнува на двете кривични пријава против претседателот Иванов, а Капитал анализира за парите кои се вртат во бизнисот со медицински канабис.

Глобус - Судии, ѓонови и оставки

За „Судии, ѓонови и оставки“ пишува магазинот Глобус за судиите чии имиња се најдоа во најновиот, полугодишен извештај на СЈО, во кој беа спомнати имиња на судии кои им се ставиле на услуга на Никола Груевски и Сашо Мијалков, но кои и по неколку дена од објавувањето, како што пишува, не размислуваат да си поднесат оставки. Авторот на колумната наведува: „Искрено, ниту очекував спомнатите Софија Лаличиќ, Александра Зафировска, Светлана Костова и Јово Вангеловски сами да си заминат од функциите кои сега ги извршуваат и за кои се ’дебело‘ платени од граѓаните на оваа земја“. Па прашува: „Што да се каже на констатацијата на Специјалното обвинителство дека, на пример, судијката Софија Лаличиќ, односно нејзините конекции со извршната власт не завршувале во моментот на нејзиниот избор за судија, туку дека по изборот постои флагрантна повреда на независноста на судството... бидејќи била ставена во функција на задоволување на приватни интереси на свои блиски и ред други, слични обвинувања за на крајот да се заклучи дека таа била сè само не судија“. Глобус наведува и други факти откриени од СЈО, за да констатира дека недавањето оставки на наведените судијки и на судијата Вангеловски може да значи само едно: Образ – ѓон! „Мислам дека листата на СЈО ќе биде ’проширена и надградена‘ со уште многу други имиња на судии, но и на обвинители, а дека нивните имиња наместо во извештаи ќе ги читаме во судски предмети“, завршува авторот на колумната во он-лајн магазинот Глобус.

Фокус - На шефот на државата му загорчи неодамнешното патување во Турција

Најинтересно за неделникот Фокус е тоа што „На претседателот Ѓорѓе Иванов му се закануваат пет години робија“ затоа што се нашол „Во рацете на обвинителите“. Заедно со фотографија на Иванов ова се чита на насловната страница на неделникот. „На шефот на државата му загорчи неодамнешното патување во Турција (н.з: во Истанбул присуствуваше на отворањето на најголемиот аеродром во светот), бидејќи на пат кон дома дозна дека против него се поднесени две кривични пријави заради непотпишување на Законот за јазици, што според уставот требаше да го направи откако Законот и по втор пат беше изгласан во Собранието)“. „Иванов е ставен во небрано“, наведува Фокус, „затоа што неговата партија веќе ја нема контролата врз Обвинителството или Уставниот суд“. Неделникот објавува и интервју со проф. Д-р Ѓорѓи Оровчанец, поранешен член на ВМРО-ДПМНЕ, а потоа член на ВМРО-НП на Љубчо Георгиевски. Тој Преспанскиот договор го смета за фер договор што ни ги отвора евроатлантските перспективи, ВМРО-ДПМНЕ ја опишува како грогирана партија, а за Иванов вели дека со неговите политики направи да бидеме предмет на исмевање како Македонци. Здравството го дефинира како заробено. Ова се поентите од интервјуто со поранешниот министер за здравство, Ѓорѓи Оровчанец што ги наведува Фокус.

Капитал - Канаби(знис) со потенцијал од милијарди евра

Насловната тема во Капитал е посветена на огромниот интерес во земјава за одгледување медицински канабис. Во текстот со наслов: „Канаби(знис) со потенцијал од милијарди евра“ неделникот открива дека досега 13 компании имаат добиено одобренија за одгледување канабис за медицински цели од Министерството за здравство, а уште неколку биле во процедура на добивање дозвола. Според информациите на Капитал, канабис индустријата во Македонија е послана на најмалку 30 хектари што е еквивалентно на 45 фудбалски игралишта, но според инволвираните во бизнисот, доколку се остварат планираните приноси, може да се очекува фирмите да свртат од неколку стотици па и милијарди евра. Од најмалку две берби на цвет од канабис, на површината за која државата досега има издадено одобренија, се очекува принос од 300 тони цвет од кој може да се произведе околу 30 тони масло, а грубите пресметки покажуваат дека извозот на оваа количина произведено масло може да ѝ донесе на земјата прилив од 1,5 милијарди евра, пресметал неделникот.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG